Фото: Пиксабеј

Грозоморно археолошко откритие во северниот дел на Перу

Археолозите откопаа останки на 40 деца, за кои се верува дека биле ритуално жртвувани пред повеќе од 600 години, на копно во близината на градот Трухиљо, во северниот дел на Перу.
– Многу од овие остатоци имаат исеченици на градната коска, а некои на ребрата – изјави археологот Хулио Асенсио.
Во близината се пронајдени и останки на девет лами, за кои се претпоставува дека им биле извор на храна, облека и транспорт. Асенсио рече дека тие најверојатно припаѓале на локалната група Чиму, која доминирала во северниот дел на Перу од 700-тите до доцните 1400-ти години. Историчарите веруваат дека група деца можеби учествувале во жртвата, како обид да се смират боговите по обилните дождови и поплави.
Перу е дом на стотици археолошки урнатини од голем број претхиспански култури, па сè до империјата на Инките, која пред 500 години се протегала од она што сега е јужен Еквадор до централно Чиле.

Верски обреди пред Колумбо

Во древните култури низ светот луѓето често верувале дека природните катастрофи не се само природни настани туку пораки од боговите незадоволни од човечките постапки. Еден од најважните аспекти на религиозните церемонии било принесувањето жртви на боговите. Тие жртви можеле да се состојат од храна, пијалаци, животни, но и луѓе. Практиката на принесување човечки жртви, особено жртви на деца, била присутна во многу цивилизации.
Претколумбиските цивилизации на тлото на денешно Перу, како што се Инките, Наска, Моче, Чиму и други, верувале дека сите екстремни временски услови – суши, обилни врнежи и поплави – се божествен одговор на човечкото однесување. Религиозните обреди често вклучувале различни облици на ритуали, жртви и симболични церемонии, а најчесто ги извршувале свештеници и политички водачи, за кои се сметало дека се полубогови и кои дејствувале како посредници во поврзувањето на луѓето и боговите.
Царот на Инките, на пример, се сметал за потомок на богот на Сонцето, Инти, и затоа бил клучна фигура во религиозниот живот на државата.
Чинот на жртвување не бил само религиозен ритуал туку и израз на колективна траума. Кога природна катастрофа ќе уништела обработливо земјиште загрозувајќи го опстанокот на целата заедница, водачите организирале жртвени обреди како обид да се воспостави контрола над хаосот.

Ритуал на жртвување деца

Очајни да ги смират боговите и да ја вратат рамнотежата во природата, да спречат уништување на посевите и глад, древните народи решавале да жртвуваат дури и деца, верувајќи дека најчистите суштества можат да ги смират божествените сили. Децата биле избирани затоа што се верувало дека нивната невиност е најскапоцената и најсвета понуда за боговите.
Иако од перспектива на денешното општество оваа практика е неверојатно сурова, за древните Перуанци тоа било израз на нивната верска и општествена одговорност. За нив тоа бил последниот очајнички обид да се спаси светот од целосно уништување. Еден од најозлогласените ритуали на жртвување деца е забележан меѓу цивилизациите на бреговите на денешно Перу. Моче, цивилизација што процветала помеѓу 100 и 800 година од нашата ера, е позната по своите ритуали и церемонии, вклучувајќи и во жртвување деца. Тие верувале дека крвта на невините деца може да ја врати божествената рамнотежа и да спречи натамошни катастрофи.
Најпознатото откритие на деца жртви се случи во 2018 година, кога археолозите открија масовна гробница во близината на градот Трухиљо на северниот брег на Перу. На местото се пронајдени повеќе од 140 скелети на деца на возраст од 5 до 14 години, за кои се верува дека им биле жртвувани на боговите по големата поплава. Пред да бидат жртвувани, децата биле подготвувани за обредот преку посебни ритуали, вклучувајќи осветување, свечено облекување, патување до светите места во планините и молитви. Во чести случаи децата биле убивани со вадење на нивните срца, а нивните тела биле оставани на местата што биле погодени од поплавата.