Духот на традиционализмот и приврзаноста кон традициите и семејните вредности се шири низ Америка на Трамп и претстојната „нова Европа“

  • Со еден свој навистина впечатлив настап во јавноста, претседателот на САД, Доналд Трамп, недвосмислено (и уште еднаш) ги потврди својата, како и приврзаноста на неговата Републиканска партија кон традиционализмот, традициите и традиционалните вредности, кон концептот на здравото семејство и просперитетното општество – општествени концепти и дел од американските традиционални вредности, кои американските демократи и неолиберали, „облечени“ и во „глобалистичката рува“, ги отфрлија, заменувајќи ги со некакви други, дивергентни, неприродно општествени, родови и семејни експерименти. Според повеќе западни аналитичари, „Трампова Америка и новата Европа се „збогуваат“ со нечовечниот неолиберализам“. Во еден таков контекст, каде се гледа традиционална Македонија?
  • Во изминатите години некои од главните американски вредности, како што се американскиот патриотизам, склучувањето бракови и имањето деца, напорната работа, чувството на лична одговорност, покажуваа тенденција на опаѓање, но, како што пишува политичкиот аналитичар Ерин Норман во својата анализа со наслов „Дали навистина Американците се повлекуваат од своите традиционални вредности“, во новите скорашни анкети и истражувања на јавното мислење, Американците „започнуваат да покажуваат промени и охрабрувачки резултати“…

„Ние сме обединети околу вредностите на семејството и верската слобода. Ние веруваме дека вербата во Бог и нашите јудеохристијански вредности се од суштинско значење за здраво американско општество. Ние веруваме во семејството. А семејството е навистина основа на просперитетно и добро општество. Ние веруваме во родителските права. Ние веруваме дека верската слобода е основата на секоја слобода. Тоа е апсолутна основа на секоја слобода. И ние веруваме во правична и еднаква правда според Уставот, владеење на правото“, кажа Доналд Трамп како републикански кандидат за нов претседател на Соединетите Американски Држави на својот предизборен митинг во арената „Сантандер“ во Ридинг, Пенсилванија, на 4 ноември 2024 година. Со ова свое впечатливо истапување тогаш Трамп уште еднаш ги потврди својата приврзаност кон неговата Републиканска партија, кон традиционализмот, традициите и традиционалните вредности, кон концептот на здравото семејство и просперитетното општество – општествени концепти и дел од американските традиционални вредности, кои американските демократи и неолиберали, „облечени“ и во „глобалистичката рува“, ги отфрлија, заменувајќи ги со нездрави и назадни општествени, родови и семејни експерименти.

Роберт Ф. Кенеди: Традиционализмот на Трамп втемелен на биолошката вистина

На 21 февруари 2025 година американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди го објави новиот водич за родителските термини, со кој се дефинираат поимите „мајка“ и „татко“, засновани врз биолошката класификација како дел на политиката на претседателот Трамп во неговиот втор мандат, за разлика од политиката што ја водеше администрацијата на Џо Бајден во оваа област. Роберт Ф. Кенеди ги најави новите насоки, како што посочи, кои ги дефинираат „мајката“ како женски родител и „таткото“ како машки родител, како дел на сојузната политика на претседателот Трамп за постоењето „само два пола – маж и жена“. Според странските соговорници, „Трамп и неговата администрација со ова ги урнаа бесмислените, но и особено штетни и опасни неолиберални концепти за семејната заедница“, замислена да почива врз два „нови столба“, „родител 1“ и „родител 2“ наместо врз мајката и таткото. „Оваа влада и оваа администрација ја враќаат назад, ја возобновуваат биолошката вистина“, посебно нагласи овој американски министер во своето обраќање до американската јавност.

Дали бролигархијата е реална или е мит?

