Заклучоците на Европскиот совет погледнати низ
една објективна диоптрија, без предрасуди
- И покрај тоа што нема консензус за напредокот на Украина, ЕУ сепак одлучи да ги продолжи пристапните преговори со оваа земја на техничко ниво, игнорирајќи го унгарското вето. Клучната дилема што се наметнува во македонската јавност е зошто само Македонија е исклучок од ваквиот европски пристап, имајќи го предвид фактот дека земјава ги исполни сите услови во согласност со Копенхашките критериуми за да ги почне преговорите со ЕУ уште многу одамна, а парадоксот отиде дотаму што дури мораше да го смени името за да почне преговори, кои никогаш не се случија
Ништо ново и ништо поразлично не слушнаа македонските граѓани од последниот самит на Европскиот совет, каде што уште еднаш беше повторено дека без уставни измени Македонија не може да се вброи меѓу земјите што постигнале напредок во евроинтегративниот процес.
Она што беше наведено во заклучоците е дека Европскиот совет ја потврдува геостратешката важност на проширувањето, како значаен придонес кон европскиот мир, безбедност, стабилност и просперитет во 21 век и тој процес мора да остане ефикасен, заснован на заслуги и да биде кредибилен, врз основа на Копенхашките критериуми и утврдените принципи и методологија.
И покрај тоа што нема консензус за напредокот на Украина, ЕУ сепак одлучи да ги продолжи пристапните преговори со оваа земја на техничко ниво, игнорирајќи го унгарското вето.
Клучната дилема што се наметнува во македонската јавност е зошто само Македонија е исклучок од ваквиот европски пристап, имајќи го предвид фактот дека земјава ги исполни сите услови во согласност со Копенхашките критериуми за да ги почне преговорите со ЕУ уште многу одамна, а парадоксот отиде дотаму што дури мораше да го смени името за да почне преговори, кои никогаш не се случија. На крајот, и покрај сите болни отстапки, ЕУ ја остава земјава настрана и ѝ наметнува дополнителен услов во вид на уставни промени, без да даде каква било гаранција дека нови условувања нема да има.
Прашањето е зошто, кога веќе ѝ се овозможува на Украина технички да отвора и да затвора преговарачки поглавја и покрај унгарското вето, истиот принцип минус еден глас да не важи и за Македонија. При еден таков пристап се овозможува предвидливост на пристапниот процес, односно уставните измени да стапат во сила пред самиот влез на земјава во Унијата. На тој начин ЕУ ќе отфрли секаков сомнеж дека е соучесник во обидите за идентитетско редефинирање на македонскиот народ преку пристапните преговори, во кои очигледно има намера и во иднина да толерира нови билатерални условувања, па затоа избегнува да се обврзе дека тоа нема да биде случај.
Познавачите на евроинтегративните процеси, коментирајќи го ваквиот селективен европски пристап, нагласуваат дека не е фер земјава да се остава настрана кога и самите европски лидери постојано се правдаа дека условите се еднакви за сите и дека се носат со консензус.
– Очигледно условите не се исти. Од една страна имаме земја што е во војна, не контролира дел од својата територија, постои активно вето за отворање на поглавја, но сепак ЕУ решава да продолжи со преговорите. Значи не е проблемот во Украина, која и самата е жртва на агресија, туку во лицемерството на ЕУ. Разбирливо е дека ЕУ сака да испрати порака дека Украина е во европската сфера на интереси, па затоа наоѓа некоја техничка форма да ѝ овозможи на земјата некакви преговори, но ако правилата за ветото важат за еден, ќе важат и за друг. Не може да не важат само за Македонија, која во овој момент е многу поподготвена и поусогласена со европските нормативи од земјите што Унијата отворено ги фаворизира. Ако се носат одлуки за преговори без консензус, тоа треба да важи и за нас. Од друга страна, истите тие европски челници зборуваат за Копенхашки критериуми, за утврдени принципи. Одамна за нас нема утврдени принципи, туку тие се менуваат по потреба. И утре да ги направиме уставните измени повторно ќе излезе некој нов услов, некоја нова методологија и така во недоглед. ЕУ не смее да си го нарушува сопствениот кредибилитет со вакво непринципиелно и лицемерно однесување, туку да ги применува и за нас принципите и стандардите што ги применува за другите – констатираат познавачите.
