Според аналитичарите, сега е потребна кохезија во општеството, политичка, етничка, научна, културна, буквално секаква, за да може да се покажат единство и цврстина на ставовите дека нема попуштање кога станува збор за идентитетот, историјата и јазикот на еден народ. Блокадата од Бугарија е вонполитичко прашање, нивните услови се неприфатливи за граѓаните, како и за која било политичка сила во земјава, дури и, според оцените на експерти по меѓународно право, нивните барања имаат противправен, попластично кажано, криминален карактер!

НОВА ДОКТРИНА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Бугарија ја оствари заканата и го блокира евроинтегративниот процес на Македонија, нанесувајќи тежок удар врз односите меѓу двете земји, што, разбирливо, предизвика разочараност меѓу македонските граѓани, како и неизвесност во која насока ќе се движи понатаму државата.
Сепак, се чини дека во услови кога земјава е блокирана во евроинтеграциите, кога корона-кризата го доживува својот врв, кога економијата е исправена пред голем број предизвици, конечно е дојден моментот во државата да се постигне целосна кохезија на општеството и сета енергија да се насочи кон справувањето со внатрешните проблеми и предизвици, како спроведување на реформите, борба со корупцијата, справување со корона-кризата, владеење на правото, почитување на човековите права.
Блокадата од Бугарија е вонполитичко прашање, нивните услови се неприфатливи за граѓаните, како и за која било политичка сила во земјава, дури и, според оцените на експерти по меѓународно право, нивните барања имаат противправен (попластично кажано, криминален) карактер, така што нема никаква логика за евентуалните политички конфронтации во земјава. Барањето оставки по таа основа во овој момент води само кон дополнителен раздор и поделби, ја турка земјата во политичка криза и се заканува целосно да запрат реформите, што, од друга страна, ќе им даде дополнителни аргументи на противниците на проширувањето дека земјава не е подготвена за преговори.

Таквиот развој на настаните им одговара на некои од соседните земји, особено на Бугарија, во кои сè уште не се заборавени идеите за големи држави и кои сериозно сметаат на распаѓање на Македонија и припојување на нејзини делови, без оглед на фактот што земјава е веќе членка на НАТО.
Токму поради тие причини сега е потребна кохезија во општеството, политичка, етничка, научна, културна, буквално секаква, за да може да се покажат единство и цврстина на ставовите дека нема попуштање кога станува збор за идентитетот, историјата и јазикот на еден народ.
Згора на тоа, таквото единство ќе го засили и моментот за спроведување на неопходните реформи, овозможувајќи приближување кон европските вредности тука дури и без Европа.
– Потребен е внатрешен консензус на власта и опозицијата за тие прашања, што на некој начин е нужен и, во нормални услови, е политички очекуван и очекуван од политичката култура и претпоставен од сите национални приоритети и интереси – смета универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски.
Според него, без оглед на ветото од Бугарија и неотворањето на пристапните преговори, треба да се продолжи реформскиот процес.

– Мислам дека ние прво и основно треба да продолжиме со нашите реформски агенди што би биле отворени и со пристапните преговори. Таа работа треба да ја завршиме внатре, особено екипите за преговарање, кои ни се ровки, или не се комплетирани или некаде не се дури составени. Таа домашна работа треба да ја направиме како да сме исклучени од целиот процес на блокада, како тој да не постои. Во таа смисла треба да го одржиме интензивното темпо на работа внатре, и тоа ни е важно – нагласува Фрчкоски.
Тој додава дека во овој момент најмалку се потребни политички конфронтации и барање одговорност.
– Внатрешниот консензус треба да се постигне така што ако на оваа опозиција тоа ѝ е тешко да го постигне, барем имплицитно да го стори тоа. Нема друга политика што ние би ја воделе кон Бугарија освен оваа што се води, таа е баш национална во таа смисла, важна. Тука треба да се постави еден политички зрел консензус, ако им е незгодно јавно да го кажат тоа, треба имплицитно да се создаде едно единство по таа политика внатрешно, но не со хистерична антибугарска реторика – смета Фрчкоски.
Според него, дипломатијата мора да ги користи сите пријателски клучни земји што може да влијаат врз Бугарија.
Симонида Кацарска од Институтот за европски политики смета дека во земјава треба да се дефинираат јасни визии и врз таква основа да се продолжи дијалогот со Бугарија.

– Ние не можеме физички да се отстраниме и дислоцираме од тоа дека Бугарија ни е сосед на истокот. Ние, во секој случај, ќе мора да водиме одредени форми на дијалог, колку и да бидат тие непријатни, со јасно дефинирани црвени линии, бидејќи тоа е она што го прават развиените земји – истакнува Кацарска.
Универзитетскиот професор Живко Андревски вели дека максималното достигнување на Македонија во рамки на односите со ЕУ е да биде одличен сосед на Унијата, а од ЕУ да очекува дека таа треба да биде добар сосед кон неа.
– Ние треба да ги продолжиме елементите на комуникација со ЕУ, Македонија да ги преземе во вистинска смисла европските вредности што се содржани во сите поглавја, а завршница сепак би била дека може да биде само сосед со ЕУ – вели Андревски.
Според него, со зачувувањето на комуникацијата со ЕУ и постигнувањето некакви европски стандарди тука на некои пократки патеки, ќе се зачува хомогеноста на народот тука, за да не се подели и распарчи.