Св. Богородица, Скопје

Занимливости

Македонската културно-просветна преродба во 19 век

Во 19 век Дебар бил крстопат за околните градови: Скопје, Призрен, Драч, Тирана, Елбасан, Охрид и Битола, а низ него поминувал и главниот пат Виа Игнација. Сето тоа придонело за неговото трговско значење. Низ него поминувале голем број карвани што се движеле во разни правци, од исток за Дебар и Албанија, или обратно дури до Солун.
По падините на Кораб, Бистра, Стогово, Вишарица и другите околни планини, паселе околу 300.000 овци и околу 30.000 глави добиток. Производите добиени од нив: сирење, масло, волна, кожи и друго, биле продавани низ цела Македонија, дури и во Цариград. Како резултат на трговската благосостојба, настанала поговорката: „Ако Цариград изгори, Дебар може да го изгради, а ако Дебар изгори, Цариград се продава“. Стамат Стаматов истакнува дека османлиската власт и албанските разбојници не можеле да ја уништат оваа поволна економска состојба.
Во почетокот на 19 век, во Дебар имало околу 50 христијанско-словенски родови што се доселиле од селата од Малесија, Долни Дебар и Мат. Во градот се доселувале и Албанци од истакнати фамилии, како и потурчено словенско население. Во текот на 19 век, особено за време на Џеладин-бег, Мустафа-паша Скадарски и главните разбојници Осман Мура и Дервиш Муца, се засилило преселувањето од селата во градот Дебар. Во тој период станале големи преселби од селата кон Дебар и на исток во Македонија. Преселбите траеле во текот на целиот 19 век.
Во 1872 година во Дебар била осветена црквата „Св. Богородица“, која била изградена на темелите на постара црква. Според А. Алексиев, оваа црква била градена во 1867 година. Во 1866 година во Дебар било отворено училиште. Во 1867 година биле отворени училишта во селата Гинец, Клене и Галичник, а во 1870 година во селата Нерезе, Јабланица, Луково, Модрич и Стеблево. На 1 септември 1863 година, верниците од Дебарско-кичевската епархија испратиле жалба до султанот Абдул Азис против грчкото духовништво и непризнавање на Цариградската патријаршија. Жалбата била поткрепена со потписи и 72 печата од градот и од селата.

Прцоречани и преродбата во Велес

Во првите децении на 19 век, во Велес имало мал параклис и една мала црква во Рилскиот метох. Во 1837 година, прцоречанските првенци издејствувале дозвола за изградба на црква во јужниот дел на Велес, на местото на старата црква.
Во нејзината изградба учествувало целото христијанско население. Црквата била наречена „Св. Спас“. На самиот почеток во неа службата се извршувала на црковнословенски јазик. Во 1840 година, во Велес била изградена поголемата црквата „Св. Пантелејмон“, во која можеле да присуствуваат 2.000 христијани. Во оваа црква, Авксентиј служел на грчки, меѓутоа честопати служел на црковнословенски јазик по барање на христијанските првенци, особено на некои големи празници. Во десната страна на црквата „Св. Пантелејмон“ се служело на грчки јазик. Во црквата „Св. Спас“, прцоречани не дозволиле да се пее на грчки.
Еден од најактивните граѓани во Прцорек бил Ангелко Палашев. Потекнувал од богато семејство што тргувало со Пешта. Палашев научил да чита и да пишува на германски и на српски јазик, се вратил во Велес и ја презел трговијата од својот татко, која многу години успешно ја водел. Палашев заедно со други првенци го создал училишното настојателство, кое почнало да дејствува во 1843 година. Настојателите биле нарекувани училишни епитропи. Тие се грижеле за учителите и нивните плати, го надгледувале училиштето и го снабдувале со неопходните потреби.

