РАКОМЕТ

Првиот човек на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, како единствен кандидат, ја доби поддршката на сите делегати на Конгресот, за втор мандат на чело на европскиот ракомет. Австриецот првпат беше избран за претседател во 2016 година кога го замени Французинот Жан Брио, а претходно од 1992 година беше генерален секретар на ЕХФ.
– На овој конгрес избравме членови за следните четири години. Беа презентирани, дискутирани и поднесени многу предлози. Ова значи дека имаме здрава основа за нашата работа во следните четири години. Ги знаеме нашите задачи и знаеме што треба да сториме – рече Видерер.
„Европската ракометна иднина“ беше слоганот под кој се одржа 15-от Конгрес на Европската ракометна федерација, на кој освен изборот на раководните позиции важна точка на дневниот ред беше извештајот за Европскиот ракометен план, претставен на Европското првенство во јануари минатата година.