Во својата научна студија со наслов „Уметноста на Доналд Трамп: дали бролигархијата е реална или е мит?“, објавена во 2025 година, американскиот политиколог д-р Марк Данкан посочува дека токму враќањето кон традиционалните вредности, кое го спроведува сега Трамп, е еден од столбовите на неговата МАГА-политичка филозофија и пракса во Соединетите Американски Држави. „Фразата ‘Да ја направиме Америка повторно голема’ )Make America Great Again – MAGA) Трамп ја возобнови, ја преобрази како дефинирачки симбол на неговото движење. МАГА кај Трамп стана синоним на економско заживување, национална безбедност и враќање кон традиционалните вредности. МАГА на Трамп одекна длабоко кај многу Американци, кои се чувствуваа разочарано, кои ги изгубија своите соништа, поради глобализацијата, политичките елити и културните промени“, напиша Данкан во оваа своја политиколошка студија.
Во изминатите години некои од главните американски вредности, како што се американскиот патриотизам, склучувањето бракови и имањето деца, напорната работа, чувството на лична одговорност, покажуваа тенденција на опаѓање, но, како што пишува политичкиот аналитичар Ерин Норман во својата анализа со наслов „Дали навистина Американците се повлекуваат од своите традиционални вредности“, објавена во американскиот информативен портал „Хил“ на 29 март 2023 година, новата анкета и истражување на јавното мислење на Американците започнуваат да покажуваат промени и охрабрувачки резултати. „Идеалот за патриотизам сè уште обединува три четвртини од Американците. Американскиот идеал за индивидуализам и лична одговорност е важен за 91 процент од Американците. Напорната работа и успехот, кои се во срцевината на американските вредности, се на врвот на листата, а 94 отсто од испитаниците изјавиле дека им се важни. Седумдесет отсто го ценат бракот, а 65 отсто имаат деца. Овие бројки сугерираат дека треба да се работи да им се помогне на Американците: треба да се променат даночните кодекси што ефективно го казнуваат бракот и да се намалат регулативите што ги зголемуваат трошоците за раѓање деца“, заклучи Норман во својата аналитичка статија, заснована врз наодите на споменатото истражување на американското јавно мислење спроведено од „Волстрит журнал“.
Ова е еден од индикаторите дека духот на традиционализмот сѐ уште опстојува во САД, но со повторното доаѓање на Доналд Трамп во Белата куќа од крајот на 2024 година започна да се засилува враќањето кон американските традиционални вредности. Во Трампова Америка веќе претстои реализација на таканаречениот Проект 2025, кој е подготвен од фондацијата „Херитиџ“, со учество на најмалку 140 луѓе, кои работеа во првата администрација на Трамп. „Фондацијата ’Херитиџ’ е заснована врз принципи на слободно претприемаштво, ограничена влада, индивидуална слобода и на традиционалните американски вредности. Проектот 2025 претставува христијанска националистичка визија за Соединетите Американски Држави. Во неговото спроведување е вклучена и конзервативната организација наречена ’Центар за обновување на Америка’“, напиша, покрај другото, Џастин Клевенс во својата анализа со наслов „Проектот 2025 може да се покаже како голем во втората администрација на Доналд Трамп“, која е објавена на 13 јануари 2025 година во „Вик“.

Враќање кон традиционализмот и кај сѐ поголем број европски државници и политички лидери, не само од редовите на европската десница

Во екот на идеолошките промени на глобално планетарно ниво, враќањето на Трамп и неговата Америка кон традиционализмот, традициите и кон традиционалните вредности се совпаѓа и со враќањето кон традиционализмот и кај сѐ поголем број европски државници и политички лидери, не само од редовите на европската десница. Но што претставуваат, поедноставено кажано, традиционализмот и традиционалните вредности? Верување во традициите и нивно одржување, приврзаност кон вредностите на патријархалната култура, кон концептите и нормите на здравото и нормално општество и семејство, кои се основа за општествениот и индивидуалниот напредок и просперитет – ова е поедноставената дефиниција за традиционализмот и традиционалните вредности, кои се длабоко вградени во политичката пракса на американскиот претседател Доналд Трамп и сѐ поголем број европски лидери и политичари, кои ги отфрлаат општествените и родовите експерименти и идеологијата на неолиберализмот. Овој нечовечен неолиберализам ги надмина сите граници, обидувајќи се да воспостави во светот, во САД и Европа, некаква општествена и семејна „нова нормалност“, од мнозина доживеана, условно кажано, и како „нова ненормалност“.
Но духот на новото време, покрај во САД, и во Европа го навести уште во 2015 година и поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус. Осврнувајќи се и на состојбата со индивидуалните (не)слободи и националниот (без)просперитет на жителите и државите во Европа, како и на борбата на крајно десничарските партии во Франција, Австрија, Германија и во Италија за менување на таа сѐ понеповолна и сѐ понеприфатлива состојба на европскиот континент, Клаус ќе укаже: „Луѓето почнуваат да ги отвораат очите, да гледаат наоколу, да зборуваат, да го изразуваат своето незадоволство од ‘доблесниот нов свет’ без слобода и демократија, од светот во кој се потиснуваат старите вредности, традиции, обичаи и навики, од светот на новите аристократии… За да ја заштитиме слободата, ние ќе треба да ја рехабилитираме суверената национална држава…. Нам ни требаат одговорни граѓани, закотвени во домашната реалност, а не космополитски, егоцентрични, саможивни поединци, кои ‘пловат’ на површината и бараат краткорочни задоволства и предности – без корени и одговорност“. Десет години подоцна, суверенистички ориентираните партии во Франција, Холандија, Чешка, Словачка, Германија, Италија, Австрија и во други европски земји решително започнаа, како и нивните „браќа по идеологија преку океанот“, во Трампова Америка, да бараат враќање исто така кон „универзалните, со милениуми докажани вредности и вредносни системи“, кон традициите и таквите поведенија, кои во минатото беа одлика на европската култура и напредок, а кои сега ги напушти Европската Унија.
„Затоа десничарските и другите еврокритични партии во Европа ги отфрлаат дегенерираниот неолиберализам и Европската Унија, претворена во неолиберална федерација. Овие партии инсистираат на Европа на нациите и на враќање, задржување на европските слободи на граѓаните во Европа“, заклучуваат д-р Квин Слободијан, професор по меѓународна историја на школата за глобални студии „Фредерик С. Пердју“ при Универзитетот во Бостон, САД, и д-р Дитер Плехве, научен истражувач во Центарот за општествени науки во Берлин и предавач по политички науки во Универзитетот во Касел, Германија, во нивната обемна научна студија со наслов „Деветте животи на неолиберализмот“, издадена во 2020 година.

