Фото: „Нова Македонија“

Релација што Москва ја гради со Донро-политиката на Трамп: Деловната соработка избива на врвот како најуспешен дипломатски јазик

  • Според реномираниот „Блумберг“, Москва подготвила документ од седум точки со кој на САД им нуди широк пакет економски иницијативи, од заеднички инвестиции во енергетиката до враќање на доларот како валута за пресметки. Од Москва се предлагаат „заеднички вложувања во нафта, природен гас и ЛНГ, вклучувајќи ги и тешко достапните арктички полиња“. Се споменуваат и можни „заеднички компании, како и компензација за загубите што американските фирми ги претрпеа со повлекувањето од рускиот пазар“. Особено е значајна идејата за „заедничко промовирање на фосилните горива како алтернатива на климатската идеологија“ што ја застапуваат некои европски држави… Некој сфатил каде и како треба да цели за да ги оствари своите национални интереси преку бизнис-трансакциска логика, идеја и креативност. Може ли Македонија да ја употреби истата формула што е преферирана од новиот американски претседател?
  • Прашањето не е дали Вашингтон има симпатии или политички афинитети. Клучното прашањето е што можеме да понудиме ние? Кои се нашите ресурси, географски стратегиски компаративни предности, инфраструктурни позиции, енергетски потенцијали, критични, па дури и уникатни минерални суровини, технолошки капацитети или нешто друго што може да се претвори во вин-вин понуда, без да ги ставаме на жртвен олтар нашиот идентитет, интегритет и суверенитет. Напротив, за да го повратиме она што природно ни припаѓа нам, во целост!

И во време на војна, санкции и геополитички судири, економијата останува најсилниот заеднички именител меѓу државите. Последните информации што ги објави реномираниот „Блумберг“ отвораат токму таква перспектива дека „зад политичките конфликти може да се крие подготвеност за нова, прагматична економска соработка“!
Имено, според медиумскиот извештај, „Москва подготвила документ од седум точки со кој на САД им нуди широк пакет економски иницијативи, од заеднички инвестиции во енергетиката до враќање на доларот како валута за пресметки“. Така, пораката станува јасна: колку и да се спротивставени на политичко ниво, двете сили можат да најдат заеднички економски интерес.

Енергијата како мост наместо како оружје

Во фокусот на предлогот е енергетиката, сектор што со години е извор и на конфликти (и на соработка). Москва наводно предлага заеднички вложувања во нафта, природен гас и ЛНГ, вклучувајќи ги и тешко достапните арктички полиња. Се споменуваат и „можни заеднички компании, како и компензација за загубите што американските фирми ги претрпеа со повлекувањето од рускиот пазар“.
Особено е значајна идејата за „заедничко промовирање на фосилните горива како алтернатива на климатската идеологија што сѐ уште ја застапуваат некои европски држави“. Во ваков контекст, економскиот интерес се става пред идеолошките разлики.
Москва исто така, според изворите на „Блумберг“, нуди повластени услови за враќање на американските компании на рускиот пазар, соработка во нуклеарната енергија и партнерства поврзани со вештачката интелигенција, како и заеднички настап во експлоатацијата на критични суровини – литиум, бакар, никел и платина.

Доларски пресметки во светската трговија како сигнал за геоекономски пресврт?

Една од највпечатливите точки во лиферуваниот извештај на „Блумберг“ од доверливи извори е „можноста за повторно враќање кон доларски пресметки“. Ако навистина се случи тоа, истото тоа би значело значајна промена во руската стратегија за дедоларизација и намалување на зависноста од западниот финансиски систем.
Токму затоа некои западни аналитичари скептично ја коментираат оваа точка. Враќањето кон доларот би подразбирало и прифаќање одредена финансиска изложеност кон Вашингтон. Но од перспектива на бизнисот, тоа би било силен сигнал дека економскиот интерес и соработка, преку соодветна понуда и побарувачка, повторно станува примат во дипломатските и меѓудржавните односи.

Трамп и дипломатијата на трансакцијата

Клучниот политички фактор во оваа равенка е поранешниот и актуелен претседател на САД, Доналд Трамп. Неговата надворешна политика секогаш била водена од логиката на бизнис-зделката. За него, меѓународните односи не се идеолошка битка, туку преговарачка маса.
Трамп отворено изјави дека Русија сака да работи со Америка и дека токму економската соработка може да биде клучен фактор за завршување на војната во Украина. Кога политиката се гледа низ призма на бизнис и трансакции, секоја понуда што носи конкретна бенефиција за американската економија станува вредна за разгледување.
Ако Москва навистина ја разбрала таа формула – дека патот до Вашингтон води преку профитабилна понуда – тогаш нејзиниот меморандум е повеќе од дипломатски документ. Тој е тест за нов модел на меѓудржавни односи, заснован на заемна корист.

