Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, зборува за политичката корупција, сиромаштијата, лошите животни услови во
родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим
Македонската филхармонија, киното „Милениум“ и градот Скопје, на 6 и 7 јуни, организираат два атрактивни настани што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје. На 7 јуни, заедно со Македонската филхармонија, а под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи славниот африкански вокалист Феми Кути, кој доаѓа со неговиот бенд „Позитив форс“. Дел од неговата музика првпат ќе биде изведен со симфониски оркестар. Еден ден пред концертот ќе има „Кино на отворено“ со проекција на наградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“.
Нигерискиот исклучителен музичар Феми Кути (роден во Лондон) пред сѐ е познат како најстар син на пионерот на афробитот, големиот Фела Кути. Но, и покрај тоа што тој ја продолжува звучната патека што ја трасираше неговиот татко, тој создаде сопствен израз на музицирање. Неговите почетоци со музиката се од раните 1980-ти години и секако се поврзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд „Египет 80“. Во 1995 година, Феми го издаде својот прв албум и оттогаш концертира низ светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо. Во 2010 година, го издаде извонредниот албум „Africa for Africa“, за кој двапати беше номиниран за престижната награда „греми“.
Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, зборува за политичката корупција, сиромаштијата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим. Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, носи силни пораки и токму тие се врзувачката точка меѓу таткото и синот.
Три концерти со филхармонијата во најава
Македонската филхармонија, од 30 до 3 јуни, приредува три интересни настани.
Вечерва во Камерната сала во 20 часот, концерт ќе одржи Квартетот тромбони на Македонската филхармонија во состав: Димче Белчовски, Бранко Илиевски, Никола Ристевски – тромбони и Александар Ниниќ – туба. Како гости на концертот ќе настапат Маријана Николовска на пијано и Славчо Коцев на тапани. Концертот на Квартетот тромбони носи наслов „Класиката го сретнува џезот“, а ќе бидат изведени атрактивни дела од Гершвин, Рубинштајн, Кармајкл, Ф. Давид, Д. Хадад, Л. Нихаус…, композиции што се фантастичен микс од техниките на западната класична школа и џезот.
На 1 јуни (петок) во 20 часот, пак, ќе се одржи традиционалниот концерт „Младите доаѓаат“ со учениците од Државните музички училишта во Македонија, на кој ќе се претстават млади, талентирани музички уметници, кои по пат на аудиција се избрани да настапат како солисти со оркестарот на Македонската филхармонија. Диригент на концертот е маестро Фи Фи Ле, а ќе бидат изведени дела од Глук, Аколаи, Моцарт, Лало, Хајдн, Лист, Сен-Санс, Росини, Хачатуријан…
На 3 јуни (недела), првпат во Македонија, ќе биде изведено спектакуларно 3Д-мапинг шоу, односно мултимедијален перформанс под наслов „И коњите ги убиваат зарем не?“, во копродукција на Македонската филхармонија и 3Д-проект студио. Покрај аудио и видеосензацијата, ќе биде вклучена и актерска игра, а во главната улога ќе настапи актерот Дејан Лилиќ. 3Д-мапингот е базиран на музички аранжман од страна на Џијан Емин, но и од легендарните хитови на групата „Лед Цепелин“, испреплетени со музичките дела на Дмитриј Шостакович и миленикот на Кјубрик – Арам Хачатуријан. 3Д-мапингот и видеоанимациите се дело на Милчо Узунов. Настанот е во режија на Златко Славенски.