Илустрација: „Нова Македонија“

За мнозинството Грци името Македонија за соседната држава, без оглед на географската одредница, и понатаму е неприфатливо и продолжуваат да го употребуваат терминот „Скопиа“ кога говорат за нашата држава. Таквиот сензибилитет го следат и локалните грчки власти, кои во северниот дел на земјата не ги менуваат таблите покрај патиштата, а недостигот од волја од грчка страна за отворање на граничниот премин Маркова Нога не може да се протолкува никако поинаку освен како немање желба да остваруваат поблиски контакти. Според некои соговорници, „целта ќе биде постигната само тогаш кога ќе се остварат плановите ковани од некои поранешни режими на Балканот, Грција на север да се граничи со Србија, односно Македонија да ја нема“!?

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЕЛИАМЕП, ВО СОРАБОТКА СО СОЛУНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ „МАКЕДОНИЈА“ И ФОНДАЦИЈАТА „КОНРАД АДЕНАУЕР“

Шест години по потпишувањето на Преспанската спогодба односите меѓу грчкото и македонското општество не само што не се подобрија туку останаа на истото ниво како и пред постигнувањето на договорот.
За мнозинството Грци името Македонија за соседната држава, без оглед на географската одредница, и понатаму е неприфатливо и продолжуваат да го употребуваат терминот „Скопиа“ кога говорат за нашата држава.
Таквиот сензибилитет го следат и локалните грчки власти, кои во северниот дел на земјата не ги менуваат таблите покрај патиштата, а недостигот од волја од грчка страна за отворање на граничниот премин Маркова Нога не може да се протолкува никако поинаку освен како немање желба граѓаните од двете држави да остваруваат поблиски контакти.

По Преспанската спогодба, работите дополнително се влошуваат

Најдобра потврда на ваквите состојби се и резултатите од неодамнешното истражување на јавното мислење спроведено од страна на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот универзитет „Македонија“ и фондацијата „Конрад Аденауер“.
Имено, според резултатите, само 18 отсто од анкетираните Грци имале позитивно мислење за Македонија, додека 37,5 отсто имале негативно мислење за земјава. Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Македонија.
Понатаму, на прашањето „Дали вие лично би ја поддржале кандидатурата на следните земји да станат членки на Европската Унија“, за Македонија 52,5 отсто одговориле „не“, 45 проценти дале позитивен одговор, а преостанатите 2,5 отсто одбиле да одговорат.
За Преспанската спогодба, истражувањето покажува видливо влошување на ставовите. Процентот на позитивни и донекаде позитивни ставови се намали на 28,5 отсто во 2024 година од 35,5 проценти во 2019 година.
Поконкретно, на прашањето „Колку беше корисен Договорот од Преспа за Грција?“, негативно одговориле 38,5 отсто, односно 22 процента рекле „многу штетен“, а 16,5 отсто „донекаде штетен“, а „ниту корисен ниту штетен“ како одговор го одбрале тројца од десет анкетирани, додека, пак, три проценти одбиле да одговорат.
Преостанатите 28,5 отсто сметаат дека Договорот е „донекаде корисен“ (19 проценти) и „многу корисен“ (9,5 отсто).
Истражувањето е спроведено од 15 до 21 април 2024 година, во период пред да се одржат изборите во Македонија. Во рамките на истражувањето биле анкетирани 1.165 луѓе по случаен избор.

Преспанската спогодба не смени ништо за граѓаните

Некои од граѓаните со кои разговаравме во врска со нивната перцепција дали со нешто се променил односот на Грците кон Македонците, велат дека не почувствувале никаква промена.
– Секоја година одам на одмор во Грција и не чувствувам никаква разлика или некаков попријателски пристап кон нас и пред потпишувањето на Преспанскиот договор и по него. Ако им кажеш од каде си кога ќе пристигнеш таму, веднаш се муртат, коментираат „Скопиа, Скопиа“, ни северна, ни јужна Македонија. Се разбира, и меѓу Грците има исклучоци, кои ништо не коментираат ако им спомнеш Македонија, но таквите се ретки. И на граница повторно чекаме со часови, дури и кога е надвор од сезона, кога нема притисок од туристи од другите земји. Едноставно, одам, ама имам впечаток како да не сме посакувани таму. Што да правам, со мало дете сум и тука ми е најблиску, така што Грција барем засега ми е најблискиот избор и покрај она непријатно чувство на непосакуван гостин што го имам – вели Даниел Димитриевски од Скопје.
И други наши сограѓани споделуваат слични искуства, кога се нашле во ситуација едноставно да не можат да кажат од која држава доаѓаат.
– Сѐ е најнормално меѓу нас и Грците додека не спомнуваме кои сме и што сме. Ќе седат со нас, ќе јадат и пијат, ама спомнеш ли Македонија, одма фанатички се дофаќаат и викаат „има само грчка Македонија“. Од една страна најблиску е да отидеш на одмор, од друга страна имаш некое непријатно чувство дека не можеш да кажеш кој си и што си. Ништо не смени Преспанската спогодба, барем за нас обичните граѓани, сега Грците се уште посилни оти им го дадовме името „Македонија“, а ние станавме како некоја провинција на која ниту името не смееме да ѝ го споменеме – вели Раде Беговски.

