Распределбата на исплатените 42.568.620 денари на 11 печатени медиуми во рамките на владината програма за поддршка на печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2018 година беше претставена од страна на министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, на вчерашната прес-конференција одржана во Владата на Македонија.
Две од пристигнатите 13 барања се одбиени поради неисполнување на потребните критериуми. За програмата за поддршка на медиумите беа предвидени вкупно 50 милиони денари од буџетот за 2018 година, а истата сума е предвидена и за 2019 година. Од програмата за 2018 година се исплаќаа трошоци за печатење и за дистрибуција, врз основа на фактури за 2017 година. На „Нова Македонија“ ѝ се исплатени 6.183.000 денари, „Слободен печат“ 14.277.742 денара, „Битолски весник“ 244.500 денари, „Заман“ 903.092 денара, ДИТ „Зенит прес“ ДОО Прилеп 287.343 денари, „Капитал“ 2.115.614 денари, „Коха“ 4.932.157 денари, „Вечер“ 7.255.047 денари, „Лајм“ 1.043.912 денари, „Фокус“ 4.624.438 денари и на „Економија и бизнис“ 701.105 денари. Одбиени се барањата на списанието „Порта 3“ и на културното здружение „Визиони М Шења“.
– Владата дава силна поддршка за плурализмот во медиумите и затоа ќе се подготвиме и понатаму за наоѓање транспарентни и системски решенија во инклузивен процес со сите засегнати страни во сферата на медиумите. За идната година ќе бидат отстранети сите мали недоследности што ги забележавме за време на реализацијата и ќе бидат допрецизирани критериумите кај кои има потреба, во соработка со Здружението на печатени медиуми. Владата е отворена за поддршка на медиумите, на новинарската професија и на медиумските работници, без притоа да помисли да врши влијание врз уредувачките политики. Од тие причини споменав дека доколку дојде предлог за друг вид поддршка за преостанатите медиуми, на истиот начин, во прецизна постапка ќе ги согледаме предлозите и ќе се обидеме да најдеме заедничко решение – истакна Поповски.
Дулови: Асоцијацијата ќе формира солидарен фонд
Претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми, Лирим Дулови, ја посочи важноста од програмата за поддршка.
– Можеме да кажеме дека надежта за печатените медиуми во Македонија се врати. Во соработка со Владата успеавме да најдеме таков модел што во иднина ќе ја олесни нашата работа. Би сакал да истакнам дека речиси во сите земји од ЕУ веќе подолг период владите им помагаат на печатените медиуми, а Македонија со оваа мерка го следи ваквиот пример. Моделот беше понуден од членките на Асоцијацијата на печатени медиуми и со консензус ги усвоивме критериумите за помош. Нашата асоцијација одлучи да формира солидарен фонд во кој сите членки ќе издвојат дел од добиените средства за помош на медиумите што не добија помош бидејќи не ги исполнија потребните услови – кажа Дулови.