Индискиот град Алахабад од неодамна е преименуван во Прајаграџ. Додека едни се согласуваат со таквата одлука, критичарите обвинуваат дека таа е дел од поголемата стратегија на Владата да ги промени муслиманските имиња на градовите во земјата за да му удоволи на хиндуистичкото мнозинство
Викаш Панди
Како се викаш? Од каде си? Ова се најчестите прашања во Индија кога почнувате разговор со некого. Мојот одговор на второто прашање отсекогаш беше Алахабад, индискиот град од каде што потекнуваат и првиот премиер Џавахарлал Нехру и боливудската легенда Амитабх Бачан.
На ова прашање повеќе нема да можам да одговорам со Алахабад зашто градот беше преименуван во Прајаграџ. Алахабад се наоѓа во северната сојузна држава Утар Прадеш, со која владее хиндуистичката националистичка партија, Баратија Џаната или Индиска народна партија (БЏП). Владата на сојузната држава соопшти дека одлуката била донесена за да се врати стариот идентитет на градот како главен хиндуистички центар за аџилак. Лидерите на БЏП не се согласуваа со фактот што 435 години старото име на градот му било дадено од муслимански лидер.
Алахабад беше именуван од муголскиот цар Акбар. Градот беше административен, воен и културен центар на Муголското Царство, кое владееше со најголемиот дел на Индија и на Пакистан во 16 и 17 век. Ова практика продолжи за време на британското колонијално владеење и по стекнувањето независност во 1947 година, така што градот остана да важи за главен политички и културен центар во северна Индија.
Тој сè уште игра голема улога во хиндуистичката религија. На секои 12 години се одбележува празникот Кумба Мела во близината на местото каде што се соединуваат двете свети реки Ганг и Џамна. Настанот, кој привлекува десетици милиони верници, честопати се опишува како најголемиот верски собир во светот. Луѓе од сите религии доаѓаат да ги пречекаат верниците, а на стотици тезги може да се проба бесплатна храна за време на празникот.
Во историјата на Алахабад еднакво се вклучени Индусите, муслиманите и христијаните. Секој дел од градот има свој удел во историјата, од Ананд Бхаван, палатата на Нехру, Сангам, каде што се спојуваат двете реки, па до гигантската тврдина изградена од Акбар, со која се спречиле поплавите и градот станал привлечен за живеење.
– Токму затоа е тешко да се замислат овие места со друго име. Сите овие места го претставуваат Алахабад – вели наставникот Азимур Сидики.
Зошто тогаш е променето името на градот?
– Во 2019 година ќе се одржат парламентарни избори и се чини дека оваа одлука се донесе за да се задоволи хиндуистичкото мнозинство – смета тој.
Но ова не е прва ваква одлука. Владата на Утар Прадеш неодамна ја преименуваше прочуената железничка станица во британската ера „Мугалсарај“ во „Диндајал Упадјаја“, идеологот на БЏП. Министерот на државата изјави дека дистриктот Фајзабад ќе се преименува во Ајодја. Потоа Владата на БЏП во Гуџарат порача дека сакала да го промени името на најголемиот град во државата од Ахмедабад во Карнавати.
Многумина сметаат дека преименувањето на Алахабад е само продолжение на политиката на партијата да ги промени муслиманските имиња на градовите. Но БЏП, која исто така ја предводи националната влада во Делхи, инсистира дека одлуката за преименување на Алахабад нема никаква врска со политиката бидејќи Прајаграџ било „вистинското име“ на градот. Партијата тврди дека само сака да ја „поправи историјата“ зашто Акбар го променил името на Прајаграџ во Илахабад (што значи место каде што живее Алах) во 1583 година. Но историчарите велат дека тоа не е целосно точно.
Професорот Н. Р. Фаруки, кој е и бивш заменик-ректор на Универзитетот во Алахабад, вели дека неколку историски документи и книги докажуваат дека Прајаграџ никогаш не бил хаотичен град. Тој вели дека Прајаг, исто така се споменува како Џунси Прајаг во некои книги и бил позната дестинација за аџилак. Местото се споменува во неколку хиндуистички ракописи, но никогаш како град. Тој додава дека Акбар ги поставил темелите на новиот град во 1574 година и го именувал Илахабас. Тој изградил огромна тврдина и служела како административен и воен центар за управување со северна Индија. Следната генерација на мугалски владетели го нарекувале Илахабад и на крајот, Британците почнале да го нарекуваат Алахабад поради полесен изговор.
Но во локалните хинди и урду-јазици остана името Илахабад. Градот сведочи за многу историски настани во периодот од 1574 година досега. Мугалските владетели продолжиле да го користат градот како регионален центар на моќта. Тој одигра важна улога во движењето за слобода на Индија додека домот на Нехру, Ананд Бхаван, се претвори во „штаб“ на независните лидери, а подоцна на Конгресната партија.
Во првите неколку децении откако Индија стана независна, градот прерасна во главен културен и политички центар. Многу истакнати хиндски писатели, политичари, актери и јавни службеници од градот станаа легенди во нивните сфери. Алахабад беше заедничката нишка во нивните успешни приказни. Но сега таа повеќе не постои.
– Неверојатно е како во толку мал град се родија толку многу легенди за државата. Не беше важно дали херојот од градот беше муслиман или Индус, сите го величаа – вели професорот Чатурведи.
Тој го признава името Прајаграџ, но смета дека граѓаните секогаш ќе се идентификуваат со Алахабад.
– Несомнено е дека градот секогаш ќе биде главен хиндуистички центар за аџилак без разлика дали го нарекувате Прајаграџ или не. Но бришењето на името Алахабад ќе ја убие душата на градот. Едноставно не можете да избришете историја од 500 години. Алахабад не е само име, туку чувство што го носи секој човек што пораснал во градот – се согласува професорот Фаруки.
Станува збор за чувство што сите го делат. Суреш Јадав, бивш студентски лидер, верува дека градот и натаму ќе ги зачува различните идентитети.
– Во градот се негуваат сите религии, но сепак е главен хиндуистички културен центар. Ништо нема да се смени. Алахабад ќе си го задржи идентитетот – вели тој.
Професорот Раџеш Кумар Синг исто така се согласува со одлуката на БЏП да го преименува градот.
– Мислам дека е добра одлуката да се врати културниот идентитет на градот. Името Прајаграџ покажува дека градот бил важен хиндуистички центар и многумина веруваат дека Владата ја донела вистинската одлука – вели професорот Синг.
Но многу од жителите на градот тешко ја прифаќаат таквата одлука. Тие отсекогаш се гордееле што се нарекуваат граѓани на Алахабад. Еден од најпознатите урду-поети се нарекувал себеси Акбар Алахабади. Тешко дека големиот поет ќе го прекрстат сега во Акбар Прајаграџи.
Држави со најбрз мобилен Интернет
Норвешка има најбрз мобилен Интернет во светот, со брзина на преземање податоци (даунлоадирање) од 67,17 мегабити во секунда (Мбит/с), додека Исланд е на второто место, со 67,05 мегабити во секунда. САД се на далечното 43-то место, со просечна брзина на симнување од 30,49 мегабити во секунда, според анализите на „Спидтест“ на „Укла“.
За споредба, за да може да се гледаат содржини на Нетфликс со ултрависок квалитет (УХД), потребен е интернет-пристап со брзина од 25 мегабити во секунда. Брзините на преземање содржини се очекува значително да се променат наредната година, кога се очекува да заврши првата фаза од воведувањето на мобилната мрежа од петтата генерација (5Г).