Викендов не стивнаа реакциите во домашните медиуми по ратификувањето на договорот од Преспа во грчкиот парламент. Како и за други прашања, така и овој пат партиите имаат спротивставени мислења за промената на името.
– И покрај сите притисоци гордо се именуваме како Македонија и Македонци, и покрај сите неправди, преку нашите спортисти светот нѐ именуваше и препознаваше како Македонија и Македонци. И беше вака додека не се појави Зоран Заев, човек, кој единствено поради личен интерес и заштита на криминалот прифати смена на името во Северна Македонија. Затоа избори на кои народот ќе одлучи дали е за понижена Северна Македонија или достоинствена и успешна Република Македонија! – напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Во реакцијата на најголема опозициска партија беше посочено дека „промената на името, Уставот, идентитетот, јазикот и откажувањето од сѐ што е македонско само за СДСМ е добра вест“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев и Димитров го навредија и потценија македонскиот народ и, според нив, договорот е капитулантски, бидејќи со него се откажуваме од сѐ што е македонско и затоа овој договор ниту е, ниту ќе биде прифатлив.
– Овој договор е директен удар на темелите на државноста и го поткопува уставниот поредок на Република Македонија. Целата јавност виде како Зоран Заев од опозиција се колне во сопствените деца и предци дека нема да прифати промена на уставното име. Сега од позиција на власт Зоран Заев без срам го промени неговиот став и прави непроценлива и неповратна штета. Заев не се бори за европските вредности, напротив тој и неговиот криминален картел на власт се борат за наместените тендери, корупцијата и криминалот кој царува.
Токму затоа Зоран Заев наместо декларативно и лажно да се залага за ЕУ, треба веднаш да си замине од власт пред штетата која и ја нанесува на Македонија да биде ненадоместлива. Граѓаните заслужуваат да живеат подобро. За Македонија да оди напред СДСМ мора да замине што поскоро – се наведува во соопштението на партијата.
Од друга страна, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев осврнувајќи се на изгласаниот договор од Преспа, истакна дека македонските и грчките граѓани треба да бидат горди.
– Со прифаќање и спроведување на одредбите од договорот од Преспа, победници се сите граѓани на двете земји, но и граѓаните од целиот регион.
Победници се и оние што се противеа на договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство, исто како и за прогресивните припадници на народите на двете земји. Упатувам благодарност и на членовите на парламентите на двете земји. Решивме спор што ни го прикажуваа како нерешлив – посочи Заев, додавајќи дека минатото лето беше потпишан договорот на кој работеле тимови и со кој сите добиваат.
Според него, сега двете земји имаат суштинско пријателство и се во мисија на зближување на граѓаните и народите на двете земји.
– Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и со вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство. Сите ние добро знаеме дека не беше лесно. Но беше повеќе од потребно, крајно потребно за двете земји и за двата народа. Нужен влог за децата и граѓаните да ни живеат подобро – истакна Заев.
Меѓу другото, тој додаде дека сега сме фактор на стабилност и безбедност, дека влегуваме во НАТО и дека сме подготвени за економија.
Претседател на Демократската унија на Албанците, Али Ахмети, вчера го објави своето писмо испратено до посредникот Метју Нимиц, во кое тој се навраќа наназад низ годините на средбите што се одржувале во насока за пронаоѓање решение за спорот со Грција, а на самиот финиш му напишал: „Дојде денот да ти кажам бидна“.
– Охрабрувајќи те да ги продолжиш напорите кон решение, ти реков дека ќе влезеш во историјата, дека ќе се паметиш како човекот што изгаси едно големо кризно жариште, овозможи мир, сигурност, стабилност и иднина за мојата земја. Еве каде сме денес, победници. Можеби истрошени, но победници. Посветени низ годините и невремето, но драг мој пријателе, се заврши и оваа работа. Ние сме се среќавале често и двајцата никогаш не го изгубивме нашиот фокус за да го тргнеме овој тежок камен од нашите плеќи, ова силно стегнато јаже околу нашите вратови што не држеше во заложништво скоро три децении.
Како што кажа и ти самиот, кога се постигнува компромис, ниту еден не излегува танцувајќи, но јас се чувствувам комотен со постигнатите резултати и сум уверен дека овој историски договор ќе ги постави темелите на заемната доверба и добра волја и ќе им служи добро и на Скопје и на Атина на патот кон заедничката иднина – напишал Ахмети.
Тој додал дека заедно го постигнале овој успех за да се интегрира земјата во НАТО и во Европската Унија. Сепак, Ахмети истакна дека останува предизвикувачки патот да ги браниме слободата и заедничките вредности за човечките слободи и права, демократијата, солидарноста и владеењето на правото. П.Р