Оваа 2019 година Германија слави еден век од основањето на школата „Баухаус“. Иако постоела само 14 години, легендарната школа има влијание и денес. Таа важи за најефектниот извозен производ на германската култура на 20 век
На ретроспективата во лондонската галерија „Тејт модерн“ може да се видат делата на Ани Алберс, која ги направи некои од најдобрите дела во областа на таписеријата. Кога се пријавила во познатата германска уметничка школа, ја упатиле да учи како се работи таписерија затоа што така често знаеле да ги насочуваат студентките. Студентите, пак, ги поттикнувале да се запишат на архитектура или сликарство. Валтер Гропиус, основачот на уметничката школа „Баухаус“, ги повикувал жените да студираат, затоа што тие претходно ретко се запишувале на уметничките академии, но имал одредена визија за поделба на подрачјата.
Тоа не биле единствените контроверзии врзани за „Баухаус“, чија 100-годишнина се одбележува оваа година низ светот. Тоа е школа што се залагала за социјална еднаквост, бришење на класите, слободна љубов. Од студентите од добростоечките семејства, како што била Ани Алберс, се барало да се откажат од своето, како што им било кажано буржоаско потекло. Имале силни левичарски убедувања, Гропиус често знаел да говори за катедралата на социјализмот. Студентите што се запишале на оваа школа буквално ги живееле сите идеи на „Баухаус“. Ниедна уметничка школа во историјата на уметноста во текот на последните сто години не го достигнала значењето на „Баухаус“.
Движењето е основано во Вајмар, преселено во Десау, па во Берлин, но школата траела релативно кратко. Основач бил Валтер Гропиус. Иако траела само 14 години, од 1919 до 1933 г., нејзиното влијание е видливо и денес речиси насекаде, меѓу познатите производители на мебел, во дизајнот на „Епл“, кај њујоршките облакодери. Основачот на „Епл“, Стив Џобс, се колнел во теориите на „Баухаус“, како на пример дека „дизајн не е како нешто изгледа, туку и како работи“, односно теоријата за тоа дека формата ја следи функцијата.
Школата ја затвориле нацистите за да го спречат нејзиното влијание, но тоа сепак се ширело дури и меѓународно затоа што приврзаниците се раселиле насекаде низ светот. Многу од нив се преселиле во Америка.
Во многу музеи во светот годинава се одбележува 100-годишнината од основањето на „Баухаус“, а најмногу во Германија, затоа што на Германците оваа школа им донела меѓународна репутација на подрачјето на уметноста, а денес туристите доаѓаат да видат што сѐ правеле баухаусовците; на два часа возење од Берлин постои земја наречена Баухаус, потоа може да се преспие во хотелот „Баухаус“ од 1927 г. Или да се посети керамичката работилница во Дорнбург.
Вложени се многу пари за одбележување на јубилејот, изградени се два музеја поврзани со „Баухаус“. Во новиот музеј во Десау се вложени околу 25 милиони евра, а го градат млади архитекти од Барселона. Во Берлин се обновува градбата што ја потпишал Гропиус, изграден е и нов анекс, кој го потпишува германскиот архитект Волкер Стаб, а вложени се 56 милиони евра.
Во „Баухаус“ се раѓале некои од најважните уметнички идеи, таму предавале авторот на првите апстрактни слики Василиј Кандински, како и сликарот што ги толкувал потсвесното и симболиката, Пол Кле.
Валтер Гропиус сакал да ја обедини уметноста со занаетот, нови и револуционерни биле спојот и соработката на уметноста и индустријата. Во својот манифест тој упатил апел: „Архитекти, скулптори, сликари, сите мораме да му се вратиме на занаетот!“. Тој ја сфаќал градбата како „крајна цел на секоја архитектонска задача“. Студентите затоа не работеле само на универзитетот, туку Гропиус ги праќал и на градилиште, каде што во практика учеле за типичните форми, бои и материјали. Најважниот принцип при градбата бил „функционалност пред форма“. Учениците креирале едноставен мебел и други предмети. Се барала студена елеганција наместо разиграна уметност. Многу прототипи влегле во сериско производство, но цените и не биле толку достапни. Меѓу нив се тапетите од „Баухаус“ што ги произведувала фабриката за тапети „Раш“ од Хановер, но и познатата црна ламба од фирмата „Кандем“. Бидејќи многу често биле правени плагијати, тој модел станал достапен за пошироки народни маси. „Баухаус“ се прослави и благодарение на проектните планови на архитектите.
На многу места со помош на новите градби ја задоволиле потребата од нови живеалишта. Гропиус сакал да ги реши проблемите со планирањето на градот со тоа што го измислил концептот на масовни станбени единици. Примери за тоа се наоѓаат во градовите Десау, Карлсруе и Берлин. Со таквиот концепт навистина беше обезбеден итно потребниот простор за живеење, но анонимноста на таквите градби создаде нови социјални проблеми.
Но, тие не беа во фокусот на градителите. Во 1925 година школата морала да биде префрлена од Вајмар во Десау поради недоразбирање со новата конзервативна влада во Тирингија. Гропиус го проектирал новиот проект во кој била префрлена школата во 1926 година. Особено работилниците со стаклената фасада оттогаш се поим за модернизам. Во Десау биле изградени и таканаречените куќи на мајсторите, односно простор за живеење и работа за професорите, како и една станбена населба со 60 куќи. Пет години подоцна, архитектот Мис ван дер Рое го презема раководењето со школата, но веќе во 1932 година, националсоцијалистите ја затвораат. Иако нацистите барале функционалност во нивните индустриски градби, баухаус-движењето им се чинело сомнително и конечно го етикетирале како „еврејско и болшевистичко“.
Школата се преселила во Берлин и во 1933 година дефинитивно се распаднала. Многу професори заминале во странство. Учењата произлезени од „Баухаус“ и делата на нејзините ученици до ден-денес важат за влијателен правец во архитектурата. Пет од седумте куќи на мајсторите во кои живееле учителите во Десау, постојат и денес. Во просториите на „Баухаус“ во Вајмар сега се наоѓа универзитет. Архивата на „Баухаус“ во Берлин ја документира историјата на училиштето. Во реставрираното седиште во Десау, пак, се наоѓа фондацијата „Баухаус Десау“.