Дали вработените во трговија ќе добијат слободни денови како и останатите Фото: Игор Бансколиев

Додека во голем број балкански земји според примерот на повеќето развиени европски држави сѐ поретко се работи во неделите или, пак, се водат кампањи за враќање на неделата како неработен ден, во Македонија никој досега не се заложил посериозно за ова прашање, барем во оние дејности во кои тоа е можно

Повторно враќање на неделата како неработен ден за сите граѓани, особено за оние што работат во малопродажба и кои најчесто работат во текот на викендите, се предлага во голем број балкански земји според примерот на повеќето развиени европски држави. Така, впрочем, беше и во Македонија до пред триесетина години. Во Македонија никој досега не се заложил посериозно за враќање на неработната недела, барем во оние дејности во кои тоа е можно.

– Кампањата според која недела треба да биде неработен ден за сите работници, веќе подолго време кружи во регионот и таа во многу наврати е поддржана од КСС. И не само неделата, КСС се залага и за намалување на работното време и тоа на 7 часа, сметајќи дека работниците би биле многу попродуктивни и попрофесионални во извршувањето на своите работни задачи. Голем број светски студии и истражувања го потврдија тоа – велат претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Претставниците на конфедерацијата додаваат дека со сите свои ресурси и потенцијали секојдневно им помагаат на членовите што бараат помош за нарушени права.

– Според нашите анализи, тужбите за заштита на работничките права се за трипати зголемени во последната година. Одредени работодавци од приватниот сектор ја користат ситуација за зголемување на профитот, на сметка на експлоатација на работникот, во што се вклучени инспекциските служби, кои за исто право носат два различни заклучоци, што укажува на нивната стручност и политизираност или, пак, за притисок при вршење на инспекцискиот надзор – велат од КСС.

Според Законот за работни односи, во Македонија полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно и притоа работната недела трае пет работни дена.

– Работодавецот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. Работодавецот е должен за секое воведување прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот – стои во Законот за работни односи.

Претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека во согласност со законските одредби работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците што се определени како слободни денови и за другите со закон определени слободни денови.

– Според Законот за работни односи ова правото на работникот може да му се ограничи, ако производствениот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден и во овие случаи работодавецот е должен за секое воведување работа на државен празник претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот. Исто така, законодавецот уредил дека работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато со тоа што ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата – појаснуваат од ССМ.

Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството чиј потписник е Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата, уредил дека oсновната плата на работникот се зголемува по час најмалку за 50 отсто за работа во ден на неделен одмор. Со овој договор е уредено оти за работа на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 проценти. Инаку, во текот на изминатиов период вакви кампањи или, пак, предлози од владините институции имаше во Хрватска и во Црна Гора, а минатата година забрана за работа во големите трговски центри во недела воведе Италија, при што владините претставници одлуката ја правдаа со враќање на традицијата на семеен собир во недела. Една општина во Хрватска веќе почна со примената на предлогот на неработна недела за продавниците и пекарниците, каде што, исто така, беше посочено оти станува збор за заштита на традиционалните семејни вредности. Со измени во Законот за внатрешна трговија и Црна Гора воведе забрана за работа во недела и за празници за трговците на големо и на мало. Владините претставници посочиле дека на овој начин работодавците ќе ги намалат трошоците за одржување, а вработените во трговијата ќе добијат слободни денови како и другите работници. Ограничување на работното време на трговските центри во недела е воведено и во Полска.


Не се плаќа за работење во неработни денови

Од Сојузот на синдикатите на Македонија за своето членство обезбедуваат бесплатна правна заштита од областа на работните односи, при што во текот на 2018 година се евидентирани 1.637 обраќања на членови на ССМ од кои 840 се однесувале на неисплатени плати и надоместоци и неуплатени придонеси од плата.
– Некои од овие обраќања се и во врска со неисплатен или помалку исплатен надомест на плата за работа на празник и на ден на неделен одмор. Во врска со обраќањата на работниците, правните застапници на ССМ и синдикатите ги презедоа сите законски мерки за заштита на работничките права, дадени се совети, водени се судски постапки, изработени се барања, приговори и поднесоци – појаснуваат од ССМ.
ССМ настојува по пат на обуки, семинари и советувања да ја издигне свеста на работниците за потребата и значењето од синдикално организирање во насока на унапредување и заштита на работничките права.
– Континуирано им укажуваме на работниците правата од работен однос да ги остварат внатре во компаниите и секогаш кога тие неосновано не им се овозможени потребно е да поднесат приговор до соодветните органи во компанијата. Исто така ССМ смета дека и за работодавците и за работниците од особено значење е уредувањето на работноправните односи да се врши по пат на социјален дијалог со склучување колективни договори на сите нивоа – појаснуваат од ССМ. Доколку работодавците без оправдани причини и спротивно на законот и на колективниот договор не ги почитуваат работничките права, работниците треба да се обратат до Државниот инспекторат за труд или да поведат судска постапка за заштита на своите права.


Построго ќе се контролира управувањето со државните пари

Преку обезбедување сеопфатен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се овозможи подобро управување со јавните средства, поголема отчетност и ефикасност во нивното трошење, беше заклучено на вчерашната конференција во Министерството за финансии.
Имено, на конференцијата пред претставници на Европската комисија, ОЕЦД и СИГМА, беше презентирана „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор“, односно стратегијата за идниот развој на јавната внатрешна финансиска контрола.
– Со секоја реформа вообичаено се поставува прашањето за користа од она што се презема. Во конкретниов случај станува збор за неколку исклучително важни работи: поуспешно, поефикасно и поодговорно трошење на парите од буџетот на државно и на локално ниво, стратегиско планирање на финансиите, поквалитетни контролни механизми, сузбивање евентуални неправилности во користењето на јавните финансии, зголемување на транспарентноста и отчетноста – нагласи министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој посочи дека јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со Европската Унија.
– Тоа поглавје, според искуството на некои од земјите од регионот, е меѓу посложените во однос на усогласувањето со меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Меѓутоа, нашата земја досега има спроведено неколку твининг-проекти за јавната внатрешна финансиска контрола, така што очекувам дека подготвено ќе ги дочекаме преговорите – истакна Тевдовски.
Како што вели тој, земјата сега има сеопфатна национална стратегија како треба да се спроведува внатрешната контрола во јавната администрација.
– Претстојните реформи, без сомнение, ќе придонесат за потранспарентно и отчетно носење на одлуките и поефикасно трошење на јавните пари – спомена Рејмонд Хил, тим-лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот директорат за буџет во Европската комисија.

[email protected]