Шенген-зоната со нејзиното деноминирање и почеток на демонтажа е уште еден еклатантен пример на бриселската немоќ за примена на принципите на владеење на (европското) право, во случајов за „кршење на слободата на движење“. Имено, сега отворено се крши и правилото на слободното движење, еден од фундаменталните принципи на постоењето и функционирањето на Европската Унија. Според европското право, ваквите отстапки од шенген-правилата се дозволени само во исклучителни околности и мора да бидат привремени. Соговорниците нагласуваат дека, генерално, кршењето на правилата, на утврдените норми или на задолжителните процедури што поминале во Европскиот парламент, но и како одлуки на Европската комисија, не е веќе инцидент, тоа е – веќе востановена практика!
Европската Унија сѐ повеќе влегува во процес на ерозија и флагрантно кршење на европското и меѓународното право
Во Европа сѐ повеќе земји членки на ЕУ воведуваат контроли на своите граници, и покрај тоа што ѝ припаѓаат на Шенген-зоната. Зачестуваат ерозијата и кршењето на европското право. И тоа не е нешто ново. „Европејците“ од Брисел и Стразбур „го потврдија кршењето на своите европски закони и во Европскиот парламент (ЕП) по повод гласањето за Извештајот на Томас Вајц за Македонија“. И не само тоа туку многубројни се примерите на кршење на меѓународното право, резолуции на Советот на Европа, па дури и Универзалната декларација на ООН. Тоа на неолиберален Брисел му стана пракса.
Најново, според нашите соговорници, сега шенген-зоната и нејзиното деноминирање се уште еден еклатантен пример за кршење на слободата на движење и очигледен пример на бриселската немоќ за примена на принципите на владеење на (европското) право. Имено, сега отворено се крши и правилото на слободното движење, еден од фундаменталните принципи на постоењето и функционирањето на Европската Унија. Според европското право, ваквите отстапки од шенген-правилата се дозволени само во исклучителни околности и мора да бидат привремени. Соговорниците нагласуваат дека кршењето на правилата, на утврдените норми или на задолжителните процедури што поминале во Европскиот парламент, но и одлуките на Европската комисија, не е веќе инцидент, тоа е – веќе востановена практика!
Збогум за ЕУ, добре дојде ЕУ!
Високи функционери на европски држави и политички експерти предупредуваат дека ако Шенген се демонтира, а внатрешните гранични контроли станат трајна пракса, тогаш се распаѓа целиот систем на шенген-концептот. Но дали само на шенген-зоната или распад ѝ се заканува и на самата Европска Унија?!
Интересна е информацијата што доаѓа од Соединетите Американски Држави, како анализа што отвора една дилема. Имено, дилемата во меѓународната јавност ја изнесува фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, со седиште во Вашингтон. Разработувајќи низа аспекти од функционирањето на ЕУ, оваа истражувачка невладина организација ја издвојува дилемата дали Европската Унија со своите институции се обидува да воспостави некаков „нов европски поредок“?! Додека Брисел молкум преминува преку уште еден симптом на владеењето на неправото, односно „демонтажата“ на „шенгенскиот граничен ѕид“, од страна на сѐ поголема низа нејзини членки веќе се разработуваат егзит-сценарија ако Брисел со својата нефункционалност (дисфункционалност на своите европски институции) продолжи да се движи кон автодемонтирање и на самата ЕУ!
Во документот со наслов „Големото ресетирање“, напишан од институтот за правна култура „Ордо Јурис“ од Полска и колегиумот „Матијас Корвинус“ од Унгарија, поддржан од шпанската Вокс (и некои други европски партии), се нагласува: „Збогум на сегашната ЕУ и на овие бриселски бирократи!“ Во јуни 2025 „Младите европски федералисти“ се огласија со гласна кампања и Манифест под мотото „Не гибај ми го Шенген 2025: 40 години слобода на движење – да ја зачуваме шенген-зоната!“
Почнувајќи од неделава, за Полска (на граничните премини со Германија и Литванија) веќе не важи Шенген?!
