Во изминативе неколку години повеќе од девет земји и десетина града најавија забрана на моторите со внатрешно согорување. Главно низ европските градови и држави може да се забележи дека расте овој тренд на забрани за моторните возила што произведуваат штетни гасови.
Градоначалникот на Копенхаген, Френк Јенсен, во 2017 година изјави дека градот сака да го прекине користењето на сите нови дизел-автомобили, почнувајќи од 2019 година. Во декември 2017 година Париз, Мадрид, Атина и Мексико Сити рекоа дека ќе ги отстранат дизел-моторите и комбиња до 2025 година. Во Норвешка исто така велат дека ќе ги укинат конвенционалните автомобили до 2025 година, потоа Франција и Обединетото Кралство јавно истапија дека од 2040 до 2050 година ќе ги укинат конвенционалните автомобили.
На овој тренд од оваа година се приклучи и градот Амстердам. Градот планира автомобилите и моторите што работат на бензин или дизел да ги забрани да се возат од 2030 година. Во споредба со другите градови и држави, Амстердам веќе има потпишано акциски план за чист воздух со кој се предвидува целиот сообраќај во рамките на изградената област на градот да биде ослободен од емисии до 2030 година. Со акцискиот план се предвидуваат неколку чекори – од следната година на дизел-автомобилите стари по 15 години ќе им биде забрането да се движат на кружниот пат А10 околу главниот град на Холандија, автобусите од јавниот градски превоз што испуштаат издувни гасови нема да можат влезат во центарот на градот од 2022 година до 2025 година, а забраната ќе се прошири и на превозните средства на вода, мопедите и лесните мопеди. Градот планира да ги поттикне своите жители да се префрлат на електрични и водородни автомобили, нудејќи му станици за полнење на секој купувач на такво возило. Со овој план властите се надеваат дека пазарот на искористени електрични автомобили ќе процвета во наредните години.
– Загадувањето често е тивок убиец и е една од најголемите опасности за здравјето во Амстердам – вели за „Гардијан“ советникот од градскиот сообраќај Шарон Дижма, најавувајќи ја одлуката на општината.
Се предвидува на граѓаните да им се овозможи да добијат од 16.000 до 23.000 станици за полнење до 2025 година за да се направи одржлив овој проект во градот. Во голем дел, поради густиот сообраќај во градовите Амстердам, Мастрихт и Ротердам, загадувањето на воздухот во Холандија е полошо отколку што дозволуваат европските правила. Во јавноста постоеше загриженост дека нивоата на азот диоксид и емисиите на честички предизвикуваат респираторни заболувања. За таа цел во јануари претходната година холандскиот совет за здравство ја повика Владата да подготви амбициозна стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот во Холандија. Поради тие причини, Амстердам сега одлучи да преземе конкретни мерки со кои ќе го подобри квалитетот на воздухот.
Градските власти и владите од целиот свет се повлекуваат од автомобилите што произведуваат емисии на стакленички гасови од нивните улици и се обидуваат да се пренасочат кон автомобили што се поеколошки, како електричните. Минатата година Мадрид почна да го ограничува пристапот до возилата со бензин направени пред 2000 година и дизел-возилата произведени пред 2006 година. Рим вети дека ќе забрани дизел-возила од центарот на градот до 2024 година. Данската влада соопшти дека сака да ја забрани продажбата на нови бензински и дизел-автомобили од 2030 година и хибридни возила од 2035 година.
Сите овие иницијативи и акции што пополека почнуваат да се спроведуваат укажуваат дека автомобилската индустрија нужно ќе се смени. Големите промоции и влегувањето на електричните автомобили на голема врата, како автомобилот „тесла“, укажуваат дека наредните години ќе бидат години посветени на електричните автомобили. Со тоа може да се претпостави дека ќе дојде и до намалување на потребата од автомобили што согоруваат горива за да се зачува животната средина.