Скопските првенци во борба за своја црква и училиште

Во времето на управувањето на Хамзи-паша, дошло до издигнување на Скопје и до развој на занаетчиството и трговијата. Споменатиот паша ги покровителствувал христијаните. Поради таа причина во негово време, христијанското словенско население се зголемило и збогатило. Побогатите селани се населувале во Скопје затоа што наоѓале сигурност за својот живот и имот. Во тој период дошло до смирување на состојбите во Србија, кои им овозможиле на скопските трговци преку Србија да ги пласираат своите производи на виенскиот пазар. Благосостојбата на христијанското население се подобрила многу, се издигнале неколку рода доста високо и кај нив се појавиле повисоки стремежи.
Во есента 1833 година, пристигнал патријаршискиот митрополит Гаврил во Скопје. Во тој период во Скопје имало две стари цркви, „Св. Димитрија“ и „Св. Спас“, кои биле многу мали. Скопскиот првенец хаџи Трајко подарил пространо место на левиот брег на Вардар за изградба на нова црква. Во 1834 година христијаните добиле дозвола за изградба на нова црква. И покрај негодувањата на муслиманите, изградбата на црквата започнала во 1834 година, а завршила во 1835 година. На 1 мај 1835 година, новата црква била свечено осветена и наречена „Св. Богородица“. Оваа црква била широка и висока, со делкан камен, покриена со мермер, со мермерен иконостас и скапи икони. Црквата „Св. Богородица“ била единствена во цела Македонија и пошироко, немало црква што ѝ била еднаква на нејзината убавина.
Малку подоцна, во периодот помеѓу 1835-1840 година, се појавиле нови сили што сакале да го отстранат грчкиот митрополит и на негово место да постават домашно лице. На чело на новото движење застанале двајцата браќа хаџи Георги и хаџи Христо Поповиќи (Попови). Тие биле големи трговци, работеле со Виена, со Сараево и на панаѓурите сретнувале други трговци.

Хаџи Георги Попов, постариот од двајцата браќа, му ја препуштил трговијата на хаџи Христо и целосно се посветил на народните работи. Главната цел на хаџи Георги од самиот почеток била да се постави личност од словенско потекло за митрополит во Скопје. Меѓутоа не успеал во тоа. Цариградската патријаршија не дозволувала и поставила митрополит од грчко потекло. За нов владика бил назначен Јоаким, кој владичествувал во Скопје во периодот 1842 – 1868 год. Хаџи Георги во свои раце ги држел црковно-училишните и другите градски работи. Епитропите и градските мухтари биле негови луѓе, а на негова страна биле христијанските еснафи, кои ја претставувале вистинската сила на христијаните во Скопје. Околу хаџи Георги се групирале повидните младинци.
По иницијатива на хаџи Георги било изградено ново училиште во дворот на црквата „Св. Богородица“. Скопските првенци обезбедиле основен капитал од 30.000 гроша за потребите на училиштето: браќата Попови, Хаџи Кочови и Зафир Малев дале по 5.000 гроша, а Костадин Икономов вложил 15.000 гроша и му ја подарил на училиштето својата библиотека, која се состоела од 500 книги. Со овие финансиски средства и со приходите од црквата, скопското училиште било обезбедено за многу години.
Во 1848 година за учител во Скопје бил поставен Јордан Хаџи Костадинов-Џинот со годишна плата од 5.000 гроша. Џинот бил учител, агитатор, проповедник и писател. Обиколил многу македонски градови. Собирал стари натписи и паметници, проповедал против грчките владици. Џинот бил роден во Велес, во овој град при даскалот Митре го изучувал црковнословенскиот јазик, а во Солун го изучувал грчкиот јазик.

 

„Св. Богородица“ – најголемата црква во Македонија

Црквата „Св. Богородица“ во Ново Цело – Штипско, била изградена во 1850 година. Според некои извори, била најголемата црква изградена во Македонија во 19 век. Во 1867 година, била осветена црквата „Св. Никола“ во Штип. Околу 1880 година икономот поп Анастас успеал да достави голема камбана за црквата „Св. Никола“. Меѓутоа, Турците не му дозволиле да ја употреби. На Велигден, 1881 година, икономот Анастас без да праша некого наредил да затропа камбаната. Поради оваа случка, Анастас бил затворен и испратен во Скопје. Свештеникот Анастас лежел шест години во занданите во Скопје, Приштина, Солун, Измир и Родос.