Марта Морено-Гереро: Постоењето на европските вредности е доведено во прашање!

Новинарката Марта Морено-Гереро, магистерка по меѓународна политика и новинарство, во својата анализа со наслов „Кои се европските вредности, инаку?“, објавена на 2 август 2024 година, потсетува првин дека во согласност со Лисабонскиот договор од 2007 година, врвниот акт на ЕУ, темелни европски вредности се мирот, демократијата, почитувањето на човековите права, правдата, еднаквоста и владеењето на правото.
„Но, самата Европска Унија ги игнорира овие свои принципи, врз кои е втемелена, кога тие ќе станат за неа незгодни. Договорот за Европската Унија вели: ’ЕУ е заснована врз вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права…’ Навистина, како што истакнува социологот Каролин Гибет Лафаје, „постоењето на европските вредности е доведено во прашање“, предупредува Марта Морено-Гереро.
Еднакво како и во Трампова Америка, ветриштата на традиционализмот започнаа да „дуваат“ сѐ посилно и низ новата суверенистичка политичка Европа, која е во зародок Постојната Европска Унија започнува да се означува од низа реномирани политички експерти како „неолиберална федерација на држави“. Еден од најголемите опоненти на ваквата Европска Унија, со своите еврократи отуѓена од европските народи, е унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е еден од водечките европски државници и европски лидери. При посетата на бразилскиот претседател Болсонаро на Унгарија на 17 февруари 2025 година Орбан изјави дека разговарал со Болсонаро за „традиционалниот семеен модел“. „Еден маж и една жена го сочинуваат семејството и ќе направиме сѐ што можеме на секое ниво за да се осигуриме дека не се релативизира тој концепт“, посебно нагласи унгарскиот премиер Орбан.

Вкупно 73 проценти од испитаниците во ЕУ пројавиле позитивен став кон концептот на семејството, а само 7 проценти имале негативен одговор

Во својата редакциска анализа со наслов „Важноста на семејните вредности останува неспорна во Европа – семејните вредности се особено важни за Европејците“, унгарскиот информативен портал „Сазадвег “ на 23 јануари 2023 година имаше констатирано: „Искуството од последните години покажува дека семејството е особено важно за повеќето Европејци, а тоа особено важи за Унгарија“. Најновото истражување на ’Сазадвег’ ја анализираше важноста на семејните вредности по земја и група земји со цел да се направи одредена разлика. Вкупно 73 проценти од испитаниците во ЕУ пројавиле позитивен став кон концептот на семејството, а само 7 проценти имале негативен одговор кон тоа прашање. За разлика од Шведска, Словенија, Германија и Франција, земјите од Балканскиот Регион имаат најпозитивен однос кон семејните вредности, а Чешка е прва од небалканските земји, со 82 отсто“.
Сегашниот италијански вицепремиер Матео Салвини уште во 2018 година, како тогашен министер за внатрешни работи, нареди веднаш од сите официјални формулари на тоа италијанско министерство да се исфрлат термините „родител 1“ и „родител 2“. „Ќе ги користам сите свои законски овластувања за заштитата на концептот ‘природно семејство’, заснован врз врската меѓу мажот и жената“, кажа тогаш категорично овој влијателен италијански и европски политичар.

