Првите 20 милиони денари поддршка од Програмата за конкурентност на Министерството за економија пред две недели им се исплатени на вкупно 81 компанија. Сопственичката структура на фирмите не била услов за доделување на средствата, но може да биде дополнително побарана.
Како што соопшти вчера министерот за економија Крешник Бектеши, тој не е поврзан со ниту една од овие компании, а формирана е специјална комисија, која на терен ќе проверува дали се реализираат пријавените инвестиции.
– Процедурата за оваа мерка беше завршена пред да се објави поддршката од Фондот за иновации и апликациите во рамките на Агенцијата за странски инвестиции. Можам да ви ја доставам листата на сите компании што добиле средства, но треба да се има предвид дека во Министерството за економија средствата се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“ – кажа Бектеши.
Тој појасни дека не била побарана изјава од компаниите дали има функционери во нивната сопственичка структура, зашто процедурите биле завршени, а комисијата ги донела одлуките пред еден месец.
– Во однос на конфликтот на интереси, за мене лично можам да кажам дека ниту еден од моите роднини или блиски не аплицирал за овие мерки. За другите функционери, формиравме комисија, а истовремено ќе ја побараме и сопственичката структура на сите компании што добија средства. Ако има конфликт на интереси, ќе објавиме, но и вие може да ја побарате сопственичката структура, вклучувајќи го и управителот на компанијата – нагласи министерот.
Според Бектеши, во моментов нема прецизна анализа колку од компаниите што добиваат државна помош остануваат во живот и работат, но извесно е дека поголемите, познати во јавноста, само растат и се доразвиваат.
Според министерот, има две причини поради кои лани згаснале околу 2.000 компании, како што покажа извештајот на НБРМ. Едната причина е политичката криза, а другата е постапката за бришење на нефункционалните компании од Централниот регистар, која го намали за околу 14 отсто бројот на блокирани трансакциски сметки.
Осврнувајќи се на поддршката од Програмата за конкурентност, министерот информира дека е огромен интересот кај фирмите. На досегашните повици пристигнале голем број апликации, а повеќето од нив ги исполнуваат потребните услови. Средства добиле 128 компании. Оние што ги исполнуваат условите а не добиле средства ќе бидат поддржани со евентуалниот ребаланс на годинашниот буџет или со буџетот за следната година.
Бекташи се осврна и на руската блокада за праските, истакнувајќи дека не навлегува дали е тоа политичка одлука или не, но додаде дека ако Русија продолжи со мерките, Македонија ќе бара други пазари, како што е Европската Унија.
– Македонија е насочена кон НАТО и ЕУ, а ако Русија става блокади, ќе бараме нови пазари. Имајќи предвид дека најмногу соработуваме со ЕУ, која е и нашиот најголем трговски партнер, како и со нашите соседи, ќе најдеме други пазари – истакна Бектеши.