Велес во 1863

Во 60-тите години на 19 век во Штип започнала борбата против Цариградската патријаршија. На чело на движењето стоеле видните првенци Манол и Мано Панајотов. Прв штипски учител бил даскалот Крив Мано, кој учителствувал околу 1830 година. Во Ново Село, училиште имало уште во 1828 година, а учител бил Мано. Во септември 1872 година во Штип било основано читалиште.
Најбогат и најобразован штипјанец бил хаџи Костадин. Завршил грчка гимназија во Цариград. Во 1870 година го изградил штипскиот дом за старци и бедни лица, познато како шпитале. Хаџи Костадин бил сопственик на единствениот хотел во Штип, наречен „Хаџикостадинов ан“.
Костадин Хаџи Крстов Станчов бил роден во 1821 година во Ново Село – Штипско. Крстов Станчов бил богаташ и трговец со жито. За потребите на новоселчани изградил шест чешми, а со дозвола на османлиските власти изградил мост на реката Брегалница, кој ги поврзувал двете маала на Ново Село. Со своите трговски дарувања се истакнал меѓу штипското граѓанство, станал многу почитуван и уважуван како трговец и благодетел.

Хаџи Стефан Младенов и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“

Културно-црковен центар во Кривопаланечко и пошироко бил манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Во првата половина на 19 век, во манастирот имало мал параклис посветен на „Св. Богородица“. Во 1847 година, со помош на хаџи Стефан Младенов започнала изградбата на големата манастирска црква посветена на Јоаким Осоговски. Црквата била осветена во 1851 година.
Хаџи Стефан Младенов успеал да издејствува дозвола од османлиските власти за изградба на црквата. Зданието било финансиски помогнато од локалното население, кое и самото учествувало во градбата. Изградбата на црквата била под надзор и раководство на искусни мајстори од Дебар. За патронен празник во чест на Св. Јован Осоговски бил одреден датумот 16/19 август, по Успение Богородично (голема Богородица). Секоја година на овој ден, во манастирот пристигнувале илјадници верници од паланечката околија, Кочанско, Кратовско и Штипско. Во почетокот манастирските имоти биле во надлежност на мириската управа избрана од градското и од селското население на чело со Хаџи Стефан Младенов.

Хаџи Христо – влијателен македонски првенец

До 1838 година, прилепчани немале своја црква, а своите верски потреби ги задоволувале во стариот град, во селото Варош. Тука ги крштевале децата, тука биле венчавките и погребите, тука била литургијата и др. Обичните молитви ги вршеле во обичните куќи. Подоцна во куќите на Петре Татета и Ќорвезировци имало тајни параклиси.
Во 20-тите години на 19 век, христијанското словенско население се обидело тајно да изгради црква, меѓутоа кога Турците дознале за тоа, ги разрушиле основите. Набргу потоа во Прилеп пристига висок чиновник од Цариград, кој им ветил на прилепските првенци дека ќе издејствува ферман за изградба на нова црквата во градот. Заради таа цел, во Цариград заминал прилепскиот првенец хаџи Христо Дамјановиќ. Во османлиската престолнина, хаџи Ристо со помош на споменатиот служебник и цариградскиот патријарх успеал да издејствува ферман за црквата, која била изградена во 1838 година.
Со изградбата на црквата се формирала првата црковна општина на чело со хаџи Христо. Неколку години подоцна, во 1843 година, општината добила дозвола за изградба на училиште. Тогаш Прилеп станал важен црковно-просветен центар и постепено го зазел првото место во културниот развој на христијанското словенско население во западна Македонија.
Хаџи Христо Дамјановиќ имал почитување и влијание меѓу христијанското и муслиманското население во Прилеп и неговата околија. Зборот на хаџи Христо се слушал од сите претставници на османлиската власт. Во судот, во кој тој заседавал, ги заштитувал интересите на христијаните. Хаџи Христо имал влијание и меѓу цариградските владици на Пелагониската епархија, кои го имале како свој заменик во Прилеп.

Ново село, Штип