Фото: ЕПА
  • Реформирањето на ООН е прашање од клучно значење за Република Македонија и за сите други помали држави во светот, за да може во многу поголема мера да дојде до израз нивниот глас во одлучувањето, базирано врз целосната примена на меѓународното право
  • Македонија е најпластичен пример за државно-правен ентитет врз кој беше демонстрирано непочитување на фундаменталните принципи на меѓународното право (односно кршењето на перемпторното врховно право), кое беше погазено со хегемонистичките аспирации и поведенија на нашите соседи, поточно од владите на Атина и Софија, при што бевме ултимативно принудени на болни противправни отстапки на штета на нацијата и идентитетот

Светската организација се соочува со најголемиот предизвик од своето основање

Реформите во рамките на Обединетите нации се доживуваат како клучна и насушна потреба доколку се остане на премисата дека светот мора да функционира врз принципите на меѓународното право, во спротивно се губи секаква смисла на постоењето на Организацијата и дефинитивно се става точка на меѓународниот ред и поредок.
Во еден таков потенцијален апокалиптичен распад на системот до кој неминовно ќе дојде ако исчезнат ОН, први што ќе настрадаат ќе бидат помалите земји, чиј единствен начин за одбрана од хегемонистичките политики е повикувањето на меѓународното право гарантирано токму од ОН. Македонија е најпластичен пример за непочитување на фундаменталните принципи на меѓународното право (односно перемпторното право), кое беше згазено од хегемонистичките аспирации на нашите соседи, поточно од владите на Атина и Софија, при што бевме принудени на болни противправни отстапки на штета на нацијата и идентитетот.

Пакт за иднината на ОН

Од тие причини во периодот од 9 до 23 септември 2025 година во Њујорк, САД, ќе се одржуваат активностите на 80-то Собрание на Организацијата на Обединетите нации, кое ќе ги обедини светските лидери, општествените организации, креаторите на промени, непрофитните организации и миротворците, како што е најавено, „за да разговараат за итните глобални предизвици, да споделат идеи и да соработуваат за решенија да се направи светот подобро место за сите народи и за сите држави во светот“. Првиот ден од генералната расправа на високо рамниште ќе биде на 23 септември 2025 година. Претходно, Генералното собрание на ООН на 22 септември 2024 година ги усвои Пактот за иднината (Resolution A/RES/79/1), како и Декларацијата за идните генерации, како додаток кон овој пакт и резолуција. Трансформацијата на глобалното владеење, што ги опфаќа, индиректно и директно, и активностите за реформирање и на самата Организација на Обединетите нации, е предвидена во овој Пакт за иднината. Реформирањето на ООН е прашање од клучно значење за Република Македонија и за сите други помали држави во светот, за да може во многу поголема мера да дојде до израз нивниот глас во одлучувањето, базирано врз целосната примена на меѓународното право. Но во меѓувреме, сегашната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, поради одредени состојби, размислува за намалување сѐ до целосно прекинување на финансирањето на ООН, па некои порадикални американски струи лиферуваат информации дека САД можат дури и целосно да се повлечат од ООН!

Малите земји бараат и нивниот глас да се почитува

На 26 март 2025 година, земјите членки на ОН се состанаа заради расправа и договарање неформален интерактивен дијалог за спроведување на Пактот за иднината, кој опфаќа пет области: одржлив развој, меѓународен мир и безбедност, наука и технологија, млади и трансформирање на глобалното владеење, како еден од чекорите кон обновен мултилатерален систем.
– Пактот за иднината е заедничка заложба за поправеден, одржлив и побезбеден свет. Но ветувањето е значајно само кога е преточено во акција – истакна тогаш Филемон Јанг, претседателот на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, од своја страна, ги истакна активностите што се случија по усвојувањето на пактот, но и работата што сè уште претстои во услови на „долга листа на предизвици“, кои вклучуваат интензивирање на конфликтите.
– Геополитичките поделби и недовербата ја блокираат ефективната акција, при што некои активно ја доведуваат во прашање вредноста на меѓународната соработка и самиот мултилатерален систем – рече тој.
Малите земји, како што е и Република Македонија, се клучни за долгорочниот опстанок на Организацијата на Обединетите нации. Како што започнуваат интензивните преговори за операционализација на Пактот за иднината – документ што ќе биде во средиштето на вниманието на 80-то собрание на Генералното собрание на ООН во септември годинава, така се засилуваат и барањата за реформа, за реструктурирање на Организацијата на Обединетите нации. Малите држави, генерално со население од 10 милиони или помалку, природно може да претрпат неповолна положба во ОН поради нивната големина и релативна моќ. Тие бараат поголема тежина на нивниот глас и на нивното учество во одлучувањето на ООН.

