Постојат сопственици што се целосно посветени на препораките од нивните ветеринари и навремено ги вакцинираат и третираат своите миленици, но преостанатиот дел не ја сфаќа доволно сериозно ситуацијата и има одбивност кон вакцинирањето
Вакцините се едни од најголемите откритија во хуманата и ветеринарната медицина. Исклучително се важни и неопходни за превенирање болести што се неизлечиви или тешко излечиви. Долгорочна цел на вакцинирањето е создавање т.н. колективен имунитет и ерадикација на болестите.
– Милениците се поотпорни на инфективните болести против кои тие се вакцинирани. Нивниот организам веќе има создадено специфични антитела што ги запираат или отежнуваат развојот и патолошкиот ефект на одредени вируси и бактерии. И покрај контактот со инфективните агенси, милениците може да избегнат комплетно појавување на болеста. Сопствениците на тој начин и самите може да се заштитат од болести што се заеднички за милениците и за луѓето (зоонози), а со овој чекор ќе ги избегнат и евентуалните трошоци за лекување на миленикот од нив – вели докторот по ветеринарна медицина Дарко Кузмановски од Брвеница.
Според него, постојат сопственици што се целосно посветени на препораките од нивните ветеринари и навремено ги вакцинираат и третираат своите миленици, но преостанатиот дел не ја разбира доволно сериозно ситуацијата и има одбивност кон вакцинирањето.
– Дел од тоа се должи на немањето желба да се издвојат потребните финансиски средства за вакцините, а дел на погрешни информации за вакцините што кружат меѓу луѓето. Во ветеринарната медицина во Македонија, реалната состојба е накаде на средината – вели Кузмановски.
Тој додава дека вакцината е незаобиколна доколку сакате да го зачувате животот на вашиот миленик.
Вакцинацијата на кутрињата треба да започне меѓу четвртата и шестата недела од животот. Најдобро е првата да содржи антигени на вирусот на штенечак и парво-вирусот. Следуваат уште две-три ревакцинации во интервал од 21 ден. Покрај штенечакот и парво-вирусот, ревакцината ги покрива и лептоспирозата и инфективниот хепатитис кај кучињата.
Мачињата може да ја примат првата поливалентна вакцина против вирусот на панлеукопенија, калицивирусот и мачешкиот херпесвирус на возраст од шест до осум недели, по што следуваат две-три ревакцинации во интервал од три до четири недели. Ветеринарите имаат различни практики во однос на тоа кога се дава првата вакцина и колку ревакцинации следуваат во зависност од епизоотиолошката состојба на теренот каде што работат.
– Заеднички за сите е тоа што првата вакцинација против вирусот на беснило е законски регулирано да се спроведе врз цела популација кучиња и мачки на возраст од четири до шест месеци, а потоа секоја наредна година на истиот датум во текот на целиот живот на миленикот – посочува Кузмановски.
Вакцинирањето на возрасен пес се извршува еднаш годишно. За жал, сѐ уште е доста раширено верувањето дека е доволно кучињата да се вакцинираат против заразни болести само додека се млади. Меѓутоа, факт е дека и возрасните пси можат да забoлат од овие болести. Вакцинирањето против беснило (со мртва вакцина), кое е задолжително, почнува со неполни три месеци, а се повторува секоја година, додека ловечките кучиња се вакцинираат против беснило двапати годишно.