Можно ли е политичките анкети да бидат полни со неточни информации и да бидат алатка за манипулација на гласачите. Ваквата дилема стана актуелна во регионалната јавност неделава, по малку очекуваната победа на словенечките парламентарни избори на партијата на Јанез Јанша, Словенечката демократска партија (СДС), која убедливо триумфира на изборите во земјата освојувајќи 25,6 проценти од гласовите.
Хрватскиот портал „Дневно“, анализирајќи ги резултатите на изборите во Словенија, пишува дека овие избори покажаа дека анкетите го манипулираат јавното мислење, а тие ја докажуваат спрегата меѓу нарачателот (медиумите), извршителот (агенциите) и политиката.
– Она што е интересно, а стана еден вид глобален тренд – предизборните анкети значително ги промашуваа индикативните резултати, и тоа на штета на победникот од конзервативниот политички спектар – пишува „Дневно“.
Според порталот, по целосните неуспеси во изборните и во референдумските процеси, како најавата за пад на брегзит, за убедлива победа на Хилари Клинтон и на Иво Јосиповиќ, сè поочигледно е дека агенциите за испитување на јавното мислење во светот ургираат по налог од идеологии и групи на интерес.
Сопственикот на агенцијата „2×1 комуникации“, Роберт Босак, за медиумот изјавил дека вакви работи можат да се случат само во Словенија и во Хрватска.
– Ако провериме кој ги нарачува тие анкети, а тоа се главно националните државни медиуми, јасно е дека постои спрега помеѓу политиката, од една страна, и агенцијата на другата страна. И бидете сигурни дека анкетите имаат влијание затоа што ако немаат сигурно нема да бидат и нарачувани. Изборите во Словенија се добар показател до каде може да стигне изборната манипулација – заклучува Босак.
Во меѓувреме, и во Македонија на последните локални избори, кои се одржаа лани, беше регистрирана слична ситуација. Никоја од предизборните анкети, кои ги спроведуваа разни домашни и странски политички институти и организации, не успеа точно да ја испрогнозира вистинската слика што следуваше по изборите. Сите анкети во предизборието прогнозираа тесна битка за власт, а спротивно од тоа, сѐ заврши со огромна победа на владејачката СДСМ наспроти нејзиниот ривал ВМРО-ДПМНЕ.
Според експертите, политичарите во Македонија ги злоупотребуваат анкетите за наметнување мислење низ електоратот. Според нив, постојат многу начини преку кои може да се влијае на резултатите, па потребни се стручни толкувања.
Политикологот Милан Стефаноски истакнува дека јавноста, речиси секојдневно, е бомбардирана со резултати од испитувања на јавното мислење по однос на различни прашања, но и по однос на довербата во политичарите и во политичките партии.
Според него, чест е примерот кога резултатите од тие анкети, пак, во однос на одредени прашања даваат сосема различни резултати од вистинската состојба на теренот.
– Обично анкетите кај нас станаа несериозна работа, затоа што тие со чест на одредени ретки исклучоци си ја завршуваат работата од нарачателот – вели Стефаноски.
Политикологот објаснува дека формално гледано, резултатите во најголемиот број анкети се точни, односно нема извртување на бројките, но се прават одредени „маскирања“ за крајниот производ да одговара на желбите на тој што ја нарачал анкетата.
Стефаноски вели дека манипулациите се можни во делот на поставување на воведувачките прашања на анкетираните, на изборот на местото каде што ќе се анкетира, на изборот на начинот на кој ќе се врши истражувањето, дали тоа ќе биде телефонска анкета, дали ќе биде интервју лице во лице, дали прашањата ќе бидат со повеќе избори, дали ќе бидат отворени прашања и сите овие механизми се т.н. меки начини за манипулација, кои се само етички проблематични, а не де јуре во вршење на анкетата.
– Токму поради овие работи Македонија има лоша традиција во спроведувањата на овој тип анкети, а истовремено се и многу ретки агенциите, кои не си го жртвуваат сопствениот углед на сметка на манипулирање со бројките по желба на нарачателот – резимира тој.
Политичкиот аналитичар Роберт Несими во своја колумна за македонските медиуми на слична тема пишува дека со анкети во земјава се мери расположението на граѓаните за најбитните прашања како прашањето за името, перцепцијата за работата на државните институции, довербата во нив, рејтинзите на политичките партии и други државни и општествени актери, корупцијата, важноста на меѓуетничките односи, евроатлантските интеграции итн.
Аналитичарот подвлекува дека, за жал, овие прашања не се лесно квантифицирани или мерливи преку некоја формула, на точен и на директен начин, па затоа товарот да ѝ ги даде потребните индикатори на јавноста паѓа комплетно врз анкетарите.
– Но ни самиот процес на анкетирање не е сто отсто точен, а со тоа останува дилемата како навистина да ги читаме резултатите. Дополнително, анкетарите во Македонија имаат долга историја на погрешни прогнози или манипулирања со пропагандни цели, што остава големи сомнежи за нивната доверливост – пишува Несими.