Да извлечеме Донро-поука за Македонија: Што можеме да понудиме ние?

Во оваа нова реалност, малите држави не смеат да останат пасивни набљудувачи. Ако големите сили, и покрај конфликтите, бараат економски точки на спојување, тогаш и Македонија треба да размислува стратешки.
Прашањето не е дали Вашингтон има симпатии или политички афинитети. Во една ваква доктрина на „конјунктура за бизнис-начин на остварување национални интереси“, клучното прашањето е што можеме да понудиме. Кои се нашите стратешки ресурси, географски предности, енергетски потенцијали, технолошки капацитети или инфраструктурни позиции што можат да се претворат во вин-вин понуда?
Во време кога американската политика повторно се обликува според логиката на трансакцијата, земјите што ќе понудат јасен економски интерес имаат најголеми шанси да бидат слушнати. Македонија може да понуди енергетски коридори, инвестициски олеснувања, регионална логистичка позиција или партнерства во нови технологии – но тоа бара проактивна стратегија. Рака на срце, Грција нѐ претрка сите во регионот, бидејќи ќе се претвори во европски дистрибутивен центар за многу поскапиот американски ЛНГ, за итро да се доближи до Вашингтон, за што пишувавме пред неколку броја. Но тоа е држава чие искуство, знаење, вештини и лукава дипломатија имаат навистина со долга традиција, а сведоци сме и дека ние како Македонија паднавме во нивната пајакова мрежа со Преспанскиот договор. Но тоа е друга тема, за која многу сме пишувале.

Бизнисот како можност за стабилност

Историјата покажува дека економската меѓузависност често ја намалува веројатноста за конфликт. Дури и меѓу соперници, заедничкиот интерес може да создаде стабилност. Светот можеби влегува во фаза во која идеологијата се повлекува пред прагматизмот. Ако така гледаат Вашингтон и Москва, тогаш тоа е порака и до помалите држави: во глобалната арена не победува оној што најгласно бара, туку оној што најпаметно нуди. А ние имаме што да понудиме и без да ги ставаме на жртвен олтар нашиот идентитет, интегритет и суверенитет. Само треба да се настапи мудро. Р.Н.М.


Какви можности отвoра за Македонија новата доктрина Донро на Трамп?

Стратегиски капитал во време на нови глобални пресметки

Во време кога големите сили ги ревидираат стратешките приоритети и инвестиции, прашањето за економската корист од стратешки позиции и ресурси станува централно прашање за малите држави како Македонија. Новата доктрина Донро на Доналд Трамп ја отвора можноста за понуда на Македонија како економски и стратешки партнер, но со економска пресметка што ја вреднува секоја инвестиција. Искуствата од други развојни економии покажуваат дека странските директни инвестиции (СДИ) генерално имаат позитивен ефект врз економскиот раст, особено кога доаѓаат со инфраструктурно и технолошко вклучување. Анализите покажуваат дека економската слобода и подобрени услови за странските инвеститори директно влијаат на приливот на странски капитал, што подоцна се рефлектира и врз вкупниот БДП на земјата; додека институционалната поддршка и стабилноста ја прават средината попривлечна за такви инвестиции. За земја со БДП од неколку милијарди евра, како Македонија, секој процент зголемување на странските инвестиции може да значи забрзан раст на економската активност и нови работни места, особено ако инвестициите доаѓаат како напредни индустрии, логистика или ресурси. Во глобалната политика што повторно ги вреднува географската позиција и стратегиските ресурси, Македонија може да извлече значајни економски бенефити ако постапи проактивно и со јасни правила. Тоа значи структурирање на странските инвестиции така што тие создаваат работни места, технолошки трансфер и долгорочни приходи; искористување на географската положба за логистички центри што ќе ја поврзат државата со регионални и евроазиски текови; искористување на природните ресурси како стратешки партнерски капитал, а не само како егзотичен актив. Економската корист не е автоматска. Таа е резултат на паметна политика, преговарачки капацитет и институционална стабилност. Само така Македонија може да ги трансформира геополитичките трендови во реален економски раст и просперитет, не како страна во туѓи игри, туку како стратегиски фактор со јасен национален интерес. Р.Н.М.