Не е нималку чудно што повеќето од делата на Чингиз Ајтматов се филмувани. Автентичните предели и ликови во неговата проза се доловени со визуелна точност, што едноставно мами да биде пренесена на подвижните слики. Драмската напнатост меѓу неговите ликови се гради постепено, низ детали, за кои отпосле, во текот на читањето, откриваме дека се набиени со значење. Генетички длабоко врзан за својата прататковина (татко Киргиз, мајка Татарка), Ајтматов е роден познавач на селидбите и јазикот.
Еве што за тоа пишува самиот Ајтматов во „Белешките за себе“: „… Баба ми, која мене, својот внук, постојано ме доведуваше кај себе, во планините, на летните селидби на номадите, жена извонредно привлечна и паметна, која во аилот (селото) беше почитувана од секого, беше за мене вистинско азно од бајки, старински песни, приказни и преданија. Ги гледав селидбите на номадите онакви какви што беа некогаш. Номадството – тоа не е само селидба со стада од едно место на друго туку голема ритуална домаќинска прослава… Не знаејќи ни самата, баба ми ми ја всади љубовта кон мајчиниот јазик. Мајчин јазик! Што сѐ не е речено за него! А чудото на мајчиниот јазик е необјасниво. Само поимот ’мајчин јазик’, кој сме го запознале и совладале во детството, може да ја исполни душата со поезија родена во искуството на народот, да ги разбуди во човекот првите извори на национална гордост, да му донесе естетско уживање со многумерноста и многузначноста на јазикот на предците“.
Таа стварност на преселбите и јазикот во детството се впиваат како сунѓер, а потоа, со годините, се кристализираат во литература со длабоки душевни и духовни својства. Вреди да се верува во бајките, порачува литературата на Ајтматов, дури и кога тие трагично завршуваат. Зашто во бајките се скриени мудростите на светот, напластени од генерации прераскажувачи. Зашто бајките ги промовираат нематеријалните вредности на животот, токму поаѓајќи од „поуките“ на животното искуство. Не би можело да се каже дека Ајтматов е само бајковит писател, но неговиот стил на пишување го владее читателот со едноставна убедливост.
Годинава се одбележува 90-годишнина од раѓањето на големиот киргиски автор, кој преку своите многубројни преводи се стекна со читатели и почитувачи на неговото дело низ целиот свет. Творечкиот талент на Чингиз Ајтматов е препознатлив и скапоцен како на еден од големите модерни класици на современата светска книжевност.