Во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, со почеток во 19 часот, утре премиерно ќе биде изведена претставата за деца „Волшебникот од Оз“. Работена е според вонвременскиот текст на Лиман Френк Баум, а во адаптација и режија на Микица Илова.
– Претставата за деца „Волшебникот од Оз“ претставува возбудливо патување во светот на бајките со оригинална сценографија и автентични костими и што е најважно во неа играат деца, а е наменета за учениците од прво до петто одделение од основните училишта и, се разбира, за сите љубители на театарот. Во оваа авантуристичка приказна се опишуваат главните двигатели во животот: љубовта, домот, храброста и паметот. Ова е бајка во која секое дете би посакало да отпатува.
Ликовите на многу автентичен и оригинален начин ги толкуваат учениците од средните училишта во Кавадарци. Иако се деца од 16 години, тие се покажаа како вистински професионалци, длабоко влезени во своите ликови – вели режисерката на претстават Микица Илова.
Таа дополни дека подготовките за претставата, вклучувајќи ги тука адаптацијата на текстот и изработката на костимите и сценографијата, траеја само два месеца.
– „Волшебникот од Оз“ е претстава со позитивни и негативни ликови, која ѝ дозволува на детската публика да одреди дека во животот доброто го победува лошото. Секој лик е носител на важна порака, која сакам да ја пренесам не само на малата публика, туку и на возрасните. Малата Дороти е главниот лик и преку нејзината улога се создава возбудата кај децата да посакаат да патуваат и да дознаваат нови нешта.
Заклучокот сепак е дека од домот нема поубаво место. Сите деца имаат право понекогаш да го посетат тој волшебник од Оз, да ги запознаат Плашилото, Лимениот Човек и Лавот. Но најважно е што претставата ја пренесува пораката дека треба да сакаме и да бидеме сакани, да другаруваме со срце, да мудруваме со глава и да се охрабруваме со знаење – додава Илова.
Костимите ги изработи Микица Илова, а оригиналната сценографија ликовниот уметник Трајче Јованов. Во претставата играат: Розе Милкова, Мартин Гогов, Сашко Орешков, Александар Стојанов, Микица Илова, Смиља Бошкова, Софија Маркова, Благица Илиева, Трајче Јованов и Стојанче Ванѓелов.