Легислативата наложува законите на една држава да се усогласуваат со Уставот, што значи дека секоја промена на највисокиот правен акт ќе се одрази на законите. Во случајот со законската регулатива на државата, промената на уставното име треба да се примени во сите досегашни и важечки закони на Република Македонија. Во спротивно тие би биле неважечки бидејќи би се однесувале на некоја друга, непостоечка држава?! Законскиот вакуум-простор во Македонија, додека се очекува ратификација на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, создава логични дилеми од типот дали законите донесени во Република Македонија ќе важат и во Република Северна Македонија?
Иако фокусот на вниманието во следењето на политичките процеси поврзани со спроведувањето на спогодбата од Преспа сега е насочен кон Грција, со ништо помал интерес во Македонија и понатаму се анализираат сите аспекти од договорот меѓу кои и претстојната законско-техничка работа за трансформација на државата според новото име, во случај на ратификација на спогодбата од страна на Грција. Дури и откога Собранието ги изгласа уставните измени (кои без претседателски потпис се објавени и во „Службен весник“), со тоа не завршува уставно-законската имплементација на договорот со Грција. Имено, според две алинеи од членот 1, став 3 од спогодбата од Преспа: придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Понатаму, „втората страна ќе го прифати името ’Република Северна Македонија’ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во членот 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка, која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба“.
Легислативата наложува законите на една држава да се усогласуваат со Уставот, што значи дека секоја промена на највисокиот правен акт ќе се одрази на законите. Во случајот со законската регулатива на државата, промената на уставното име треба да се примени во сите досегашни и важечки закони на Република Македонија. Во спротивно тие би биле неважечки бидејќи би се однесувале на некоја друга, непостоечка држава?! Законскиот вакуум-простор во Македонија, додека се очекува ратификација на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, создава логични дилеми од типот дали законите донесени во Република Македонија ќе важат и во Република Северна Македонија? Во екот на најновите политички бранувања поврзани со (не)спорноста на неодамна стапениот во сила Закон за употреба на јазиците, кој треба да важи на територијата на цела Република Македонија, може да се постави прашањето, дали тој ќе може (треба) да се спроведе и во „новата“ Република Северна Македонија?
– Тоа ќе биде процес, кој ќе трае во некој одреден период, но тоа не значи дека ќе бидат укинати постојните закони во Република Македонија. Имено, правен вакуум може да се создаде само ако се укинат законите за да се донесат нови. Дали ќе се политизира процедурата на усогласување на прописите со спогодбата од Преспа, сепак не може да се регулира со закон – вели Драган Гоцевски, професор по административно право и јавна администрација на Правниот факултет при УКИМ.
Според евиденцијата на Министерството за правда на Република Македонија, во досегашната законска регулатива се содржани повеќе од 600 закони, а правната постапка предвидува за секој од овие закони да се носи закон за измени и дополнување на постојниот. Односно, за повеќе од 600 закони, Собранието треба да изгласа закони за нивни измени и дополнувања.
– Законите за измени и дополнување на постојните закони, односно во согласност со спогодбата од Преспа – секаде каде што има повикување на правниот субјект на државата, можат да се носат во Собранието во редовна постапка, во скратена, или во неколку брана. Редовната постапка предвидува три читања на секој закон во Собранието (со расправи во комисии и на пленарна седница), во скратената постапка нема расправа во некоја од комисиите, додека ако се носат во бранови, на една седница можат да бидат донесени десетици закони. Според досегашната практика, ваквата обемна законска реформа, дури и ако е техничка и банална, остава широк простор за политичка компромитација – вели професорот Драган Гоцевски.