Пролетта е единственото годишно време, кое како ниедно друго во нас буди желба за креирање, создавање и за промени. Ова е идеално време за освежување на домот користејќи бои низ елементите на мебелот, текстилот или бојата на ѕидовите.
При изборот на боите во домот, најпрво е потребно да одберете базна боја. Препорачливи се сивата во различни тонови, крем-бојата или боја на млечно кафе. Можете да користите и други бои, но задолжително водете сметка да се совпаѓаат со боите што ќе ги внесувате како комбинација понатаму.
Типично трендовски пролетни бои се жолтата, портокаловата, сината во светли и во темни нијанси, зелената и црвената. Која било од овие бои одлично ќе се совпадне со гореспоменатите базични бои.
Ако сте љубител на експресивен ентериер и на необични комбинации, искористете ги трендовските пролетни бои во трпезаријата. Комбинација од овие бои на маса за јадење со столчиња, може да создаде одличен визуелен ефект.
За малку подискретен нагласок, комбинирајте различни ткаенини на двоседот, троседот или на фотелјата, од кои една може да биде во изразито зелена боја. Другите елементи треба да бидат во мирна боја или шарени, но со ситни детали што ќе ја содржат избраната доминантна боја.
Уште помирна атмосфера ќе добиете доколку играте со декоративните перничиња на седечката гарнитура, која е во една од базните бои. Комбинирајте перници во различни бои посебно ако гарнитурата за седење е поголема. Ваквата комбинација овозможува интензивна игра на елементите и боите на ѕидовите. Користете слики, полици и декоративни предмети за изразување на зоната на ѕидот.
Просторот ќе добие колористичка свежина и доколку поставите тепих во интензивна боја, која ќе ја искомбинирате со клуб-масичката. Тепихот може да биде еднобоен или со шара. Во ваквите комбинации обрнете внимание тепихот и столчињата да содржат исти бои за да се чувствува нивната меѓусебна поврзаност. Сините нијанси во комбинација со златни тонови можат да бидат елегантни и впечатливи во исто време.
Црвената боја е многу специфична во своето изразување, па затоа задолжително комбинирајте ја со некоја од основните базни бои и не претерувајте со количеството декоративни предмети во собата и на ѕидовите. Пожелно е да се комбинираат повеќе нијанси на црвената боја, од силно темна до светла, што дополнително ќе го изгаси интензитетот на бојата.
Која било од споменатите комбинации ќе внесе убава промена во вашиот животен простор. Освен тоа, ваквите промени не бараат многу време и пари, па затоа можат да си ги дозволат повеќето од домаќинствата.