Фото: Пиксабеј

Животни

Повеќето љубители на животни веројатно барем еднаш во животот имале аквариумска риба. За некои тоа било единственото дозволено милениче, а за други и најприфатливо, со оглед на просторот, времето и трпението што го бараат. Иако рибите се многу чести и вообичаени домашни миленици, почесто се чуваат попопуларни животни, како што се мачките и кучињата. Се чини дека рибите не ги фасцинираат повеќето љубители на животни, но има многу причини што ги прават исклучително посакувани миленици.
Лесни за одржување: Општо е познато дека повеќето помали аквариумски риби не бараат премногу посветеност и грижа, поради што тие се многу добар избор за луѓе со недостиг од слободно време. Има и видови што бараат поголема посветеност и се препорачуваат за поискусните сопственици, па затоа е важно да се запознаете со нив пред да ги купите. Важно е да не се меша терминот „ниско одржување“ со „без одржување“. Во споредба со другите домашни миленици, рибите бараат најмалку време. Но тоа не значи дека тие треба да бидат целосно напуштени и оставени сами да се снаоѓаат, бидејќи можеме да им го загрозиме животот.
Рибите и деца: Рибите се идеални миленици за деца. Со рибите тие постепено и без притисок ќе научат како да се грижат за друго живо суштество. Ова ќе влијае на нивниот однос со другите и на развојот на емпатијата.
Лек против стрес: Рибите имаат смирувачки ефект врз оние што ги набљудуваат. Водата има физичко и психичко смирувачко дејство врз луѓето, а рибите се исклучително мирни, опуштени и неагресивни животни и тешко дека ќе направат нешто за да нѐ вознемират. Освен што се движат мирно, рибите се и тивки, па ќе уживате во заносна глетка на која не ѝ се потребни придружни звуци.