САД размислуваат за повлекување од светската организација

Но од друга страна во март годинава американските сенатори иницираа усвојување законска легислатива со која САД целосно би требало да се повлечат од Обединетите нации. Водечка улога во тоа имаше републиканскиот сенатор Мајк Ли, кој предложи целосно повлекување на членството на САД во ОН и во сите нејзини тела, вклучително и забрана за учество во мировните мисии на ОН. Тој, исто така, инсистира на запирање на финансирањето на ОН. Иницијативата вклучува и затворање на седиштето на ОН во Њујорк.
Но дали Трамп навистина сака да ги прекине сите односи на САД со ООН? Тој веќе напушти две организации поддржани од ОН, потпишувајќи декрети за повлекување на САД од Советот за човекови права и Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток. Американскиот претседател смета дека ОН се најголемата бирократска организација во светот, која троши премногу пари, главно американски, произведувајќи само бескорисни резолуции.
Имено, според податоците на новата американска администрација, САД трошат 18 милијарди долари годишно за придонеси во ОН, плаќајќи не помалку од една третина од буџетот на организацијата. Американците се со поголема веројатност да го поддржат својот претседател. Според анкетите, две третини од Американците имаат негативен став за ОН, а 20 отсто веќе се подготвени да поддржат целосно повлекување на САД од ОН.
Меѓу стремежите и барањата на малите држави и намерите на Трампова Америка се наоѓа потребата ОН навистина да се трансформираат како светска платформа за остварување на интересите и на малите држави и на интересите на големите сили. Останува да се види дали реформата на Организацијата ќе претставува, како што сметаат некои експерти и аналитичари, „создавање нова структура од нула“, дали ќе се реформира доминантно само Советот за безбедност на ООН преку вклучување нови постојани држави членки во него или дали ќе се измени начинот на гласање во Генералното собрание.

ОН се исклучително важни за Македонија

Како и да биде и што и да биде, Организацијата на Обединетите нации задржува огромна немерлива важност за Република Македонија, како најкомпетентно место каде што и досега се изразувале нејзините позиции и барања, нејзините интереси и цели, а се чини дека ОН допрва ќе бидат уште поважни за македонската држава, кога ќе дојде моментот, кој не е далеку, да се постави природното прашање за почитувањето на меѓународното право, на универзалниот негов принцип „јус когенс“, што се однесува на враќањето на името Македонија и на правото на слободно изразување и развој и на македонскиот идентитет, јазик, култура, за зачувување на сопствената автентична историја, така драстично згазени сега со двата „добрососедски договора“ – Преспанскиот и бугарскиот договор. Исклучителната важност на ООН ја нагласи и претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на 13 март 2025 година, директно посочувајќи дека „кога се прават компромиси со меѓународните правила и принципи и со меѓународното право, се компромитираат Обединетите нации, се обезвреднува Повелбата на ООН, се поткопува меѓународниот поредок“.
Според неа, пропуштени се многу можности за реформи на ООН, а застарените мултилатерални инструменти на Обединетите нации веќе не можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, демографски и технолошки предизвици.
– Ретко кога Обединетите нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес. Опстојувањето на Пактот за иднината ќе зависи од тоа дали државите ќе ги одржат преземените обврски и дали ќе ги напуштат двојните стандарди. Пактот за иднината и Декларацијата за идните генерации понудија визија за мултилатерализам што на посеопфатен и поправеден начин би можел да ги исполни трите врвни цели на ОН – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој – истакна шефицата на македонската држава.

Од поодамна е регистриран феноменот на „ерозија на меѓународното право“

Претседателката Силјановска во една пригода рече дека имаме растечко геополитичко ривалство, а меѓународното право е еродирано поради двојните стандарди.
– Неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста, а Генералното собрание да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата туку и за креирање политики. Само така Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици – нагласи во март претседателката Силјановска-Давкова.
Според неа, „прашањето што многумина сега го поставуваат не е дали Пактот за иднината ќе биде успешен, туку дали воопшто ќе ја преживее 2025 година“.
– Дали ќе успее да опстане во новите геополитички околности и, ако опстане, дали ќе биде референтна точка за обнова на Обединетите нации или, пак, ќе се сведе на уште еден амбициозен, но задоцнет документ што ќе собира прашина во архивите на Ист Ривер? Тоа зависи од две нешта. Прво, дали државите ќе ги одржат преземените обврски. И, второ, дали ќе ги напуштат двојните стандарди. Зошто токму двојните стандарди? Бидејќи тие се Ахиловата петица на мултилатерализмот. Селективната, наместо универзална примена на меѓународните правила и принципи ја доведува во прашање универзалноста на самите принципи – посочи претседателката.
Таа укажа дека малите држави треба да бидат најгласните и најголеми поддржувачи на овој Пакт за иднината.
– Што нѐ очекува доколку ја пропуштиме оваа можност? Дали, наместо Обединети, би имале разединети нации, сведени на реликт од минатото, блокирани поради ветото и парализирани поради многубројните кризи и предизвици? Дали би имале поделба на светот во зони на влијание и интереси, паралелни поредоци коишто ќе гравитираат околу различни геополитички центри, секој со свој систем на вредности, правила и принципи, секој со свој аршин за човекови права и слободи. Дали би живееле во свет без универзални вредности и без свест и грижа за глобалните добра и за иднината на сè уште неродените? Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме – порача Силјановска-Давкова.


