Илустрација: „Нова Македонија“

Осврт на некои актуелни противречности поврзани со воениот конфликт во Украина

  • Ако сите засегнати страни сакаат склучување мир во Украина, зошто тогаш судирот наместо да деескалира, на теренот и во поширокиот регион се забележуваат елементи на ескалација? Каде води сето тоа?

Воздухопловните сили на украинската армија којзнае по кој пат вчера во Киев и голем број украински региони прогласија „воздушна тревога“ поради можно ракетирање во пошироката област каде што е прогласена воздушна тревога. Во исто време, беспилотни летала извршија напад на Харков, селото Чернечина и Сумискиот Регион, потоа на територијата на Холодногорскиот Регион, Покровск во областа Никопол и во регионот Синелников.
Од друга страна, Украинците ги засилија нападите со дронови, па најновата вчерашна цел била руската рафинерија, лоцирана околу 250 километри североисточно од Москва и околу 700 километри од границата со Украина. Рафинеријата за нафта „Јарослав“, позната и како „Славнефт-ЈАНОС“, е голема руска рафинерија за нафта што се наоѓа во градот Јарослав и е дел од руската компанија „Славнефт“. Рафинеријата преработува сурова нафта во широк спектар на нафтени производи, вклучувајќи бензин, дизел-гориво, гориво за авиони и масла. Таа е една од најголемите рафинерии за нафта во Русија, со годишен капацитет за рафинирање од над 15 милиони тони. Таа беше најновата цел на напад со беспилотни летала од украинска територија.
Понатаму, ако ги опсервираме инцидентите во поширок регион на украинско-руското боиште, тогаш во контекст на разгорување и ширење на воениот судир би издвоиле дека „во текот на септември, членките на НАТО на источното крило се соочија со неколку инциденти во форма на нарушување на нивниот воздушен простор“. Повеќе елементи за основи на сомневање, а помалку како докази беа приложени од Брисел, кој веднаш впери прст кон Москва. Тие инциденти го ставија НАТО и ЕУ на своевиден тест. Кој кого тестира и зошто?

Септември измина и беше полн со инциденти од поширок карактер

За потсетување, на 10 септември, неколку десетици беспилотни летала ја преминаа границата и го нарушија полскиот воздушен простор. Натаму, на 14 септември, беспилотно летало го наруши романскиот воздушен простор. Потоа, на 19 септември, три (наводно руски) борбени авиони влегоа и останаа во естонскиот воздушен простор 12 минути (што Москва го негира). НАТО не реагираше на тоа.
Премногу инциденти за толку кратко време јасно укажуваат дека тешко овие настани може да бидат обична коинциденција. Напротив, тие се показател дека нешто се подготвува.
Според изјавата на портпаролот на германската влада, „во Москва на крајот на септември се одржал состанок зад затворени врати, на кој, покрај руската страна, присуствувале и амбасадорите на Велика Британија, Франција и на Германија“. На тој состанок западните амбасадори изразиле загриженост за наводното навлегување на три борбени авиони „миг-31“ во естонскиот воздушен простор. Според германскиот портпарол, „амбасадорите ја информирале руската страна за потребата од запирање на упадот на нејзините воздухопловни сили“, затоа што заклучок на западните сили е дека „овие акции наводно биле извршени намерно по наредба на руската команда“. За истата средба, според извори на „Блумберг“, за време на разговорот, рускиот дипломат им одговорил на европските амбасадори дека „акцијата е одговор на неодамнешните украински напади врз Крим“. Имено, Кремљ на состанокот изнел информација дека неодамнешните украински напади врз Крим се операција за која има индиции дека била реализирана со поддршка на НАТО.

Фото: ЕПА

Берлин и Париз подготвуваат рапиден одговор во контекст на ескалацијата?

