Основните природни фактори што влијаат на успехот во риболовот секако се и годишните времиња, времето во денот, нивото и бојата на водата, метеоролошките промени, мрестењето на рибите…

Пролетта главно ја карактеризира многу високото ниво на реките, поради топењето на снегот на планините. Тоа е период што риболовците не го сакаат, бидејќи реките се излеваат, а терените за риболов се непристапни. Од друга страна, пак, езерата заживуваат, рибите се придвижуваат и почнуваат да бараат храна приближувајќи се кон крајбрежјето.


Во овој период температурата на водата уште е ниска, што ја прави рибата помалку подвижна, а како таа излегува од зимскиот пост, станува помалку пребирлива кон храната. Со загревањето на површината на водата, почнува пролетното струење од дното кон површината, кое ги крева хранливите состојки од дното, така што горните слоеви стануваат преполни со храна за рибите.
Летото се карактеризира со нагло загревање на површинските слоеви на водата, што им пречи на разните видови пастрмки, кои, пак, почнуваат да се кријат во подлабоките вирови и во подводните карпи каде што има ларви и водни инсекти, кои се и нивна основна храна. Најуспешни резултати во риболовот на пастрмката во овој период се постигнуваат наутро.

Ситната риба во овој период е во плитките места, а крупната на влезот или на излезот од вировите. Од грабливците, лете најинтересен е сомот, кој интензивно лови 24 часа дневно, иако најдобри резултати се постигнуваат попладне и пред да се стемни или рано наутро, додека ја има утринската свежина. Смуѓот и штуката во овој период се просечно активни во мирните води. Белата риба интензивно се храни чистејќи ја тревата од камењата, додека шаранот се лови претежно ноќе.
Есента е главно добра за риболов, особено пред обилните дождови и порастот на реките. Септември за многу риболовци е најомилениот месец во годината. Мушичарите уживаат ловејќи убави примероци, пред сѐ пастрмки со суви мушички. Ова е период кога рибите се подготвуваат за зима, па така се јавуваат и одредени капитални примероци, кои се честа цел на грабливци, кои, пак, лесно го наоѓаат посакуваниот плен.


Зимата е период на помладите риболовци. Точно е дека зимскиот период носи најмногу млади риболовци, ако се изземе ноќниот риболов, оти фаќањето риби ноќе е почесто во текот на летото и на есента. Сепaк, овој период риболовците го користат и како подготвителен период за претстојнaта сезона.