Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025

  • Жежовска освои и нови 38,8 рејтинг-поени со играчки перформанс од 2.074 поени

Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска е најдобропласираниот македонски претставник од шестемина што играа на Светското првенство (СП) за младинци во шах, во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години за момчиња и за девојчиња во Драч (Албанија). Во категоријата до 18 години, по 11 кола, Жежовска (1.966 рејтинг-поени, рангирана 29. пред почетокот на СП 2025) го освои 35-то место со 5,5 поени (по четири победи и порази и три ремија), но и нови 38,8 рејтинг-поени со играчки перформанс од 2.074 поени.
Во истата категорија, ФМ Антон Златков (2.351, 33-ти) исто така освои 5,5 поени (по три победи и порази и пет ремија), за пласман на 58-то место. Во категоријата до 16 години, Михаел Бурнс (2.131, 68.) со пет поени (четири победи, две ремија и пет порази) е 99-ти, а Делфина Огњановска (1.610, 97.) со 4,5 поени (четири победи, едно реми и шест порази) е на 92-то место. Во категоријата до 14 години, Даниел Стефаноски (1.833, 112-ти) е на 102-то место со пет поени (три победи и по четири ремија и порази), но и освоени 13,6 нови рејтинг-поени, додека Елисавета Бурнс (1,494, 112-та) освои 3,5 поени (три победи, едно реми и седум порази) и е на 97-то место. Во 11. коло Златков, Жежовска и Огњановска победија, М. Бурнс и Стефаноски ремизираа, а Е. Бурнс загуби.
На СП 2025 во сите категории играа вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Злато освоија ЖФМ Полина Смирнова (2.157) од Русија и ФМ Марк Смирнов (2.359) од Казахстан, до 14 години, ЖФМ Диана Хафизова (2.144) од Русија и ВМ Едгар Мамедов (2.490) од Казахстан до 16 години, ЖИМ Музијан Гао (2.220) од Кина и ВМ Џагадеш Сидарт (2.467) од Сингапур до 18 години. Најуспешна е Русија со две злата, едно сребро и три бронзи, а вкупно осум земји се закитија со медали. Г.И.