Ватерполо-репрезентацијата на Австралија го направи најголемото изненадување и вчера играше во финалето на Светскиот куп во Берлин, против Унгарија. Австралија на патот до финалето прво го победи актуелниот светски првак Хрватска со 9-8, а потоа во полуфиналето и Германија на пенали, 11-10.
Во второто полуфинале Унгарија, по победата со 10-8 против САД во четврт-финалето, ја совлада Србија со 12-11, која е актуелен победник на натпреварувањето. Србија и Германија вчера играа за бронзениот медал.
Најголем успех досега на Австралија беа третите места од Светскиот куп во 1993 година и од Светската лига во 2007 и во 2008 година, потоа четвртото место од Светското првенство во 1998 година и петтото место на Летните олимписки игри во 1984 и 1992 година.
Унгарија, пак, е деветкратен олимписки првак, трикратен светски шампион, 13 пати европски првак, трипати победник на Светскиот куп и двапати на Светската лига.