Како да се избориме со горештините е прашањето што изминатиов период сите си го поставуваат. Оние што имаат можност да отидат и да се разладат во езерските или во морските води секако дека го направиле вистинскиот избор, но оние што сѐ уште мораат да чекорат по жешкиот асфалт наоѓаат различни алтернативи како да се спасат од топлото време, а, тоа, сепак, да не влијае на нивното здравје. Современиот начин на комуникација овозможува да се пронајдат искуства на луѓе од светот, кои ги споделуваат на социјалните мрежи, но не се забораваат и начините на кои генерациите пред нас се справувале со топлите бранови
Од експерименти пронајдени на Интернет, па до традиционални методи од времето на нашите предци се користат како начини граѓаните да се справат со горештините, кои изминатиот период ја зафатија Македонија. Чадорите за сонце, шапките, лежалките и базените речиси цел јули беа во сенка на чадорите за дожд, зашто лошото време со секојдневни врнежи не дозволуваше посета на летните туристички места. Дури и полиците со производите за заштита од сонце остануваа полни. Тропските температури и вистинското летно време стигнаа со задоцнување, дури во месец август, па сите се обидуваат максимално да ја искористат летната шема, за да го надоместат пропуштеното.
Како да се избориме со горештините е прашањето што изминатиов период сите си го поставуваат.
Оние што имаат можност да отидат и да се разладат во езерските или во морските води секако дека го направиле вистинскиот избор, но оние што сѐ уште мораат да чекорат по жешкиот асфалт наоѓаат различни алтернативи како да се спасат од топлото време, а тоа, сепак, да не влијае на нивното здравје.
Така, изминатите денови сѐ почесто може да видиме луѓе со чадори во рацете за да се заштитат од сончевите зраци, како и такви со шишиња вода, кои ја гасат жедта.
Современиот начин на комуникација овозможува да се пронајдат искуства на луѓе од светот, кои ги споделуваат на социјалните мрежи, но не се забораваат и начините на кои генерациите пред нас се справувале со топлите бранови.
– Преку ден не излегувам надвор без шапка на главата и без шише ладна вода. Имам обичај секоја вечер да седам на балкон, каде што постојано тече вода. Тоа е мојот најдобар избор за ладење, зашто немам климатизер во домот. Како спас од комарците користам ќесичка лаванда – вели скопјанката Весна Трајковска.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека изминатите денови времето во земјата ќе биде сончево со мала до умерена облачност во високите делови. Утринската температура ќе се движи од 12 до 20 степени, а дневната температура од 26 до 36 степени. Дежурниот синоптичар изјави дека и во следните денови се очекува да продолжи периодот на сончево и топло време.
Поразлична не е ниту состојбата во европските земји, каде што веќе се бараат најразлични начини како луѓето да се справат со горештините.
Влажноста во воздухот предизвикува спарина
Славчо Попоски е млад метеоролог, чии метео-анализи се хит на социјалните мрежи. Секојдневно ги следи облачните маси и системи над европскиот континент и најновите прогнози ги објавува на својот фејсбук-профил. Стана познат откако пред две години ги предвиде големите поплави во скопскиот регион, по што доби голема доверба кај граѓаните.
Според него, зголемените температури изминатите денови се нормални за овој период од годината. Дури смета дека температурите овој август се потпросечни за овој период од годината, односно од минатата.
– Температурите овој период низ државата се движат од 28 до 36 степени. Се очекува истата состојба да продолжи до крајот на следната недела. Со мали промени така ќе остане и до крајот на месецот. Исклучок можат да бидат повисоките планински места, каде што се очекуваат краткотрајни дождови, проследени со грмежи и со град – вели Попоски.
Пред десетина дена, како што вели метеорологот, регионот на Балканот бил зафатен со црноморски циклон, па затоа имало чести врнежи и нагли разлики во температурата.
– Сега е зголемена влажноста во воздухот, што предизвикува спарина, па затоа на граѓаните чувствуваат дека температурата е екстремно висока, но не е така. Токму влажноста во воздухот предизвикува кај луѓето тежина, главоболка и ги прави нервозни – додава Попоски.
За септември предвидува намалување на температурата, поврнежливи денови нешто што е нормално за тој период од годината, зашто веќе настапува есенскиот период од годината.
– Температурата ќе се движи од 20 до 30 степени. Времето во глобала нема да се разликува од тоа и во другите балкански земји – додава метеорологот.
Колапси на работни места
Докторите велат дека секоја година високите температури влијаат негативно на здравјето на луѓето, ја влошуваат состојбата кај лицата што страдаат од кардиоваскуларни болести, респираторни болести, ментални нарушувања. Тоа доведува до зголемување на стапката на морталитет во летните месеци кај ранливите групи на населението, а тоа се стари лица, хронично болни лица, доенчиња и работници на отворено.
