Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, оцени дека мерката „Мој ДДВ“ ги дава резултатите за целите за кои е воведена – влијае на намалување на сивата економија и им враќа пари на граѓаните.
Лукаревска рече дека заклучно со 19 септември се скенирани 19.905.878 фискални сметки, остварен е промет од над десет милијарди, вкупниот ДДВ изнесува 1,1 милијарда денари, додека повратот на 15 проценти од платениот ДДВ изнесува 163.977.146 денари или 2.666.000 евра.
– Само во првите месеци од воведувањето на „Мој ДДВ“, јули и август, наплатата на ДДВ е зголемена за 10 проценти во однос на минатата година. Податоците говорат и дека вкупната наплата на даноци од година на година расте. За илустрација, наплатата на вкупниот даночен приход во 2019 година, заклучно со август, изнесува 53,4 милијарди денари што е за 9,2 милијарди денари повеќе, односно за 20,08 отсто повисока во однос на истиот период во 2015 година – рече Лукаревска на вчерашната прес-конференција.
Таа истакна дека повратот на ДДВ кон фирмите се врши редовно и неселективно кон секој даночен обврзник, така што во 2019, заклучно со август, е извршен поврат за 49,7 отсто повисок во однос на 2016 година.
За граѓаните, додаде Лукаревска, се овозможени едноставни и лесни процедури при пријавувањето на годишните даночни пријави преку воведувањето на електронскиот систем е-ПДД.