Грција ќе побара надоместок за жртвите од Втората светска војна, како и враќање на заемот, кој беше принудена да им го плати на нацистичките окупатори, изјави претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.
Тој на средбата со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, во Атина рече дека таквите барања влегуваат во рамките на „отпорот против оние што сакаат да му се вратат во кошмарното минато“, алудирајќи на порастот на екстремната десница во Европа пред изборите во ЕУ, објави Нетпрес.
Штајнмаер за време на престојот во Атина го посети местото на поранешниот нацистички логор во предградието Хајдари, во кој загинаа стотици луѓе.
Ципрас изјави дека посетата на Штајнмаер е можност за нов почеток во билатералните односи, но додаде дека тоа не значи дека треба да се заборават разликите од далечното минато, ниту пак да се „туркаат под тепих“.
Силите на нацистичкиот канцелар Адолф Хитлер ја окупираа Грција од 1941 до 1944 година, а бараа и т.н. „окупаторски заем“ за финансирање на германската воена кампања во Северна Африка. Грција беше принудена да ѝ плати на Германија 476 милиони германски рајхмарки, а грчките официјални лица проценуваат дека денешната вредност на овие пари е меѓу шест и десет милијарди евра. Потоа следуваше неодржлива инфлација, поради која од глад во Грција починаа десетици илјади луѓе.
Германија се извини за злосторствата на нацистите за време на војната, но Берлин истакна дека не сака да зборува за плаќање отштета. Берлин тврди дека не ѝ должи ништо на Грција бидејќи во 1960 година на Атина ѝ платил 115 милиони германски марки.