Политичките аналитичари ревносно регистрирајќи ги сите предизвици на македонската држава и нација забележуваат еден феномен во континуитет. Имено, „во албанскиот етнички политички кампус нема изградено култура на емпатија и солидарност со другите етникуми во македонското мултиетничко општество“. Нашите соговорници го издвојуваат и фактот што таквиот „несолидарен став во албанскиот етнички политички кампус особено се забележува за национално-идентитетските предизвици на македонскиот народ, како мнозинство во државава“. Уште повеќе, истакнуваат соговорниците аналитичари и политиколози, таквиот несолидарен, неемпатичен став кон „однадвор наметнатите предизвици на македонската држава и нација“ веќе добива димензии за истиот тој јавно да се перципира како „солидарност со уценувачите“ (?!)
Во албанскиот политички кампус од осамостојувањето до денес тотално се игнорираат поддршките за еден конструктивен, солидарен, заеднички приод за решавање на предизвиците на македонската држава и нација
Во македонската јавност сиве овие години од осамостојувањето е создадена перцепција дека во албанскиот етнички политички кампус нема изградено култура на емпатија и солидарност со другите етникуми во мултиетничкото општество, особено со национално-идентитетските предизвици на македонското мнозинство, а дека во историските моменти за албанското прашање, во мултиетничкото македонско општество, Албанците секогаш наоѓале поддршка кај македонскиот народ, но и поддршка кај другите етнички ентитети. Во клучните периоди од поновата историја на Македонија, подадената рака од страна на албанските политички лидери за поддршка на идентитетски македонски национални прашања – изостанува. Ретроспективно гледано, низа политиколози забележуваат и дека во албанскиот политички простор во Македонија е преминат и прагот на емотивна рамнодушност спрема уцените и притисоците што од позиција на ЕУ-членки го прават соседните држави спрема националното постоење и идентификација на Македонците, што сѐ повеќе се перципира како солидарност со уценувачите, на штета на македонските сожители.
Колемишевски: Ниту грам поддршка во напорите да се зачува името
– Не е никаква тајна дека интегративците во неколку наврати ги предадоа Македонците на меѓународна сцена. Тие не дадоа ниту грам поддршка во напорите да се зачува името, до денес во поголем дел ги поддржуваат грчките ставови за спогодбата, како и бугарските ставови за историјата, идентитетот, јазикот и писмото на македонскиот народ. Колку што македонската политика имаше разбирање и волја за поволно решавање на актуелните национални барања на Албанците, толку албанските политички лидери немаа чувство на блискост и партнерство за националните емоции на Македонците. Речиси со сигурност може да се тврди дека доколку албанските политичари застанеа зад македонските ставови, ниту соседите ниту меѓународната заедница ќе имаа доволно храброст да ги поставуваат уцените и ултиматумите – изјави искусниот новинар и долгогодишен аналитичар на политичките состојби во Македонија Панде Колемишевски.
Тој иако е речиси сигурен дека поинаков ќе бил односот на меѓународната заедница во условувањето на Македонија во нејзините европски и евроатлантски интеграции доколку странците не ја согледаа себичноста на албанскиот политички фактор, сепак го отвора прашањето колку е пресудно влијанието на меѓуетничката солидарност на внатрешен план во државата, за нејзиното позиционирање и статус на меѓународен план, особено во евроинтеграциите.
Професор Љубомир Цуцуловски: Албанските партии во ниту еден миг не манифестираа поддршка кон Македонците
– Една од главните причини за тоа што ѝ се случи, но и понатаму ѝ се случува на Македонија на планот на нејзините суштински, што значи витални национални прашања, ултимативно диктирани од „меѓународната заедница“, освен отвореното предавство на голем дел од македонската политичка и интелектуална елита, е и отворената рамнодушност, како и крајно ладниот став, односно безусловното прифаќање на овие барања (подоцна и придружување кон предавствата, какви што се договорите со Грција или со Бугарија) е токму односот на албанските партии во земјава кон сѐ што ѝ се наметнува на Македонија. Овие партии во ниту еден момент не покажаа ни најмала солидарност со македонскиот народ во битките што му се наметнаа во процесот на таканаречените евроинтеграции, придружени со историски невидени уцени и оспорувања од соседните земји, а кои директно го засегаат националниот идентитет, националната историја, традицијата или јазикот на Македонците. Не покажаа дури ни елементарна емпатија за она што го бараат за себе, во момент кога соседите безмилосно сакаат да го одземат/поништат и она малку што остана како македонско надвор од Република Македонија. Односно, во ниту еден миг албанските партии не манифестираа поддршка кон Македонците, со кои заедно живеат и со кои, барем декларативно, сакаат да имаат соживот. Политиката на партиите од албанскиот блок е толку албаноцентрична, што освен за нивните етнички интереси, за ништо друго не покажуваат ниту интерес, ниту солидарност, ниту каква било емпатија. Тоа е толку парадоксално, што се чини дека во некаков евентуален меѓународен документ (нека биде и само замислен, претпоставен документ!) за експлоатирање на рудните богатства на Месечината или на Земјините полови, одлучно би барале да биде внесен и посебен анекс (ако може и преамбула) со посебен осврт кон албанското прашање на Земјините полови, како и кон нивните претпоставени, што значи реално непостојни проблеми и понижувања, што им се случуваат таму некаде, во космичките пространства. Овој албаноцентризам е толку интензивен што насекаде и во сѐ препознаваат некаква (само ним!) позната албанофобија во Република Македонија. Деновиве и некои албански интелектуалци (како Арсим Зеколи, на пример) „предупредуваат“ дека албанофобијата колку што е штетна за Албанците, уште повеќе ќе била штетна за Македонците. Во што е и од што е предизвикана оваа хипотетичка, што значи измислена албанофобија, по правило не се објаснува, онака како што и Бог нема потреба никому и ништо да објаснува. Тој, како врховно суштество, само кажува/наредува. Интересно е што во „откривањето“ (албано)фобии кај Македонците, никој од овие умно-умни глави со ниту еден збор не спомнал за „македонофобија“ кај Албанците (страв од Македонците), која постепено ескалира до степен на „македономизија“ (омраза спрема Македонците). Прашањето за мајорацизацијата, кое албанските кругови итро го вртат во фокусот на јавноста, е производ и јасен знак токму за тој неоснован, наметнат, измислен страв од Македонците, со единствена цел – да се создаде чувство на вина кај Македонецот за сѐ што му се случува на албанскиот народ, процес што објективно преминува во недоверба и омраза кон македонскиот народ, сеедно што секогаш покажувал разбирање, како и солидарност за правата на сите етнички малцинства во Македонија – вели филозофот, универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.