Но можат да се јават и акутни ефекти како резултат на изложеност на високи температури, како што се сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем и други. Сите овие негативни ефекти се превентабилни, односно можеме да ги спречиме ако се придржуваме кон препораките на докторите.
Од скопската брза помош соопштуваат дека изминатиот период дневно интервенираат кај 80 до 100 случаи, најчесто кај хронично болните, кај кои најлесно се влошува состојбата од високи температури.
– Се случува во текот на еден ден да интервенираме кај два до три случаи на колабирани лица и тоа на нивните работни места. Најчесто тоа се пациенти што во текот на денот работат во надворешни услови или го менуваат просторот на работа, па им се случува да им се слоши ако долго време биле надвор изложени на високи температури, а потоа влегле во затворен простор изладен од климатизер. Во деновите каде што температурата е висока пациентите најмногу се жалат на висок крвен притисок, на вртоглавици, главоболки, малаксаност – истакнуваат докторите од брза помош.
Како да се однесуваме на високи температури?
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат дека од 10 до 17 часот кога е најтоплиот период од денот да се избегнува напорна физичка активност, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, да се консумира големо количество течност, да се внесува помало количество храна, која не содржи многу маснотии и шеќер, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, да се носат заштитни очила и капа, и да се престојува во затворени климатизирани простории на температура од 23 до 25 степени.
– При престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на сонце, да се избегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци. Пред употреба задолжително треба да се мијат свежиот зеленчук и овошје, и да се прави термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така приготвената храна да се стави во фрижидер на четири степени, а пред употребата да се загрее на 100 степени. Треба да се избегнуваат производи што термички не се обработени, а особено да се внимава со консумација на сладолед и разни кремови – се истакнува во препораките.
Се препорачува при чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, да се консумираат вода или негазиран минерален пијалак, да се побара помош, да се оди на постудено место колку што е можно побрзо и да се измери телесната температура. При болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, потребно е да се оди на студено место и да се консумира течност што содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.
Во Азија температури над 47 степени
Делови од Европа и од Азија деновиве се соочуваат со невообичаен високи температури, а во голем број земји издадени се предупредувања поради горештините. Во Португалија горештините се предизвикани од топлотниот бран од Сахара, а најавена е температура од 47 степени. Во Полска електроцентралите работат под посебен режим поради зголеменото користење на вентилатори и клима-уреди, а во Варшава граѓаните се советувани да не ги напуштаат домовите ако не мораат. Австрија поради подолгиот период на суша има проблем во снабдувањето со вода за пиење, поради што почна да увезува вода. Во 18 италијански града е објавен црвен аларм бидејќи се очекува температурата на воздухот да се искачи до 40 степени Целзиусови. Предупредување се издадени за Рим, Милано, Џенова, Верона, Венеција и други градови.
Невообичаено високи температури забележани се и на азискиот континент. Северна Кореја повика на „сеопфатна битка“ против рекордно високите температури, кои се искачија до 40 степен. Во Јужна Кореја исто така се забележани рекордни горештини, над 39 степени, што можеби се највисоки во последните 110 години.
Германците најинвентивни
И европските земји трагаат по начини како да разладат за време на високите температури, кои ги зафатија изминатите неколку недели. Покрај препораките од здравствените институции, Европејците смислуваат различни идеи како да се спасат од топлотните бранови. Така, најинвентивни во тоа се Германците, каде што со денови температурата не паднала под 35 степени, па во таа насока некои супермаркети им овозможиле на потрошувачите двеминутен престој во магацинските ладилници по цена од три евра. Исто така, топлотниот бран во Германија предизвикал рекордна продажба на клима-уреди, мобилни климатизери и вентилатори.
Разладување во базените и во аквапаркот
Скопјани за време на викендите се најчести посетители на базените во градот. Едно од најчестите места за разладување е аквапаркот во состав на спортската сала „Борис Трајковски, каде што се случува во еден ден да има и по 1.200 посетители.
Одговорните во аквапаркот велат дека оваа сезона го зголемиле бројот на реквизити за во вода, па затоа и очекуваат зголемен број посетители.
Ако минатиот месец, за време на дождливите денови биле продавани само по дваесетина карти, сега за време на работните денови се продаваат по 700 билети, додека за време на викендите бројката расте и до 1.200 продадени билети.
Најчесто посетители се фамилијарни луѓе, со мали деца, но не се исклучени и тинејџерите и младите.