Златни прачки, монети и златен прав во вредност од над 50 милиони долари, најголемото изгубено богатство во историјата на САД што лежело на дното на океанот повеќе од 150 години, наскоро ќе бидат изложени и ставени на продажба во Калифорнија. Пронајдени се 3.100 монети, 45 златни прачки и 36 килограми златен прав во остатоците од паробродот, кои моментално се чуваат во импровизирана лабораторија јужно од Лос Анџелес.
Богатството се чисти рачно со децении за да се отстранат ’рѓата и нечистотијата што се насобрале на монетите и прачките додека лежеле 2.134 метри под површината на морето, за да светат во својот полн сјај пред нивното прво јавно прикажување следниот месец. Паробродот „Централна Америка“ носел вреден плен од калифорниската златна треска кога потонал во ураган покрај брегот на Јужна Каролина во 1857 година. Бродоломот однесе 425 животи и потопи илјадници фунти калифорниско злато, предизвикувајќи економска паника.
Богатството ќе биде јавно изложено во конгресниот центар „Лонг Бич“, јужно од Лос Анџелес, во февруари. Целото злато ќе биде ставено на продажба, а се проценува дека дури и најмалата златна монета би можела да достигне цена од еден милион долари благодарение на комбинацијата од реткоста и историјата зад неа, изјави Двајт Менли, менаџер во Калифорниската маркетинг-група за злато, која ги организира изложбата и аукцијата.