Околу 15.000 луѓе, трет ден едноподруго, протестираат во Букурешт и во другите романски градови против корупцијата и социјалдемократската влада, барајќи оставка од премиерката Вјорика Данчило. Протестите синоќа беа мирни, за разлика од првиот ден кога полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите во Букурешт, при што беа повредени 445 луѓе, од кои триесетина полицајци.
Демонстрантите пред зградата на романската влада извикуваа: „Корупцијата убива!“, „Крадци, крадци!“, вееја романски, американски и знамиња на НАТО и на ЕУ.
Социјалдемократската партија (ПСД) на власт дојде во 2017 година и оттогаш во повеќе наврати се одржани мирни демонстрации. На почетокот од годината пратениците од владејачката партија изгласаа измени на Кривичниот закон, што предизвика загриженост на ЕУ и на Стејт департментот. Измените сега ги разгледува Уставниот суд.
Лидерот на социјалдемократите Ливиј Драгне во јуни е осуден на 3,5 години затвор поради поттикнување злоупотреба на положбата. Но пресудата сѐ уште не е конечна поради жалбата. Демонстрациите почнаа во петокот вечерта со протест на Романците што живеат во странство, со барање за оставка на Владата и распишување предвремени избори.
Околу три милиони Романци живеат во странство и тврдат дека ја напуштиле земјата поради корупцијата, малите плати и недостигот од можности.