Создавање почит и пиетет кон македонската држава, нација, национални и државни инсигнии…

Се чини дека духот на новото време, кое се шири низ Трампова Америка и новата политичка суверенистичка Европа, која полека ја раѓа „Европската Унија на суверени нации“, ги отфрла реално назадните неолиберални општествени, родови и семејни концепти, кои ги газеа и ги отфрлаа традиционалните општествени и семејни вредности. Република Македонија, која е традиционална држава, незапирливо се движи кон новите европски општествено-политички пејзажи што ги креира духот на новото време, сепак вткаено во здравите и проверени традиции на минатото. Тоа подразбира дека треба да се елиминираат секакви влијанија во образовниот систем што ги релативизираат патриотизмот, традиционализмот, почитувањето на семејството, родителите и повозрасните… Треба да се препознаат процесите што значат здраво воспитување и образование, познавање на своето потекло и духовност, создавање почит и пиетет кон својата држава, нација и национални и државни инсигнии (симболи) и истите тие да се поттикнуваат и негуваат и ќе бидат основа за општествено напредување и основа за градење на македонската нација и Македонија во иднината.


Исконска традиција на една нација е да ги негува и унапредува својот јазик, култура и наследство, па, така, и на македонскиот народ и нација

Дали е случајно тоа што американскиот претседател Доналд Трамп деновиве потпиша извршна претседателска наредба со која се официјализира англискиот јазик како службен во цела Америка, а се укинуваат „јазичните експерименти“ на неговиот претходник Бајден, на пример, со примената и на шпанскиот јазик во официјалната комуникација? Наши соговорници велат дека Трамп беше доволно мудар да сфати дека непостоењето еден официјален јазик во една суверена држава може да биде фактор дури и за нејзино дезинтегрирање, првин по „јазичните линии“, а потоа и по административните (државна управа, правосудство, образование, здравство, безбедност и одбрана итн.), и практично по сите општествено-политички внатрешни линии во конкретната држава, ако нема во неа еден јазик како фактор не само за општествена комуникација,туку и како фактор на кохезија на таа држава и нејзиното општество.
Во тој контекст, Европската Унија, Бугарија, Грција, однадвор не случајно го негираат самото постоење на македонскиот јазик, паралелно со внатрешните обиди во Македонија за разбивање на унитарниот карактер, да се воведе вештачка двојазична официјалност и да се разбие традиционалната кохезивна, обединувачка улога на македонскиот јазик не само како едно од темелните човекови права на македонскиот народ, како дел од темелните вредности според европските принципи и вредности, туку и во улога како фактор на кохезија на македонската држава и нација.


Традиционалното семејството и бракот – основна клетка на здравото и напредно општество

Неолибералните експерименти со родовата идеологија и милениумските позитивни искуства од функционирањето на нормалната брачна и семејна заедница, насилните менувања на улогата и статусот на таткото и мајката преку „новата терминологија“ „родител 1“ и „родител 2“ доживуваат крах. Новиот водич на администрацијата на Доналд Трамп уште веднаш ги исфрли од општествената пракса и од законската регулатива овие абнормални „родителски термини“. Италија и други европски држави го следат примерот на американскиот претседател. Останува да се проверат укажувања дека, наводно, и во Македонија сѐ уште во образовната пракса и во водењето на социјалните работи се „провлекуваат“ „родителот 1“ и „родителот 2“. Семејството и бракот остануваат основната клетка на здравото и напредно општество и на Македонија и на секоја друга држава.


Универзалните вредности, како и вредносниот систем на религиите во своите изворни форми, се дел од сетот на традиционалните вредности на САД, во Европа, а и кај нас

И духовната традиција има свое значење и вредност

Доналд Трамп ја дефинираше Америка како „јудеохристијанска држава“, во која религијата и Бог повторно ја задобиваат својата важна улога, со признавањето и почитувањето на верските права и слободи на секој американски државјанин. Во времето на претходниот демократскиот претседател на САД, Џо Бајден, христијанската религија, на пример, беше маргинализирана, а во САД функционираа, а така е и сега сѐ уште, храмот и сатанистичката „религија“. Според низа индикатори и елементи што допрва ќе излезат во јавноста, не беше нималку случаен палежот на катедралата „Нотр Дам“ во Париз пред пет години, продавањето на објектите на низа цркви во Западна Европа и нивно претворање во световни објекти, продавници… Христијанската религија во започнатиов период на создавањето на новата политичка Европа на суверените нации постапно се враќа во сетот на традиционалните вредности на европските народи. Во традиционална Македонија во практикувањето на разните вероисповеди, христијанската, муслиманската и другите, сепак се задржа едно релативно високо ниво на традиција, толерантност, меѓусебна респектабилност и негување на тие духовни традиции, за разлика од Европа, Македонците и другите граѓани на Македонија остануваат како дел од најдуховно посветените жители на европскиот континент.

Свето Тоевски