Eсенски приказни

Ех, кога си бев млад и зелен, сите ја гледаа мојата убавина, а јас се гордеев со тоа. Сега нема на што да се гордеам. Остарев, пожолтев и веќе никој не ме сака. Се држам на една тенка жила од дрвово. Ако паднам во поточето, којзнае каде ќе ме однесе. Па, ако дувне северко, ќе летнам далеку, далеку. Барем, откако пожолтев, не ме грицкаат полжавчињата и црвчињата. Но, сепак, да ви кажам, најубаво е кога си млад.
Со овој извадок од мојата книга „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, драги деца, сакам да ве поттикнам да научите нешто за есента и за нејзините карактеристики.
Да почнеме по ред. Знаете ли зошто паѓаат лисјата наесен?
Во услови на ниски температури, лисјето на дрвјата не можат повеќе ефикасно да го вршат процесот на фотосинтеза. Вода се губи преку испарување од листовите и не може да се надомести со примање вода од почвата, која е замрзната. Дрвјата ги земаат корисните материи од листовите и ги отфрлаат.
А познато ли ви е како се создаваат боите на есенските лисја?
Хлорофилот е првиот пигмент во листо што почнува да се разградува на почетокот на есента. Тогаш можат да се видат другите пигменти, како што се жолтите каротиноиди. Каротиноидите со стареењето потемнуваат, менувајќи ја бојата од жолта, преку портокалова, до црвена. Антоцијаните што потекнуваат од шеќерите во лисјата, ним им даваат пурпурна боја. Во лисјата на дрвјата се складираат танини, кои им даваат темнокафеава боја. На основата на лисната дршка се развива слој од клетки што се вика разделен слој. На тоа место листот опаѓа.
Се надевам дека ова што го научивте ќе ви биде корисно и интересно, а и ќе ве поттикне да направите некој убав колаж со есенски лисја.

Ф.Д.