Фото: Пиксабеј

Тик ток, во сопственост на кинеската „БајтДенс“, планира да инвестира 8,8 милијарди долари во следните пет години во развој на дигиталната инфраструктура на Тајланд, обука на човечки ресурси и иницијативи за онлајн безбедност. Оваа информација беше објавена по состанокот меѓу потпретседателката за јавна политика на Тик ток, Хелена Лерш, и тајландскиот премиер Фајтонгтајн Шинаватра. Тајландската премиерка ја поздрави инвестицијата, додавајќи дека тоа е одлична можност за развој на дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција во нејзината земја.
Сè уште не е јасно дали оваа инвестиција ја вклучува претходно најавената инвестиција на Тик ток во Тајланд од 3,8 милијарди долари. Компанијата објави кон крајот на јануари дека центарот за податоци на Тик ток ќе биде изграден во Тајланд и ќе започне со работа во 2026 година, објави „Бангкок тајмс“.
Глобалните технолошки гиганти сметаат дека Тајланд е атрактивна локација за изградба на центри за податоци. „Амазон“ веќе вети дека ќе инвестира пет милијарди долари во земјата во следните 15 години, а инвестиции претходно најавија и „Гугл“ и „Мајкрософт“. Тајландската влада вети нови стимулации за привлекување глобални компании, кои бараат безбедно засолниште за инвестиции во услови на трговска војна меѓу САД и Кина.