Обожаваните австралиски кенгури сега се контроверзни штетници
Тие се скокачки икони на Австралија. Исто така уништувачи на природата и предизвикувачи на сообраќајни незгоди. Дали убивањето кенгури е решение на овој континент е прашање што го отвора „Нешнал џиографик“.
Црвените кенгури опстојуваат на суви пасишта, како што се во националниот парк Штур. Австралија е дом на 25 милиони луѓе и околу 50 милиони кенгури.
– Мајката кенгур и нејзиното малечко скокаат низ главната улица за да се нахранат од трева што расте во близината на бензинската станица. Оваа глетка е невообичаена. Се прашувам дали овие кенгури се нечии миленици – вели екологистот Џорџ Вилсон, кој веќе пет декади ги изучува.
Во последно време Австралија има комплицирана врска со националниот симбол. Се ангажираат луѓе што навечер убиваат колку што можат повеќе кенгури.
Кенгурите се најголемите харизматични животински видови што скокаат.
Австралијците се горди на нив. Овие животни се ѕвезди во многу филмови, книги, песни… Нивниот лик ги краси грбот на континентот, банкнотите, многу фирми, авиокомпании, униформи и многу други работи. Но во Австралија има двојно повеќе кенгури отколку луѓе. И многу Австралијци ги сметаат за штетници. Особено не ги сакаат земјоделците, затоа што им ги уништуваат земјоделските култури.
Австралиска осигурителна индустрија изјави дека кенгурите се причина за повеќе од 80 проценти од над 20.000 сообраќајни несреќи пријавени секоја година.
За да се заштити континентот, многумина го сметаат убивањето како единствено решение за баланс на екологијата.
За подобрување на руралната економија, владината индустрија за санкции, базирана на комерцијалната намена на месото од кенгур, извезла 29 милиони долари во производи во 2017 година и поддржала околу 4.000 работни места.
Денес во 56 земји се извезуваат месо и кожа од четири вида – источни сиви, западни сиви, црвени и обични валури. Глобалните брендови, како што се „Најки“, „Пума“ и „Адидас“ купуваат еластична кожа од кенгур за да произведат атлетска опрема. И месото од кенгур, кое некогаш се продавало главно како храна за миленичиња, го наоѓа својот пат во сѐ повеќе продавници за храна и ресторани, и тоа по високи цени.
Но многу хуманисти се категорични дека не постои хуман начин за производство на црвеното месо. Сепак противниците на индустријата се малцинство. Тие сметаат дека кенгурите не претставуваат опасност на континентот. Малите бавно растат, а многу и умираат. Бројот им се зголемува само за 10-15 проценти годишно, и тоа само под најдобри околности.
– Тие ја газат оваа земја многу подолго од луѓето. Како може нешто што е тука со милениуми да ја уништи Австралија? Јас не ја разбирам логиката во тоа – вели активистот Двејн Банон Харисон.
Лицата што се ангажираат за убивање кенгури прво поминуваат обука и ги добиваат сите потребни информации. И, секако, на крајот од работата не смеат да ја надминат квотата што им е дадена за убивање.
Бред Купер три дена во неделата оди на работа кога заоѓа сонцето. Работи од шест до осум часа. Првиот кенгур го убил на пет години. Неговата цел е во една вечер да убие 30 кенгури. Неговиот рекорд е 104 во една ноќ. Тој добива 70 центи за килограм. Некои ноќи може да направи илјада долари.
– Нема ништо нормално во оваа работа. Ноќите се чудни, работата брутална – вели Купер.
Во текот на изминатите 200 години, менаџирањето на кенгурите значи убивање кенгури. Многумина сметаат дека треба ресетирање на таа филозофија.
– Популацијата се смени. Студиите велат дека има двојно повеќе кенгури од луѓе, но тие исчезнуваат од дивината. Едноставно се појавуваат таму каде што се луѓето – велат екологистите.
Може ли да се смират спротивставените ставови на Австралијците кон кенгурите? Џорџ Вилсон вели дека кога кенгурите би биле во приватна сопственост, би се третирале како средства и повеќе би се ценеле.