Како Европа сама ја создаде својата енергетска криза, а Италија го кажа она што Европа не сака да го признае
- Европската зелена транзиција беше започната пребрзо, без стратегиска основа и без економски реализам. Затоа денес ЕУ се наоѓа во една апсурдна ситуација. Тоа е институција од каде што се проповеда декарбонизација, но повторно се потпира на јаглен за да не ѝ се урне енергетскиот систем?!, вели наш соговорник. И можеби токму во оваа негова изјава се крие најголемата лекција за Брисел и за сите оние што ја проповедаат истата догма од Брисел. Енергетиката не признава идеологија. Таа признава само реалност!
Италија е подготвена повторно да ги активира термоцентралите на јаглен. Како одговор на можните енергетски предизвици произлезени од долготрајната енергетска криза во Европа, тесно поврзана со нејзиниот конфликт со Русија, како и поради конфликтот на Блискиот Исток, министерот за енергетика на Италија, Гилберто Пикето Фратин, пред неколку дена нагласи дека „Италија е подготвена да го оживее производството на електрична енергија во термоцентралите на јаглен“! Министерот истакна дека од стратешко значење е овие електроцентрали да бидат подготвени за погон, иако „ќе се настојува да не се користат доколку не е неопходно“. Италијанскиот министер Фратин го изнесе овој став во телевизиско интервју, нагласувајќи ја националната енергетска безбедност како приоритет. Тој децидно рече: „Имаме термоцентрали на јаглен, кои не би сакал да ги активирам повторно, но тие се тука како резерва за да ја заштитат нашата земја!“
Оваа превентивна мерка го нагласува фокусот на Италија на зачувување на енергетската отпорност и енергетскиот суверенитет во услови на глобална енергетска несигурност, потенцијално сигнализирајќи промена на стратегијата доколку енергетската криза во Европа продолжи, а и ако продолжи конфликтот на Блискиот Исток. Но зад оваа изјава се крие една многу подлабока вистина:
Европа почнува да се соочува со последиците од сопствената енергетска илузија!
Кога бриселската идеологијата ќе сака да го замени енергетскиот суверенитет
Европската „зелена транзиција“ требаше да биде „историски проект за модернизација на енергетскиот систем“ на бриселските елити. Наместо тоа, таа сè повеќе личи на експеримент што како бумеранг се врати врз сопствената економија. Во изминатата деценија европската влада (Европската комисија) донесе серија обврзувачки одлуки што тешко може да се објаснат со економска логика, што се покажаа како длабоко невизионерски. Имено, да ги споменеме одлуките за затворање стабилни нуклеарни електроцентрали, за забрзано напуштање на јагленот, за драматично поскапување на енергијата преку „јаглеродни даноци“, за наметнување на обновливите извори како единствено политички прифатливо решение… Да се изразиме во жаргонот на енергетиката, сето ова се случуваше додека „Европа немаше доволно батериски капацитети, стабилни резервни извори или модернизирани електроенергетски мрежи“. Со други зборови, неолибералната политика на Брисел ја престигна технологијата!
Германскиот експеримент се претвори во предупредување
Најдраматичниот пример е Германија, таканаречениот „економски мотор на Европската Унија“. Германската „енергетска револуција“ (Energiewende) беше претставена како модел што целиот свет треба да го следи. Но реалноста денес е далеку од енергетски импресивна. Имено, Германија ги затвори своите нуклеарни електроцентрали, продолжи со гасењето на јагленските централи, вложи стотици милијарди евра во ветерници и соларни панели, а сето тоа резултираше со висок тренд на цената на струјата и денес една од најскапите електрични енергии во светот. Германската индустрија почна да губи конкурентност, а фабриките за хемикалии, челик и автомобилска индустрија размислуваат да се преселат во САД или во Азија. Енергијата, основата на индустрискиот развој, за Германија станува луксуз?! А деиндустријализацијата реалност!?
Тивкото враќање кон базичното производство на енергија
Затоа не е случајно што токму Европа, која најгласно проповеда декарбонизација, повторно почнува да го отвора јагленот. Горенаведеното во Италија е само еден од примерите. Имено, Италија ги задржува своите електроцентрали како резерва. Германија веќе реактивираше дел од нив. Неколку источноевропски земји бараат одложување на плановите за затворање на ресурсите за производство на базна енергија, како што се капацитетите за производство од јаглен.
– Мила ми е зелената енергија, но помили ми се стопанскиот развој и благосостојбата на граѓаните и националната економија – вели еден енергетичар, токму од ЕУ.
И навистина, ова е еден од најголемите парадокси на европската енергетска политика. Колку повеќе се зборува за напуштање на фосилните горива, толку повеќе тие се враќаат кога системот ќе се најде под притисок. Енергетиката едноставно не функционира според некакви политички декларации, сковани во удобните кабинети на бриселските функционери.
Економија без евтина енергија е рецепт за деиндустријализација
Секоја индустриска цивилизација се потпира на три основни работи, а тоа се евтина енергија, сигурно снабдување и технолошка продуктивност. Кога првата алка ќе се скрши, целиот економски систем почнува да се распаѓа. Подолго време, Европа чувствува такви симптоми, како што е пад на индустриското производство, стагнација на економскиот раст, па и преселување на индустриски капацитети. Ниту еден економски модел не може да преживее ако основната енергија е скапа и нестабилна.
Зелената агенда како менгеме, а не како трамбулина за отскок на понеразвиените земји
Дополнителен проблем е што има обиди истата политика да им се наметне и на земјите во развој. Од нив бескомпромисно се бараат брза декарбонизација, воведување јаглеродни даноци, ограничување на традиционалните извори на енергија… Но за економиите што сè уште се индустријализираат, евтината енергија е прашање на опстанок, а не прашање на европска идеологија. Наметнувањето скапи зелени политики може да значи само едно – забавување или во најлошото сценарио, запирање на нивниот развој. Никој сериозен не тврди дека обновливите извори на енергија не треба да се развиваат. Напротив, тие се важен дел од идниот енергетски систем. Но тие не можат да бидат наметнати како политичка депеша со Директива од Брисел!
Реалната енергетска политика би било најдобро да се базира на баланс од повеќе енергетски ресурс, базична енергија, хидроенергија, обновливи извори, природен гас, нуклеарна енергија, но во секој случај на стабилни енергетски капацитети.
Италијанската порака што Брисел не сака да ја слушне
Одлуката на Италија да ги задржи јагленските електроцентрали како резервна опција е повеќе од техничка мерка. Таа е признавање на една непријатна вистина.
– Европската зелена транзиција беше започната пребрзо, без стратегиска основа и без економски реализам. Затоа денес ЕУ се наоѓа во една апсурдна ситуација. Тоа е институција од каде што се проповеда декарбонизација, но повторно се потпира на јаглен за да не им се урне енергетскиот систем?! – вели наш соговорник. И можеби токму во оваа негова изјава се крие најголемата лекција за Брисел и за сите оние што ја проповедаат истата догма од Брисел. Енергетиката не признава идеологија. Таа признава само реалност! Р.Н.М.