Американската амбасадорка со јасна и недвосмислена порака
Домашните реформи не смеат да зависат од (не)извесната европска перспектива
Какви и да се пораките што Европскиот совет ги упатува до Македонија, едно е извесно и можно затоа што зависи исклучиво од земјава, а тоа е да ги спроведе потребните реформи најмногу заради сопствените граѓани, кои сакаат да живеат во пристојна држава.
Затоа и заклучоците на Европскиот совет повеќе во македонското општество не се доживуваат како крај на светот, туку само како еден потсетник за европските непринципиелни политики, за истата онаа Европа што за едни е мајка, но за Македонија е маќеа уште од нејзината независност.
Она што е позитивно во целата оваа работа е силно изразената граѓанска свест, која бара резултати дома, која ги притиска надлежните да направат крупни чекори во борбата со корупцијата и организираниот криминал, во воспоставувањето правна држава, во функционални здравствени и образовни системи, во здрава животна средина, квалитетна инфраструктура или во сето она што ќе значи причина плус да се запре загрижувачкото темпо на иселувањето.
Такви пораки за сработување на домашната работа пристигнуваат постојано од повеќе дипломати, кои јасно порачуваат дека застојот во евроинтеграциите не смее да биде оправдување за она што треба да се сработи дома.
– Мислам дека е важно да се има предвид дека и покрај разговорите за пристапување и членство во ЕУ, тоа не треба на никаков начин да ги закочи напорите што се потребни, а кои се суштински дел од процесот во однос на реформите, затоа што реформи се потребни и искрено патот е многу јасен. Значи, без разлика дали пристапните преговори почнале или не, јасно е што треба да се направи за да се исполнат критериумите. Патоказот постои и мислам дека сите би сакале да видиме повеќе напредок на тој план – порача американската амбасадорка Ангела Агелер, во гостувањето на „Тема на денот“ на телевизијата Сител.
Оцената на аналитичарите е дека изјавата на американската амбасадорка е директна и јасна, дека САД очекуваат од земјава и без формални преговори со ЕУ таа да биде подготвена за брзо членство во Унијата, така што во меѓувреме ќе си ја сработи домашната задача.
– Амбасадорката е јасна и прецизна, не очајувајте бидејќи во моментот не преговарате со ЕУ, туку направете го она што се бара од вас. Имате јасни патокази, граѓаните сакаат модерна и европска Македонија, така што сите треба да се зафатат за работа. Ова е еден вид охрабрување, но и притисок до властите да не ги одложуваат неопходните реформи поради застојот во преговорите со ЕУ. Впрочем, оваа влада првенствено доби мандат да ги среди домашните работи, така што и очекувањата на граѓаните се големи. Евроинтегративниот процес нека тече, нека се бараат решенија, но она што зависи исклучиво од нас треба да се сработи без никакви одложувања. Македонија има усогласено голем дел од законите и политиките со оние на ЕУ, така што утре да почне отворањето на поглавјата, можеме одеднаш да отвориме и да затвориме по пет-шест поглавја. Затоа не треба да се губи време во меѓусебни обвинувања меѓу партиите, туку треба да се одработи заеднички, во интерес на граѓаните – порачуваат аналитичарите, коментирајќи ги изјавите на американската амбасадорка Агелер. С.Т.
Мицкоски: Испорачуваме реформи заради нашите граѓани, не заради Европа!
Премиерот Христијан Мицкоски, при пристигнувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, порача дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите.
– Ние како држава го заслуживме тоа многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она што е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие го заслужуваат тоа. Така работевме досега, така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка, туку напротив, очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и, она што е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања – истакна Мицкоски.

