Пакт за иднината на Генералното собрание на ОН

Акт како вовед во поправеден и просперитетен свет, заснован врз меѓународното право

Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации на 22 септември 2024 година го усвои Пактот за иднината, во кој се набележани серија активности на оваа светска организација, но и на сите други нејзини држави членки и нивните лидери во насока на градење поправеден и просперитетен свет, за што ќе биде потребна, пред сѐ, и меѓународна соработка, заснована врз почитување на меѓународното право. Несомнено е дека и Република Македонија веќе има свои обврски, заради градење на таа нова иднина на човештвото и вклопување во неа. Но исто така е несомнено и дека и другите држави веќе имаат свои обврски да пристапат кон вистинска соработка со Република Македонија преку принципите на меѓународното право, како кон еднаква членка на светската организација.
„Нова Македонија“ претставува дел од позначајните одредби на Пактот за иднината на ООН: „Ние, шефовите на држави и влади, кои ги претставуваме народите во светот, се собравме во седиштето на Обединетите нации за да ги заштитиме потребите и интересите на сегашните и идните генерации преку активностите во овој Пакт за иднината… Се наоѓаме во време на длабока глобална трансформација. Соочени сме со зголемени катастрофални и егзистенцијални ризици, многу предизвикани од изборот што го правиме. Луѓето трпат страшни страдања. Ако не го промениме курсот, ризикуваме да западнеме во иднина на постојани кризи. Сепак, ова е исто така момент на надеж и можност. Ние веруваме дека постои пат кон посветла иднина за целото човештво, вклучувајќи ги и оние што живеат во сиромаштија и ранливи ситуации. Преку акциите што ги преземаме денес, решивме да се поставиме на тој пат, стремејќи се кон свет, кој е безбеден, мирен, праведен, еднаков, сеопфатен, одржлив и просперитетен, свет во кој благосостојбата, безбедноста, достоинството и здравата планета се осигурени за целото човештво. Ова ќе бара меѓународна соработка, заснована врз почитување на меѓународното право“.


Декларација за идните генерации на Генералното собрание на ОН:

Акт што во полн капацитет се однесува и на идните македонски генерации

„Нова Македонија“ пренесува дел од клучните делови и на Декларацијата за идните генерации, која ја донесе Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена на 22 септември 2024 година, бидејќи таа во целосна смисла и во полна мера се однесува и на идните македонски генерации, на кои, исто така, мора да им се осигурат и да им се гарантираат правата на постоење, живот и развој, и, како и на сите идни генерации на сите други народи во светот, да им се гарантираат и мајчиниот македонски јазик, почитувањето и одржувањето на македонските традиции и македонската духовност, како и сувереноста и територијалниот интегритет на македонската држава.
Во Декларацијата за идните генерации, која ја донесе Генералното собрание на Обединетите нации, покрај другото, се истакнува: „Ние, шефовите на држави и влади, кои ги претставуваме народите во светот на Самитот на иднината, во седиштето на Обединетите нации на 22 и 23 септември 2024 година во повеќе наврати ги потврдивме нашите обврски кон идните генерации и нашaта решеност да се заштитат нивните потреби и интереси… Одлуките, дејствата и неактивностите денес имаат меѓугенерациски умножувачки ефект, така што нашето однесување денес експоненцијално ќе влијае на идните генерации и затоа нагласуваме дека сегашните генерации носат одговорност кон идните генерации да дејствуваат, имајќи ги предвид нивните интереси… Инвестирањето во градење силна основа за одржлив мир, просперитет и заштита на човековите права е најефективниот начин за заштита на потребите и интересите на идните генерации…. Ја согледуваме важноста на посилниот, поотпорен и кредибилен мултилатерален систем, поткрепено со доверба и во корист на идните генерации…. Одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, како и целосното почитување на меѓународното владеење на правото, мора да се промовираат во согласност со принципите на суверенитет и територијален интегритет… Потребно е елиминирање на сите форми на постојани историски и структурни нееднаквости, вклучувајќи расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција и сите други форми на дискриминација. Треба да се ​​почитува и да се промовира културната разновидност, да се поттикне меѓукултурниот дијалог, за да се обезбеди толеранција, да се зачуваат екосистемите и заедниците, да се заштитат територијалните права, јазиците, системите на знаење и традициите, истовремено зачувувајќи ги духовните и древните верувања на домородните народи и обезбедувајќи нивно целосно, еднакво и значајно учество во процесите на донесување одлуки…“.

Свето Тоевски