Буфон (41), кој се врати во Јувентус од ПСЖ и потпиша нов, едногодишен договор, ќе ѝ се придружи на малата одбрана дружина од седум легенди што играа фудбал и во петтата деценија од животот
Легендарниот фудбалски голман Џанлуиџи Буфон (41) се враќа во Јувентус, по една сезона во Франција, во ПСЖ. Со „старата дама“ тој освои девет титули првак на Италија и четири купа, а сега потпиша едногодишен договор. Буфон немаше многу успешна сезона во ПСЖ, бранеше само на 25 меча во сите конкуренции, но имаше удел во освојувањето на новата титула првак на Франција. За репрезентацијата на Италија тој има 176 настапи, а во Германија во 2006 година ја освои титулата светски првак.
Како и да е, Буфон ќе ја продолжи извонредна кариера барем за уште една сезона, за него 25-та сезона како професионалец. Му недостигаат уште осум првенствени меча за да го престигне Паоло Малдини, кој е рекордер со 647. Буфон, кој заслужува почит за сѐ што постигна во кариерата, ќе ѝ се придружи на малата одбрана дружина од седум фудбалски легенди што играа фудбал и во петтата деценија од животот.
На таа ветеранска листа се Велшанецот Рајан Гигс, сонародниците на Буфон, Дино Ѕоф и Паоло Малдини, Јапонецот Казујоши Миура, Англичанецот Стенли Метјуз, Бразилецот Ривалдо и Камерунецот Роже Мила.
Гигс целата кариера ја помина во Манчестер јунајтед, каде што одигра 632 натпревари, постигна 109 гола, освојувајќи притоа 13 титули во Премиер-лигата, четири ФА-купа и две титули првак на Европа.
Малдини, како и Гигс, настапуваше само за еден клуб, Милан. За 25-те сезони тој одигра неверојатни над 1.000 меча во сите конкуренции, освои седум титули првак на Италија и неверојатни пет европски титули.
За тоа дека голманите се долговечни потврда е и Ѕоф, кој на 40-годишна возраст во 1982 година во Шпанија беше капитен на италијанската репрезентација, која стана светски првак. Најдобрите години во кариерата Ѕоф ги помина на голот на Јувентус, со кој освои шест „скудета“.
Миура, или Кралот Казу (52), е единствениот покрај Буфон што уште е активен, во дресот на второлигашот Јокохама, клубот со кој во јануари потпиша нов договор. Тој е највозрасниот фудбалер што постигнал гол на официјален меч, а за Јапонија одигра 89 натпревари.
Пред Миура, Метјуз беше рекордерот во категоријата највозрасен играч, стрелец. Во дресот на Стоук и на Блекпул, Метјуз одигра близу 700 меча во периодот од три децении. Финалето на ФА-купот во 1953 година, Блекпул – Болтон, 4-3, го нарекуваат „финале на Метјуз“, иако Стан Мортенсен постигна хет-трик за победничкиот тим. Тој е првиот што бил прогласен за најдобар европски фудбалер, во 1956 година. За Англија одигра 84 натпревари.
Најуспешните години Ривалдо ги помина во Барселона, но иако ретко, сепак, настапуваше и по навршените 40 години во локалниот бразилски тим Можи Мирим, заедно со синот. Со Барса освои две титули првак на Шпанија, а со Милан беше првак на Европа во 2003 година. Со Бразил стана светски првак во 2002 година на Мундијалот во Јужна Кореја и во Јапонија.
Мила, кого го сметаа за еден од најдобрите африкански фудбалери на сите времиња, на СП 1994 во САД, на 42 години, стана највозрасниот стрелец во историјата на светските првенства. На претходното СП 1990, во Италија, постигна четири гола за Камерун, кој стигна до четврт-финалето.