Фото: Маја Јаневска-Илиева

Некои од аналитичарите велат дека интегративците цело време зборуваат за некакви ветинзи, за демократија во партиите, а самите не се подготвени да прифатат владеење на правото во државата на чие чело беа две децении

ДУИ најавува бојкот и блокада на локалните избори ако се интервенира во Законот за јазици

Во пресрет на подготвителната седница на Уставниот суд на која треба да се слушне експертското мислење во врска со спорните одредби од Законот за употреба на јазиците, опозициската ДУИ повторно се заканува дека ќе се спротивстави на секаков обид за каква било интервенција во законот, одејќи дотаму што најавува бојкот на локалните избори и блокада на изборниот процес.
– Ако го допрат Законот за јазици, нема да има локални избори, нема да може да се постават гласачки кутии. Законот не е на ДУИ. Законот е и на оние што ќе се родат додека изгрее сонцето. Затоа секој Албанец мора да стане господар на правото на јазикот, ниту да го политизира ниту да го проблематизира – изјави Ахмети.
Неговиот сопартиец и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи порача дека не може да има локални избори без парламентарни избори, но и без враќање на балансерот, бадентер и без гаранција за Законот за јазиците.
– Ние велиме дека не може да има избори во услови кога Албанците ќе бидат деградирани до тоа ниво. Ќе се создаде длабока политичка криза. Албанците нема да дозволат денот да продолжи како ништо да не се случило. Тоа е морална обврска, тоа е национална обврска, тоа е човечка обврска кон оние што ги дале своите животи за овој јазик. И сега ќе се однесуваме како ништо да не се случило – истакна Османи за „Дејли клик“ на ТВ21.
Од друга страна, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, е категоричен дека владеењето на правото мора да биде основна водилка во државата.
– Јас сакам граѓаните да видат самите, да не дозволат да бидат манипулирани, за што ќе разговараме ние на таа подготвителна седница на 20 март. Таму ќе слушнете само уставни аргументи, аргументи од меѓународното јавно право, од човековите права, од меѓународните стандарди… Сакам да ја разбијам онаа манипулација дека ќе сме укинеле нечие право. Од кога тоа владеењето на правото повредува нечии чувства – праша Костадиновски во гостувањето на поткастот „На кавга со Иван“.
Некои од аналитичарите сметаат дека заканите што постојано доаѓаат од страна на ДУИ се само обид одново да се факторизираат, но и да најдат изговор како да не учествуваат на избори на кои многу веројатно би загубиле.
– Интегративците цело време зборуваат за некакви ветинзи, за демократија во партиите, а самите не се подготвени да прифатат владеење на правото во државата на чие чело беа две децении. Упорно ја манипулираат јавноста, особено албанското гласачко тело, дека се укинува Законот за јазици, а се работи за толкување на неколку спорни одредби што не ја засегаат суштината на самиот закон. Но целата оваа работа што ја пласира Ахмети е само за да се одржи на политичката сцена. Ако на локалните избори коалицијата Вреди добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ онаму каде што ќе се тркаат со градоначалниците од ДУИ, тогаш повеќе од веројатно е дека интегративците ќе загубат и на тој начин ќе се соочат со дополнително одлевање на членството, што ќе отвори простор за внатрепартиска борба околу идниот лидер во партијата. Не е исклучено дури и да ја снема партијата од политичката сцена, па затоа се овој последен обид и закани со бојкот и блокирање на локалните избори – сметаат аналитичарите.
Според нив, Македонија како држава мора да покаже капацитет и институционално да ги решава сите прашања, без оглед колку и да се чувствителни.
– На таа подготвителна седница ќе бидат присутни 15 експерти што ќе аргументираат за спорните одредби во Законот за јазици. Меѓу нив ќе биде и еден од потпретседателите на Венецијанската комисија, која уште одамна имаше забелешки, но Османи тогаш зборуваше дека подоцна ќе ги имплементирале забелешките во законот, што не се случи. На седницата во Уставниот суд ќе има и експерт за малцински права од Европскиот суд за човекови права, така што пораките на Ахмети за некаков заговор против Албанците во земјава не држат вода, туку се работи исклучиво за спас на сопствената политичка кариера и ништо друго – заклучуваат аналитичарите.

С.Т.