Училишни спортски лиги на Општина Карпош, Скопје
Во еден крајно возбудлив меч преполн со атрактивни поени, впрочем како што доликува на едно големо финале, минатата среда во спортската сала „Партизан“, младите одбојкарки од ООУ „Војдан Чернодрински“ успеаја да слават над своите ривалки од ООУ „Јан Амос Коменски“ со 2:1 во сетови. Со оваа победа тие станаа годинашни шампионки во рамките на училишните спортски лиги на Општина Карпош.
Патот до победничкиот трон за екипата од „Млечен“ беше навистина тежок и напорен, со оглед на фуриозниот старт, кој на самиот почеток го наметнаа младите одбојкарки од Тафталиџе 1. Градејќи една трпелива игра, со добра поставеност на теренот, девојките од „Јан Амос Коменски“ едноставно доминираа над своите сопернички, приведувајќи го првиот сет со убедлив резултат 25:14 во своја полза. И покрај тоа што изгледаше дека однапред ќе биде познат победникот, одбојкарките од „Војдан Чернодрински“ сепак навреме се фокусираа и најдоа решение за одличната одбрана на своите противнички, при што возвратија со еднаков одговор и го освоија вториот сет со 25:15.
Во одлучувачкиот трети сет веќе сѐ беше неизвесно и финалистките мораа да ги вложат и последните сили за да дојдат до поен. Меѓутоа од средината на последниот сет, девојките од „Млечен“ беа пофокусирани и демонстрираа поголема стабилност во играта, што на крајот резултираше со сигурна победа од 16:7, која конечно им овозможи да го подигнат шампионскиот пехар.
Претходно, во истата сала се одигра и натпреварот за третото место помеѓу основките од „Петар Поп Арсов“ и „Владо Тасевски“, каде што тимот од Козле беше поуспешен и со 2:1 во сетови успеа да ја освои бронзата.
Победничкиот пехар и медалите на најуспешните одбојкарки им ги врачи градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги поздрави сите учесници и им честиташе за прикажаната игра.
– Јас се надевам дека ќе прикажете еднакво одлични резултати како во спортот така и во образованието. Од вас очекувам и понатаму посветено да учите, да спортувате и да градите искрени пријателства. Ние како општина ќе се радуваме на вашите успеси и секогаш ќе бидеме тука да ве поддржиме, со надеж дека еден ден ќе станете угледни граѓани со кои сите ние ќе се гордееме – додаде Јакимовски.
Во рамките на одбојкарската лига за 2024/2025 година, за најдобра одбојкарка беше прогласена Тамара Велков од ООУ „Војдан Чернодрински“, за најкорисен играч беше прогласена Ивана Димитровска од ООУ „Јан Амос Коменски“, а позицијата најталентирана одбојкарка заслужено ја избори Мина Герасимовска од ООУ „Владо Тасевски“. Трите најдобри одбојкарки ќе добијат и еднократна парична награда од Општината во висина од 6.000 денари. За победничкиот тим, како и за трите најдобри одбојкарки, Општина Карпош обезбеди седумдневно наградно летување во детскиот камп „Каливас“ во Грција.
(Општина Карпош)