проф. д-р Кирил Темков
Состојбите во животот често бараат луѓето да им посветат мисли, внимание и дејност за нивно поправање. Болестите, тешкотиите, сиромаштијата, немањето, страдањата, меѓусебните несогласувања, тешките задачи, големите обврски и должности – сето тоа во човекот поттикнува внатрешна сила да се замисли и насочи кон решавање на проблемите.
Исто така и лошата положба и страдањата на ближните предизвикуваат кај луѓето желба да им се најдат во олеснувањето на тешкотиите.
Ваквата желба да се направи нешто добро, како и она што вистински е неопходно, се нарекува грижа. Таа претставува израз на внимание за проблемите и значи насочување кон обврските за тие да бидат извршени како што треба. Таа е човекова мисла за проблемите и негов однос кон нив, за да се најде нивно решение и луѓето да бидат ослободени од нивниот притисок.
Многу често грижата измачува, создава тешкотии за мислата и наметнува сериозни обврски на личноста. Оние што се трудат да ја извршат задачата или да им помогнат на блиските и страдалниците се вознемирени. Но таа возбуда е добра и корисна, таа помага да му се решат маките некому, како и да си најдат спокојство оние што треба нешто да направат. Тогаш грижата се покажува како корисна стапка на доаѓањето до добра состојба.
Загриженоста, однатре, може да ги нагризува и оние што не сакаат ништо да сторат или одбиваат да му помогнат некому во неволја. Оној што не ги прифаќа задачите, не ги гледа страдањата околу него и не сака да му се најде некому, тој може да кажува дека нема грижи. Но таквата безгрижност не е радосна ослободеност на оној што ги решил проблемите или го направил она што треба и што се бара од него.
На таквите, кои не се доволно загрижени или кои ги занемаруваат обврските или го отфрлаат повикот за помош, вистинската грижа ќе им дојде кога над нив ќе се надвиснат нерешливи проблеми. Тогаш грижата го покажува најгрдото лице, зашто таквите луѓе нема кој да ги утеши, поради тоа што неразумната безгрижна личност си ги уништила помошниците во другите луѓе за разбирање на нејзините маки.
Етичка мисла
Оној што не мисли на другите, еден ден ќе согледа дека ни другите не мислат на него.
Кинеска поговорка