Нова фаза на енергетската војна меѓу ЕУ и Русија: Сѐ повеќе нападнати руски танкери од „флотата во сенка“ од страна на западните воени флоти
Одлуката на Москва да воведе мобилни противвоздушни тимови како придружба на своите танкери претставува значаен пресврт во начинот на кој Русија го штити својот извоз на нафта. Изјавата на Николај Патрушев, еден од највлијателните луѓе во рускиот безбедносен апарат, јасно укажува дека Кремљ ја перципира ситуацијата како директна закана, не само економска туку и безбедносна. Овој потег доаѓа во контекст на зголемен притисок од Западна Европа, која се обидува да ја ограничи/санкционира Русија во своите економски активности.
Руската „танкер-флота во сенка“
Во центарот на оваа криза е, во западниот жаргон наречена, „руска флота во сенка“, односно мрежа на руски танкери, регистрирани во трети земји, со кои Москва најде начин да ги заобиколи западните санкции, кои ѝ беа наметнати на Русија поради војната со Украина. Овие бродови овозможуваат Русија да продолжи да извезува нафта и покрај рестрикциите воведени по 2022 година, кога почнаа да се редат серијата санкции наметнати од страна на западните земји. Но сега, увидувајќи дека Москва наоѓа решение за сите наметнати пречки во прокси-војната против Русија, некои од западните држави сè почесто преземаат акции за да ги задржат, инспектираат или дури и да ги запленат овие бродови танкери под сомнение дека „ги кршат санкциите“?!
Пример за тоа е неодамнешната акција на Франција, одобрена од францускиот претседател Емануел Макрон, каде што морнарицата заплени танкер наводно поврзан со руската мрежа. Слично, пред некој ден и британскиот премиер Кир Стармер одобри поагресивни мерки, вклучително и можност за воено запирање и задржување на вакви руски пловила.
Зошто Русија воведува воена придружба?
1. За заштита (на клучен економски ресурс – нафтата)
Нафтата е столб на руската економија. Соочена со санкции, Москва го штити транспортот по секоја цена. Во оваа смисла, придружбата со вооружени тимови е обид да се обезбеди непречен извоз.
2. За одвраќање (од потенцијални воени атаки врз танкерите и нивна заплена)
Присуството на вооружени лица, па дури и поранешни воени и разузнавачки кадри, има цел да испрати и политичка порака. Имено, пораката би била дека секој обид за напад или заплена на нафтен танкер може да ескалира. Тоа е форма на превентива за одвраќање, а истата таа нема амбиција да биде формална воена придружба, но сепак да биде доволно заканувачка.
3. Постои ли правна и политичка „сива зона“?
Според меѓународното право, напад врз брод што плови под знаме на одредена држава може да се смета за акт на агресија! Но во овој дел Москва има мал проблем поради меѓународното право, бидејќи на овие танкери не се вее руско знаме, што значи тие не се формално руска територија (нема формално-правна екстериторијалност на Русија) во меѓународните води. Танкерите се регистрирани во други држави, може да пловат и под друго знаме, што создава правен вакуум и простор за маневрирање од двете засегнати страни.
4. Дипломатија со бродски „топовњачи“
Со искажаната реторика на Николај Патрушев, еден од највлијателните луѓе во рускиот безбедносен апарат, за враќање на „дипломатијата со топовњачи“, се сигнализира подготвеност на Москва за поширока стратегија, односно за користење воена сила или нејзина закана за заштита на економските интереси. Ова е модел што потсетува на 19 век, но сега би можел да се ремоделира во модерниот геополитички контекст.
Ризик од директна конфронтација
Воведувањето вооружени тимови на цивилни бродови драматично го зголемува ризикот од инциденти. Ако западна морнарица се обиде да изврши инспекција, а наиде на оружен отпор, ситуацијата може брзо да излезе од контрола. Особено се чувствителни тесните поморски маршрути како Ла Манш или Балтичко Море, каде што присуството на НАТО и руските сили веќе е зголемено. Но, во целата ситуација, исклучително е интересна во моментов улогата на Вашингтон. Имено, политиката на САД и на Трамп сега не е целосно усогласена со европските сојузници. Администрацијата на Доналд Трамп привремено олесни некои санкции за да ги стабилизира глобалните пазари од недостиг од нафта, особено во контекст на тензиите на Блискиот Исток. Затоа, САД ниту директно ниту индиректно не учествуваат во нападите ниту во заплената на руските нафтени танкери. Токму ова создава пукнатина во западниот пристап. Додека Европа ја засилува контролата, САД во одредени моменти ја релаксираат и гледаат да деескалираат, што ѝ дава простор на Русија за маневрирање.
Енергетски суверенитет, силата на правото и правото на употреба на сила
Руската одлука да ги штити своите танкери со мобилни противвоздушни тимови не е изолиран потег, туку дел од поширока стратегија за парирање на наметнатите санкции од Западот. Москва ја извлекува таа одлука од правото на заштита на својот суверенитет, по меѓународното право и заштита на своите национални интереси, пред сѐ економските, трговските и енергетските.
Но за светот, ваквиот пристап на Западот (Франција и Британија), а и одговорот на Русија, носи сериозен ризик. Меѓународните води и трговските маршрути да доживеат трансформација во потенцијални конфликтни линии. Во свет каде што границата меѓу цивилното и военото станува сè понејасна, секој инцидент на море може да има последици многу поголеми од инцидент и тоа да се прошири многу пошироко и подлабоко. Р.С.
