Полска веќе воведе гранични проверки со Германија и Литванија оваа седмица. Таа не е првата држава од шенген-зоната што го поткопува Шенгенскиот договор. И Германија ги зајакна проверките по должината на сите нејзини копнени граници, вклучувајќи и со Полска. Франција врши гранични проверки уште од 2015 година. Австрија воведе контроли на границите со Словенија и Унгарија исто така во септември во 2015 година и ги продолжува секои шест месеци, оправдувајќи ги со миграциски и безбедносни опасности. Словенија воведе проверки со Хрватска помалку од една година откако оваа земја влезе во Шенген, наведувајќи зголемена миграција и загриженост од организиран криминал. Германија почна да ги проширува контролите на своите граници лани есента. Ваквите мерки обично се оправдуваат како неопходни за спречување на нерегуларната миграција, борба против трговијата со луѓе или заштита на националната безбедност. Шенген-зоната беше создадена во 90-тите години од минатиот век. Во рамките на таа зона се овозможува патување без граници меѓу 29 европски земји, најголемиот дел од ЕУ, како и некои држави што не се членки, како Норвешка и Швајцарија. Таа го олеснува слободното движење на повеќе од 450 милиони луѓе и претставува основа на единствениот пазар преку отстранување на внатрешните гранични проверки за стока, услуги и работна сила.
Опција А и опција Б за ЕУ, но почитување и владеење на правото е неопходно да има!
Д-р Ричард Јангс, професор по меѓународни односи во Универзитетот „Варвик“ во Велика Британија, кој е и истражувач за демократија и владеење во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“ од Вашингтон, ја истакнува дилемата: Во анализата со наслов „Пресвртна точка или не? Принципи за нов европски поредок“, објавена на 10 април годинава, професорот Јангс пишува: „Лидерите и аналитичарите се согласуваат дека Европа се наоѓа на пресвртница. Но дали во Европската Унија се воспоставува некаков ‘нов европски поредок’? Но и како нов ‘поредок на европскиот континент’ му е потребен?!“ Ако уривањето на шенгенскиот систем е можеби еден од правците во кои некој замислува да создаде „нов европски поредок“, тогаш е прашање само на време кога и навистина оваа неолиберална Европска Унија ќе биде „демонтирана“?! Мадридскиот весник „Ел паис“ објави на 14 јуни една анализа во која неговите аналитичари пишуваат: „Опцијата А е демонтажата на Европската Унија. Опцијата Б е да се затвори оваа ЕУ и да се замени со една мини-верзија. Во секој случај, ѝ велиме збогум на сегашнава ЕУ! И двете „сценарија“ се опишани во „Големото ресетирање“, документ напишан од институтот за правна култура „Ордо Јурис“ од Полска и колегиумот „Матијас Корвинус“ од Унгарија, поддржан од крајно десничарската Вокс од Шпанија и други европски партии од сличен вид. Поддршката против ЕУ и бриселските бирократи од страна на Вокс, односно за споменатиот документ, претставува драматичен чекор напред за третата по големина политичка партија во Шпанија. „’Големото ресетирање’, кое двата аналитички центра го промовираат како мапа на патот за крајните десничари на европско ниво, е далеку од националистичка тирада или нејасна декларација за намери. Тоа е уреден и детален план сегашната ЕУ да се претвори во пепел!“
Институтот за правна култура „Ордо Јурис“ од Полска и колегиумот „Матијас Корвинус“ од Унгарија нудат две алтернативи, во кои се нагласува потребата да се задржи правото на слободно движење во Европа за работниците и другите европски граѓани, но не и движење на мигрантите што влегуваат во Европа. „Најдеталната алтернатива е претставена под името ‘Враќање кон корените“ и би ја доближила ЕУ – како што објаснува извештајот – поблиску до нејзиниот ембрионски модел од 1957 година, кога Германија, Белгија, Франција, Италија, Луксембург и Холандија го потпишаа Римскиот договор, потеклото на Европската економска заедница. Првата промена би била скратување на европските институции. Европската комисија би се трансформирала во ’генерален секретаријат’ под строга државна контрола без функција за донесување одлуки. Тоа би го означило крајот на капацитетот на комисијата да врши притисок. Европскиот парламент би се трансформирал во мешано собрание, составено од членови, избрани преку европски избори и други номинирани од националните влади, со советодавни овластувања. Целиот дизајн е во согласност со сеопфатната идеја: дека ништо не треба да ги ограничува националните влади, кои би ја задржале целата моќ“, пишува во анализата на шпански „Ел паис“.
Свето Тоевски