Насилните протести, безредија и грабежи, предизвикани од најавеното поскапување на метро-билетите во Сантијаго, се одраз на незадоволството на населението од високите трошоци за живот и од нееднаквоста, велат експертите
Најмалку седум лица настрадаа во повеќедневните безредија и грабежи во Чиле, а претседателот Себастијан Пињера оцени дека земјата е во состојба на „војна“.
– Ние сме во војна против моќен и немилосрден непријател, кој не почитува ништо и никого и е подготвен да користи насилство и злосторства без никакви ограничувања – порача Пињера.
Војската и полицијата употребија солзавец и водени топови против демонстрантите, а во поголемите градови е воведен полициски час. Вонредна состојба веќе е во сила во Сантијаго и се очекува да се прошири на градовите од северот и југот на земјата. Безредијата, предизвикани од сега веќе откажаното зголемување на метро-билетите, се проширија во повеќе градови и го одразуваат општиот гнев на населението предизвикан од зголемените трошоци за живот и нееднаквоста, посочува Би-би-си.
Најмалку пет лица загинаа откако ограбувачи запалија фабрика за облека во близината на главниот град на Чиле, Сантијаго. Противпожарните служби соопштија оти нашле пет тела во фабриката за облека, запалена во безредијата во едно предградие на главниот град. Претходно беше објавено дека три други лица загинале во пожар во супермаркет во Сантијаго.
Министерот за внатрешни работи Андрес Чадвик изјави дека најмалку седум лица загинале во инциденти поврзани со протестите, без да даде повеќе детали. Според властите, во земјата се регистрирани 70 сериозни инциденти на насилство, вклучувајќи и 40 грабежи на супермаркети и други фирми. Две лица, исто така, добиле прострелни рани по судири со полицијата.
– Ние се соочуваме со вистинска ескалација, која несомнено е организирана за да предизвика сериозна штета на нашата земја и животот на секој нејзин граѓанин – изјави министерот за внатрешни работи.
Тој додаде дека околу 10.500 полицајци и војници се распоредени на улиците и дека досега се извршени над 1.400 апсења.
Во неколку града демонстрантите запалија повеќе автобуси, ги демолираа метро-станиците и се судрија со полицијата. Властите воведоа полициски час и прогласија вонредна состојба во повеќе области за да можат да ја ограничат слободата на движење на луѓето и нивното право на собирање. Во Сантијаго речиси целиот јавен превоз е суспендиран, а некои летови на меѓународниот аеродром се откажани или презакажани. Најмалку една линија од градското метро се очекуваше повторно да биде отворена откако целиот систем беше затворен викендот поради штетите предизвикани за безредијата што ја погодија една од најстабилните земји во Латинска Америка во изминатите децении.
Претседателот Пињера, конзервативен милијардер, е критикуван за одговорот на протестите, кои претставуваат најголема криза во неговиот досегашен мандат. Тој во своето телевизиско обраќање изјави дека луѓето што предизвикуваат пожари, поставуваат барикади и ограбуваат се „криминалци“.
– Свесни сме дека тие што стојат зад безредијата имаат одреден степен на организација, логистика, типичен за една криминална организација. Ги повикувам сите сонародници да се обединат во оваа битка против насилството и деликвенцијата – порача тој.
Пињера, кој ја презеде функцијата лани во март, откако веќе беше претседател од 2010 до 2014 година, распореди војници и тенкови првпат по 1990 година, кога Чиле ја врати демократијата по диктатурата на Августо Пиноче. Тој изминатиот викенд го запре најавеното поскапување на билетите за метрото во Сантијаго, нагласувајќи дека „понизно“ го слушнал гласот на сограѓаните. Критичарите од позицијата, пак, го обвинија Пињера дека со своите „неодговорни и патетични“описи на демонстрантите како „криминалци“ само ги разгорува насилствата, иако се согласни дека снимките од насилните судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите изгледа како да се од воена зона
Би-би-си во своја анализа посочува дека како што протестите се интензивираат, актуелната реторика на Пињера само ги намалува шансите за дијалог меѓу спротивставените страни. Според британскиот сервис, безредијата ги разоткрија поделбите во Чиле, една од земјите со најголемо богатство но и со најголема нееднаквост во регионот, поради што често е цел на повици за итни економски реформи. Најновата криза следува по огромното незадоволство изразено од универзитетите и училиштата во земјата поради недоволно финансирање.
– Не се работи за политички партии. Мислам дека луѓето се лути и ова е нешто што вриеше веќе подолго време – изјави демонстрантката Констанца Гонзалез.