Друштвото на филмските работници на Македонија изразува длабоко жалење по повод смртта на истакнатиот македонски продуцент Панче (Панта) Мижимаков.
Во својата обемна професионална биографија вбројува големи успеси на македонската кинематографија. Студирал на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград. Често работел на копродукциите и странските продукции што се реализираат во Македонија и Југославија. Во „Вардар филм“ соработува на поголем број играни, документарни и кратки филмови. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продукциска куќа „Пегаз“, со која има реализирано неколку филмски проекти. Бил продуцент и менаџер на продукција на филмовите: „Среќна Нова“, „Преку Езерото“, „Џипси меџик“, „Миротворец“, „Татко (Колнати сме Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Тајната книга“ и многу други значајни филмски остварувања.
– Филмот ни даде повеќе нам отколку ние него. Ни даде сѐ. Работејќи и патувајќи низ светот, запознавме луѓе за кои не сме можеле ни да замислиме. Кога би избирал пак во животов, пак би работел во филмот – изјави во една пригода Панче (Панта) Мижимаков.