Канцеларот Фридрих Мерц деновиве изјави дека тој „ги координира своите активности со Париз, Лондон и се Варшава“ и дека ги поддржува „сите потребни мерки“. Во врска со оваа изјава, официјален Лондон одби да коментира, додека во интервју за Франс 24, претседателот на Франција иако беше прашан во врска со ова не прецизираше како НАТО ќе одговори на понатамошни упади.
Од друга страна, рускиот амбасадор во Франција, Алексеј Мешков, пред некој ден, на француската радиостаница РТЛ беше многу поконкретен и изјави дека „доколку НАТО собори руски авион под изговор за наводно кршење на нејзиниот воздушен простор, ќе има војна“, продолжувајќи со својата изјава дека „многу авиони на НАТО го нарушуваат рускиот воздушен простор, намерно или не, но тоа се случува доста често. Тие не се соборуваат“.
Според низа аналитичари, зачестеноста на инцидентите на небото над источните членки на НАТО и ЕУ не е и не може да биде случајна. Инцидентите се тесно поврзани со украинската војна и улогата што ја играат членките на НАТО во неа, како сојузници на Украина. Руските највисоки државни функционери (вклучително и Сергеј Лавров, во својата изјава на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Њујорк) отворено велат дека „во тек е војна меѓу Русија и Западот, која Западот ја започна“. Ставот на Москва отсекогаш бил дека не започнала војна против Западот, туку против Украина, која не е членка ниту на ЕУ ниту на НАТО и која би била обврзана воено да реагира против Русија.

Кремљ изјавува дека сака да ја прекине долготрајната и исцрпувачка војна, но…

Во последните месеци, голем број руски аналитичари блиски до Кремљ јавно изјавуваат во руските државни медиуми дека „ситуацијата со украинската војна, поради честите украински напади со беспилотни летала длабоко на руска територија врз индустриски и инфраструктурни објекти, сега достигна фаза каде што Русија едноставно мора да предизвика вистински страв кај европските земји дека не можат да водат фактичка војна против Русија со украински раце неказнето и дека го негираат овој факт со правни формулации за неучеството на нивните официјални единици во таа војна“. Покрај големите количества западно оружје што пристигнуваат во Украина секој ден, Киев добива и мноштво разузнавачки податоци и сателитски снимки од ситуацијата на теренот во реално време, нејзините ракетни и беспилотни напади длабоко на руска територија се координираат преку сателит.
– Јасно е дека Украина нема свои капацитети за ова, инструкторите на НАТО долго време се присутни на теренот, како и волонтери од голем број западни земји, германските воено-индустриски компании склучуваат договори со Киев за отворање фабрики на украинска почва за производство на високотехнолошко оружје итн. Тоа се факти што никој не ги крие дури ни на Запад, а украинскиот лидер Володимир Зеленски често и отворено се фали со нив. Москва долго време предупредува дека сето ова е во целосна спротивност со она што е потребно за да се постигне мир и што беше целта кога ја започна својата инвазија – воена неутралност и демилитаризација на Украина кога станува збор за оружје што може да ја загрози руската национална безбедност – се вели во една од анализите во руските државни медиуми.

Ако сите засегнати страни сакаат склучување мир во Украина, зошто тогаш има елементи на ескалација на судирот?

Според мислењето на аналитичарот на „Геополитика“, Зоран Метер, одговорот на ова прашање е точно дека Кремљ генерира контролирана ескалација, само поради тоа што „нема фундаментална промена во ставот на Европа кон војната“.
– Убеден сум дека руската воено-политичка команда сега дефинитивно донесе одлука постепено да го ескалира конфликтот надвор од територијата на самата Украина, но сè уште не со цел Русија да влезе во војна со НАТО или Европа (Трамп лукаво ги извлече САД од оваа исклучително опасна игра со гореспоменатиот говор во Њујорк), бидејќи и Русија е жива, но единствено со цел да се предизвика страв од реалната можност за избувнување опасна војна доколку европските земји не го променат својот сегашен став кон украинската војна, која Москва ја смета отворено непријателски настроена кон Русија. Москва нема намера да ја тестира решителноста на НАТО, што е погрешно толкување, туку му испраќа јасна порака дека Русија е подготвена за ескалација, освен ако нема фундаментална промена во ставот на Европа кон војната. Дали НАТО е подготвено за тоа? Москва исто така знае дека САД немаат намера да ги заштитат своите европски сојузници по секоја цена, вклучително и нивното ризично однесување кон Русија (Трамп го стави ова јасно до знаење повеќе од еднаш) и дека Европа едноставно не е способна сама да влезе во војна против Русија, ниту пак европските граѓани го сакаат тоа, без разлика колку ја поддржуваат Украина. Накратко, Москва испраќа порака дека трпението ѝ е при крај, а европските лидери сега имаат тешка одлука како да одговорат на таа порака, вели аналитичарот на „Геополитика“. Р.С.