Арсен Венгер, кој на крајот на сезонава ќе го напушти Арсенал по 22 години, период во кој на тимот од Лондон му донесе три шампионски премиерлигашки титули, вчера против Барнли последен пат ги предводеше „топџиите“ на домашен терен, на стадионот „Емирати“. Во последните две кола, Арсенал им гостува на Лестер и на Хадерсфилд.
Во интервју за „Скај спорт“, Венгер, пред последниот натпревар дома рече дека сѐ уште верува во успешната иднина на Арсенал.
– Клубот десетина години минуваше низ тежок период поради изградбата на новиот стадион, но по 2016 година, ми се чинеше дека повторно ќе биде доволно финансиски моќен за да се бори за титулата. Не можев да претпоставам дека некои ривали ќе отидат на уште повисоко ниво и ќе ни ја отежнат задачата. Но јас верувам дека Арсенал наскоро ќе се бори и ќе ја освои титулата во Премиер-лигата – рече Венгер.
Имајќи предвид колку години има (68), неизбежно се наметнува прашањето што планира за во иднина.
– Не знам дали ќе паузирам, сите опции се отворени. Јас не може да го замислам животот без фудбал, дури и ако не работам, јас ќе гледам натпревари секој ден. Тоа нема да се промени. Но за голема одлука, потребно е малку време, бидејќи 22 години живеев многу интензивно – вели Венгер, кој веднаш по доаѓањето во Арсенал во 1996-та постави високи стандарди, кои подоцна не успеа да ги задржи.
Трите освоени ФА-купа во последните пет години од неговата ера во Арсенал до одреден степен се некаква утеха, но многу посилен, негативен впечаток остава фактот дека тимот две сезони едноподруго не успеа да се квалификува за Лигата на шампионите (ЛШ), ниту пак им беше конкурентен на ривалите како Челзи, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, па и Ливерпул.