Друштвото на писателите на Македонија ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди за 2023 година.
Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за минатата година е делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. Одлуката за наградата „Ванчо Николески“ е донесена со дискусија и со бодување од жири-комисијата во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски (членови).
Делото е хибрид меѓу драмски текст и (графички) роман, помеѓу бајка и модерна фантастична приказна. Овој бајковит универзум малку потсетува на „Хрониките на Нарнија“, на „Алиса во земјата на чудата“ или на „Волшебникот од Оз“, но со една голема разлика – се случува во Македонија, во селото од каде што потекнуваат многу волшебни приказни – Бабино. Токму таму се наоѓа најмалата библиотека на светот…