Не се потребни договори и спогодби за градење добри односи, туку меѓусебнапочит

Некои од аналитичарите, поранешни дипломати, познавачи на македонско-грчките односи, воопшто не се изненадени од резултатите од истражувањето на ЕЛИАМЕП.
– Уште сто асиметрични и на наша штета преспански договори да се потпишат, Грците повторно нема да ја чувствуваат Македонија за блиска соседна држава и нема да го поддржуваат нејзиното членство во ЕУ. За нив целта ќе биде постигната само тогаш кога ќе се остварат плановите ковани од некои поранешни режими на Балканот, Грција на север да се граничи со Србија, односно Македонија да ја нема. Затоа тие сега толку жестоко реагираат на секое спомнување на Македонија без придавката, сакајќи да ни наметнат и дома во семејството да мораме да ја изговараме „северна“. А самата Преспанска спогодба не промени ништо во перцепцијата на грчките граѓани кон Македонија, туку, напротив, тие сега си земаат за право целосно да го монополизираат името Македонија и сите придавки што произлегуваат од тоа име. Па, замислете на неодамнешната конференција во Атина, поранешниот премиер Заев беше опоменат зошто споменал „македонско небо“, иако во согласност со договорот тоа може да го каже бидејќи јасно е посочено на што и на која територија се однесува терминот „македонско/и“. Тоа беше класично понижување на оној што со години не ја извади „северна“ од устата откако се потпиша договорот, и каде што треба, но и каде што не треба. Резултатот од неговиот понизен однос, сега е дека „северна“ треба да ја има секаде. И по десет, 20, 30 години, Грците ќе го мислат истото тоа за Македонија – велат аналитичарите.
Според нив, за да се изгради доверба меѓу двете општества, не се потребни договори во кои некој ќе се чувствува понижено, туку преку отворена соработка и дијалог да се надминуваат предрасудите.
– Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога нешто се турка на сила, на штета на еден народ, тогаш не се градат добри односи, туку ситуацијата во најдобар случај останува статус кво или, пак, според полошото сценарио, се влошува. Во нашиов случај истражувањето покажува дека по шест години се зголемува бројот на Грци со негативно чувство кон земјава. Тоа е сигнал дека нешто не е добро со таа спогодба. Во овој момент нема волшебно стапче како прекуноќ да се реши проблемот што дополнително го закомплицира претходната власт, но добро е што американскиот Стејт департмент прави чекори, кои би можеле барем малку да ги приземјат грчките власти околу ултимативната употреба на терминот „северна“ во слободната неофицијална комуникација. А за да се изгради доверба меѓу две општества, тоа многу подобро би функционирало ако се засили економската, културната, научната, спортската и сета друга соработка што не е обременета со идентитетски работи. Кога сето тоа ќе почне да функционира непречено, тогаш можеби ќе се промени и перцепцијата на Грците кон Македонците и можеби дури тогаш ќе станат малку попријателски настроени кон својата соседна земја, која со ниту еден потег не придонела за лошите односи – истакнуваат соговорниците.


Колку Македонци има и зошто Атина ги става во т.н. црн тефтер?’

Во 21 век Грција, таканаречената „колепка на демократијата“, сѐ уште спроведува недемократски методи кон Македонци на кои им го забранува влезот на нејзина територија. Точната бројка на тешко санкционираните Македонци не се знае, но претпоставките се дека нивниот број постојано се зголемува, а има најави дека во наредниот период таа политика на Атина ќе продолжи.
Неодамна за овој проблем јавно проговори историчарот Димитар Љоровски, кому Грција му забрани влез во таа земја во 2012 година. Првиот пат мерката била за пет години, но таа по автоматизам била продолжена и ден-денес е валидна. На таа листа е и еден македонски новинар, кој ѝ „згрешил“ на Грција затоа што правел репортажа во едно село населено претежно со Македонци. Тој не сакаше јавно да говори, но на наше прашање дали уште е на црната листа, ни одговори потврдно. И тој повеќе од десет години се наоѓа во тој црн тефтер.
Според наши сознанија, Грција вовела и нова казна за оние Македонци што не само што го веат туку и се фотографираат со македонското знаме од Кутлеш, па за таква една приватна фотографија еден Македонец добил забрана од пет години за влез во Грција. Дали владите на Грција и на претходната македонска биле во некаква координација за ова не ни е познато, иако не се исклучува дека постоела таква соработка во „интерес на добрососедските односи и примената на Преспанската спогодба“. Х. И.