Познатиот писател за деца Стојан Тарапуза наполни 91 година
На омилениот автор на најмладите читатели и чест гостин на страниците на „Колибри“ му посакуваме неговото волшебно перо да не престане да ниже убави зборови, кои ќе им го разубават детството и на идните генерации
Зад девет езера, зад девет гори, зад девет мориња и зад девет зори, во раскошен дворец од снег и мраз, животот си го живее Дедо Мраз. Како го живее и со кого, кој видел – знае, но сказната за него со векови се ткае… Во неа тој е старец-живожарец, темелит, стамен, поцрвен и од пламен!
Под носот – мустаци, под устата – брада… Секогаш е дотеран ко за на парада! Капата му е со најбела цуцка, кожувот – од најтопли руна. Не се плаши од ништо, ни од ветрова буна. Не се плаши тој ни од полноќни мрачки – очите му се две небесни зрачки!
Секогаш е насмеан, секогаш е ведар, секогаш е дарежлив и премногу штедар. Повреден е и од работник-рудар, поумен е и од волшебник мудар!
За него секој со восхит збори… Тој, пак, кутриот, по Нова година гори! Со зимата си игра и „еца беца“, премногу ги сака најмалите деца. За него се тие коњчиња волни, со шарени желби секогаш полни. Со нив се дружи и најгласно се смее и ваква песна крај елката им пее:
Јас сум, деца, најстар старец – ваш пријател – беложарец.
Од устата песни ригам,
со санката сегде стигам!
Подароци носам, давам,
под елките сам ги ставам.
Роден сум под среќна ѕвезда –
во желбите имам гнезда!
Зад девет езера, зад девет гори, зад девет мориња и толку зори, во најубав дворец од снег и од мраз, среќно си живее најдобриот Дедо Мраз!
Снегулка и дете
Денеска во часот ран, една снегулка со падобран, од облак во просторот влета и на едно детско рамо слета.
Здраво!
Здраво!
Јас сум снегулката!
Каква снегулка?
Снегулка – егулка. Од облак изнедрена, од радост разведрена, од небото понебесна, од прелест попрелесна….
Каква си – таква си! Тантара-там! Но што те понесе и кој те донесе, кажи да знам?
Ме понесе една желба мила, ме донесе ветре со невидливи крила!
И? И сега сум ко пердувче само – на твоето рамо!
Затоа пофали ме, погали ме! Бела сум, смела сум и што е најважно- цела сум.
Таква си, се гледа, посјајна си од веда!
(Од книгата „Птицата од саатот куку“)
За авторот
Стојан Тарапуза е роден на 29 декември 1933 година во Злетово. Основно образование завршил во родното место и во Штип, а Средно техничко училиште и Виша педагошка академија во Скопје, каде што и денес живее. Речиси целиот работен век го помина како новинар и уредник во редакцијата Емисии за деца на МРТ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година.
Како автор дебитира со стихозбирката за возрасни „Црвено растење“ во 1961 година. Напишал дваесетина книги за деца, меѓу кои се и „Грејни сонце“, „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“….
Застапен е во повеќе антологии, а негови песни досега се преведени на руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво.
Застапен е во читанките и во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите собрани дела во три тома.