Иако според податоците од Државниот завод за статистика, бројот на дипломирани студенти минатата година е зголемен за 3,6 отсто во однос на 2016 година, а доктори на науки станале 209 граѓани, што е за 6,1 отсто повеќе од предминатата година, сепак, најдобриот македонски универзитет на Шангајската листа, УКИМ, не е меѓу првите 500 најдобро рангирани универзитети
Кога се зборува за квалитетот на високото образование во Македонија, зачестеноста на инцидентите поврзани со прекршување на прописите главно на приватните универзитети оди во прилог на генералниот став за девалвација на дипломите што произлегуваат оттаму. Последниот инцидент на Меѓународниот универзитет во Струга (МУС), кој им се случил на шести јуни, годинава, на инспекторите Ѓорѓи Илиевски и Зоран Ристески од Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, повторно го актуализира проблемот за валидноста на дипломите што се издаваат на некои од приватните универзитети во Македонија.
Имено, двајцата инспектори, пред некој ден, од страна на ректорот на МУС, Армен Кадриу, биле грубо спречени да извршат повторен инспекциски надзор за утврдување на спроведувањето судска одлука донесена во 2015 година по пријавата од МВР за постоење фалсификувани дипломи на универзитетот.
– Во 2015 година, по пријавата од МВР за постоење фалсификувани дипломи на МУС, како инспектори на Државниот просветен инспекторат бевме повикани да извршиме инспекциски надзор. Тогаш констатиравме дека има стотици студенти од странство (од Турција), кои студираа на МУС, а кои биле запишани без во Македонија да им бидат нострифицирани дипломите од претходното образование што го стекнале во нивната земја. Во учебната 2013/2014 година имало 175 студенти од Турција без нострифицирани дипломи, а таа бројка во учебната 2014/2015 се зголемила на 646 студенти. Исто така, беше констатирано дека на тој универзитет, од 2009 до 2012 година биле издавани дипломи за завршен втор степен студии, без да бидат нострифицирани дипломите од првиот степен студии, издадени од странски универзитети. За оваа затекната состојба, во 2015 година беше информиран и тогашниот министер за образование, како и Одборот за акредитација и евалуација – раскажуваат инспекторите.
Во меѓувреме, како што велат, универзитетот вложил жалба на записникот од инспекцискиот надзор до второстепената комисија при МОН и до Управниот суд, кои ја одбиваат нивната жалба како неоснована.
– Но подоцна Вишиот управен суд ја уважува нивната жалба, поведувајќи се од законската одредба дека сите студенти (и странски, и домашни) ги имаат истите права. Сепак, според членот 159 од Законот за високото образование, странските студенти можат да бидат запишани на студии на македонските универзитети, откако ќе им бидат нострифицирани дипломите за претходно стекнатото образование во странство – ја објаснува предисторијата на причините за инцидентот на МУС, вишиот инспектор од Државниот просветен инспекторат, Ѓорѓи Илиевски, кој истакнува дека инцидентот е пријавен и во полицијата во Струга, по што била поднесена и кривична пријава.
Инспекторите Илиевски и Ристески велат дека тоа не е единствената неправилност, односно прекршување на одредбите од Законот за високото образование, констатирана на МСУ. При друг инспекциски надзор, извршен во 2016 година, било констатирано дека е направен избор за доцент и вонреден професор на МУС, без да биде нострифицирана неговата докторска диплома од универзитетот во Нови Пазар (Србија). Станува збор за сегашниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, чија сопруга е всушност сопственик на Меѓународниот универзитет во Струга.
– Тврдам дека станува збор за организиран криминал, кој се спроведува на МСУ, и за да се расчисти таа заплеткана ситуација, таму, со асистенција на МВР, треба да влезат Државниот просветен инспекторат, Финансиската полиција и Трудовата инспекција – вели инспекторот Илиевски.
Само еден ден по инцидентот во Струга, СВР Куманово поднесе кривични пријави против неколку лица од приватна високообразовна установа во Македонија поради тоа што на 33-годишниот М.Б. од Куманово му било овозможено да се стекне со диплома на, како што се вели, нелегален начин, односно без вистински да ги полага испитите. Кривична пријава е поднесена и против него, бидејќи тој со лажната диплома се вработил и напредувал во Управата за безбедност и контраразузнавање. Кривични пријави се поднесени против М.Б. (33) од Куманово, генералниот директор на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, Б.С. (36), ректорот на Институтот Д.Н. (71) од Пробиштип, против Институтот како правно лице и против В.М.Н. (59), вработена во Државниот просветен инспекторат како советник-државен просветен инспектор.
Освен овие најнови афери на приватните универзитети, кои секако го поткопуваат авторитетот на високото образование во Македонија, на јавноста ѝ е познат и случајот на странските студенти на универзитетот МИТ, на кои им било ветено дека ќе бидат запишани на студии за кои всушност универзитетот немал добиено акредитација. Без согласност од странските студенти, тие сепак биле запишани, но на други студиски програми, за кои универзитетот имал акредитација.
– Покрај работата на некои приватни универзитети, треба да се преиспита и работата на универзитетите „Апостол Павле“ во Охрид и на „Мајка Тереза“, иако се државни универзитети. Одборот за акредитација е должен да направи евалуација дали овие универзитети ги исполнуваат условите за нивно функционирање. На наведените универзитети ќе биде констатиран недостиг од наставен кадар, а ако навлеземе подлабоко со инспекцијата, верувам ќе бидат откриени и некои министри што се здобиле со некакви дипломи на овие спорни универзитети. Дури и МАНУ во својот извештај ги констатира намалените критериуми и опаѓањето на квалитетот во високото образование – вели просветниот инспектор Илиевски.
Иако според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија, бројот на дипломирани студенти минатата година е зголемен за 3,6 отсто во однос на 2016 година, а доктори на науки станале 209 граѓани, што е за 6,1 отсто повеќе од претходната година, сепак најдобро пласираниот македонски универзитет на Шангајската листа, УКИМ, воопшто не е меѓу првите 500 најдобро рангирани универзитети на светот. Дека воопшто не е завидна позицијата на македонското високо образование во светска конкуренција говори и фактот дека Универзитетот во Ниш, Србија, кој секогаш бил со послаба репутација од скопскиот „Св. Кирил и Методиј“, веќе е меѓу првите 500 универзитети во светот, рангирани на Шангајската листа. Сосема е логично дека докажаните случаи и сомневањата за фалсификувани дипломи, „растегливите“ стандарди за запишување студенти, непотврдените (ненострифицирани) дипломи во македонскиот образовен систем, па и на докторати… фрлаат голема сенка врз веродостојноста на знаењето и на интелектуалните вредности што ги продуцира македонското високо образование. Македонското општество е презаситено од продуцирање лажни вредности и сведување на образованието на едноставна пазарна трансакција: ако платиш повеќе – секако добиваш диплома! Може и валидна, но и фалсификувана! Веќе не е потребно да се чека на резултатите од лошото инвестирање во високото образование, тие стигнуваат речиси секојдневно. Одборот за акредитација во високото образование треба конкретно да го преиспита исполнувањето на критериумите на македонските универзитети и да преземе мерки за подигнување на нивото на квалитетот на високото образование.